Епископ стобиски Давид: Политички суд врз метаисторијата!

СП 16. 03. 2017

Пред два дни заврши нашиот повторен судски процес, во кој според апсурдниот обвинителен акт, бевме товарени за следново: парите, кои архиепископот Јован ги „земал“ од МПЦ, помеѓу 1998 г., и 2002 г., после десет години „ни ги поделил нам“, за, со нив, „ние да купиме“ имот за здружението за заштита на верските слободи „Анастасија“! Процесот имаше јавен карактер, а пресудата ќе биде соопштена на 24, овој месец.

Останува мое лично уверување, дека законите, според кои се раководи еден суд, не би требало да бидат оковани во стерилните рамки на партиските директиви, туку треба да го содржат духот на човекољубието, кој чини правото да биде креативна наука. Следствено, оние кои се неспособни творечки да проникнат во духот на законите, си шкрабаат обвиненија од кафкијански тип, или, пак, си изрекуваат политички „коректни“ пресуди, токму како Пилат.

Допрва ќе видиме дали судот ќе си ја заврши домашната задача, т.е. дали ќе сака да ја види пресудата К.бр.136/12, која му стои пред носот, изречена од Основниот суд Велес, и истата потврдена од Апелациониот суд, К.Ж. бр. 930/12! Овие пресуди се децидни: средствата на МПЦ, со кои управувал архиепископот Јован од 1998 г., до 2002 г., се веќе – потрошени! Исто така, согласно на пресудите за потрошените средства, архиепископот Јован веќе издржа затворска казна во најсурови, идризовски услови. Истовремено, судот грубо го прекрши секуларното уредување на државата со тоа што се стави во позиција да му одредува на еден епископ, како смее да ги ползува средствата, а како не смее, внатре во рамките на неговата верска заедница, која е одделена од државата!

Според чл. 254, ст. 2, од законот за кривична постапка, обвинителниот акт треба да содржи и: „околности потребни за што поточно да се определи кривичното дело”. Во обвинителниот акт се вели дека: „обвинетите (тука набројува 19 имиња, помеѓу кои е и моето), иако знаеле дека парите се стекнати со казниво дело, ги примиле од првообвинетиот“, и уште додава: „ги примиле (sic!, веќе потрошените пари), во готово, на рака“! Постои ли трезвеномислечки човек на кого не му е јасно дека Јавното обвинителство не треба да ги основа обвиненијата на гатачките афинитети на обвинителите! Едноставно, треба да се приложат конкретни докази: лични признанија, фотографии или видео материјали на кои јасно ќе се гледа како сите обвинети ги примаат средствата, како што се вели – „на рака“. Јавното обвинителство не ги приложи ниту посочените, ниту било какви докази, та судот првиот пат нѐ осуди од ѓутуре. Овој пат, судот не смее да заборави да го консултира барем и прирачникот за спроведување на дејствија за спречување на перење пари, издаден од Министерството за финансии, та ќе ги види индикаторите, кои се однесуваат на лицата, што вршат перење пари! Таквите лица никогаш не даваат лични податоци во банката, вршат трансакции во големи износи, се обидуваат да го сокријат идентитетот на крајниот сопственик преку комплексна структура на правни лица; а, индикаторите, пак, кои се однесуваат на трансaкциите, се: сложени, невообичаено големи трансакции, последователни трансфери на средства без очигледна цел, купување на добра во име на малолетници и т.н.! Од сите постоечки и препознатливи индикатори, кои ги наведува релевантниот прирачник, дополнително станува кристално јасно дека обвинителниот акт лебди на површноста од човековата егзистенција. Во овој случај не постои комплексна структура на правни лица, не постои криење на идентитетот, ниту големи износи, та затоа, обвинителниот акт само ја става под сомнеж кадарноста на Јавното обвинителство!

Значи, судот, без никакви докази, еднаш ни пресуди дека сме зеле пари за кои постоеше судска пресуда дека веќе биле потрошени, и за кои постои издржана затворска казна од страна на архиепископот Јован! Ќе сочекаме да видиме дали судот ќе ја продолжи праксата, спротивно на законот, двапати да осудува за една иста работа, и, спротивно на законите на физиката, да тврди дека е возможно на волшебен начин да се делат пари, за кои е утврдено и пресудено дека се потрошени!

Ги следам извештаите за состојбите со човековите права и верските слободи, кај нас. Ќе цитирам еден неодамнешен извештај на американскиот Стејт Департмент: „Уставот и законите обезбедуваат независно судство. Сепак, владата, политичкиот притисок, заплашувањата и корупцијата влијаат врз судството. Владата ја користи својата буџетска надлежност да врши контрола над судството“. Логично е да се постави прашањето: дали цитираните зборови се однесуваат на ова судство, кое нам ни суди, или на некое друго?! Доколку овие зборови не беа вистинити, судот уште првиот ден ќе го отфрлеше обвинителниот акт како неоснован, како бајачки примитивизам!

Се чини, не мал дел од јавноста и судот, знаат дека причина за судскиот прогон е нашата верска припадност. Судскиот совет сигурно знае дека оваа земја, колку што е нивна, толку е и наша. Познато му е дека, за разлика од него, ние сме решени да живееме тука без дозвола од партиските господари на животот и смртта, без дозвола од сејачите на тортурата, затоа што немаме потреба да бараме дозвола за живот од оние, кои и од судот прават некаков мутант на тоталитаризмот.

Иако поминаа повеќе од четири години по судниците, сега на судот му се потребни уште десет дена за да ја соопшти пресудата. Не можеше да ја смисли за четири години, ќе ја смисли за десет дни! Сеедно, за судот е невозможно да ја приватизира правдата во историјата! А, колку ли повеќе е невозможно да ја приватизира правдата во метаисторијата, за која, во суштина, јас зборувам, доколку тоа го сфаќа судот, или, кој и да ја носи одлуката во следниве десет дена!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2543/politicki-sud-vrz-metaistorijata