Епископ стобиски Давид: Осуда на нападите врз новинарот Бранко Героски!

Во повеќе наврати јавно сум истапувал против насилството, кое, сѐ почесто, се спроведува врз мнозина новинари! Се имам заложено за слободата на израз дури и на оние новинари – „секуларни свештеници“, чија задача е да пишуваат комесарски извештаи. И, останувам на тие заложби! Не е возможно човек да се грижи за правата и слободите на некои луѓе, а да не се грижи за правата и слободите на сите луѓе.

Најостро ги осудувам и најновите нападите на кои е изложен новинарот Бранко Героски. Општо познато е дека современите социолози, во насилниците препознаваат, единствено – криза на идентитетот. Колку поголема криза на идентитетот, толку поголемо насилство!

Знам, на Бранко Героски му е мошне добро познато дека кога сонцето на една култура се наоѓа ниско на хоризонтот, тогаш дури и варваризираните џуџиња фрлаат големи сенки.

А, на сите нам заедно ни претстои сонце, кое зрачи на пладне!