Епископ стобиски Давид: Нееднаквиот среде еднаквите!

%d1%81%d0%bf-02-03-2017

„Ќе ти кажам една тајна, пријателу. Не го чекај денот на судот. Тој се случува секој ден“, вели Албер Ками и неговите зборови се проникнуваат, се преплетуваат со нашето секојдневие, во кое на историска проценка се ставени чинители од областа на политиката, судии, но и, воопшто, секој граѓанин, кој може да придонесе во остварувањето на идеалот за општествена правда. Особено во нашево време, во деновите кога лесно од демократ се станува тиранин, и обратно.

Разоткривајќи, пак, како се станува тиранин од демократ, Платон смета дека појдовна точка, несомнено треба да биде разгледувањето на начелото на желбите. Поточно, тој со префинети детали се осврнува на себецентричните желби, кои се однесуваат на соништата. Имено, во вдахновениот превод на Елена Колева, читаме дека: „сонуваните похоти се јавуваат кога спие едниот дел на душата, логичниот, кроткиот и питомиот дел на душата (Платон, „Политеја“, Три, 2002 г.). Тогаш, значи, кога овој дел спие, оној другиот, ѕверскиот дел, надуен од јадење и пиење, скока незауздано, и се осмелува да прави сенешто, да сквернави, да убива, да посега кон секакви безумни нешта во сонот.

На истиот, гореопишан начин, збрканиот и раздразнет човек, според Платона, се стреми да завладее со луѓето, бидејќи таквиот верува дека има моќ над сите. Оваа појава ја среќаваме и денес, кога мнозина конфузни личности, биваат убедени во нивната надмоќ. Значи, човекот станува тиранин кога е исполнет со „црна жолчка“, та живее предаден на целосно растурање на сопствената личност, а тоа го прави со материјалните добра, кои ги поседува. Кога, нив ќе ги истроши, тогаш се оддава на грабеж!

Логично е да се има предвид дека Платон го пишува своето дело во време кога античкиот поим за демократија подразбирал дека граѓаните треба да бидат најмалубројни, а најбројни да бидат робовите. Во тогашната Атина со приближно триста илјади жители, граѓани (т.е. лица кои имале лична, економска и политичка слобода), биле помеѓу триесет и педесет илјади, а бројот на робовите многукратно го надминувал бројот на граѓаните. При таква демократија трудот секогаш им бил делегиран на робовите, бидејќи според античкото сфаќање на граѓанството (чиј бележит претставник е Аристотел), граѓанин може да биде само она лице, кое е слободно од потребата да работи, та следствено, да се биде слободен, е условено од тоа да се има барем еден или повеќе робови. Оттука, и тогаш, но се чини и денес, останува актуелно прашањето, кое го поставува самиот Платон: што би се случило со нееднаквиот, доколку биде подигнат и оставен среде пустината, целосно сам, а опкружен со еднаквите, со своите робови/слуги, па нека се и најверните?!

Нема да претендирам на ексклузивност, но еден од моментите, кои претставуваат пресврт во историјата на човештвото, во однос на изострување на критериумите за општествена правда и нивно применување во пракса, бездруго е беседата на св. Григориј Нисиски, изговорена за стиховите: „Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат“ (Матеј 5. 6). Дејствително, не еднаш се покажало дека моќниот збор, кога ќе биде изговорен, кадарен е да го смени и сиот тек на човековата историја.

Постојат, значи, повеќе и различни видови на храна, од кои едниот за некого е попријатен од другиот вид. Некои луѓе сакаат да се хранат само на богата трпеза, некои копнеат да се најадат со слава, некои со богатство, други, пак, се гладни за завист и злоба. Дали среброљубецот некогаш е задоволен со среброто што го има! Или славољубецот со славата! Наспроти нив, постојат луѓе, кои се гладни за вистинско добро и за вистинска правда, а успехот во правдата е секогаш проследен со радост. „Правдата не се наоѓа само во власта или во судот. Не е возможно некои луѓе да бидат издвоени како носители на вистината, бидејќи таму кадешто постои надмоќ, нема рамноправност, и таа нерамноправност брзо се покажува како неправда“, авангардно за своето време, се изразува св. Григориј Нисиски. На трпезата, на која се поканети сите, вистината подеднакво се раздава за секој човек, без разлика дали е министер или работник, сиромашен или богат. Значи, за разлика од Платон за кого општествената правда е правилна нееднаквост, за св. Григориј Нисиски општествената правда се поистоветува со еднаквост помеѓу луѓето.

Во каков вид општества спаѓа нашето, или, за што се гладни и жедни делови од општеството, секој мислечки човек ќе процени самиот! Конечно, владеењето на правото, правната сигурност и вистината, не треба да бидат привилегија на малкумина. Согласно на философот, кој може да биде сигурен дека некој од малкумината не вкусил човечко месо и со тоа се претворил во волк! А, државата е, нели, таква, каква што е состојбата на душата на човекот.

Човекот ги остварува оние содржини во животот, за кои копнее. Оние, кои се гладни и жедни за правда, невозможно е да не ја заситат својата глад. Тие што го изгубиле апетитот, ќе живуркаат со интелектуална анорексија. Потребно е да се изострат гурманските афинитети за храна и питие, оти аристократијата на духот копнее за широкоградоста на правдата, а понижените само за својот минлив, трулежен интерес.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2464/neednakviot-srede-ednakvite