Епископ стобиски Давид: Пападиамантис!

СП 23. 03. 2017

Не ретко, во писмена и уснена форма, до нас стигнуваат ставовите од мноштвото релевантни чинители на европската јавност, со кои ги охрабруваат политичарите во земјава да креираат комплетно нов тон, а во тој дух и дијалог за конечно воспоставување добрососедски односи. Всушност, добриот однос кон соседите веќе претставува и еден од неопходните услови за интегрирање на нашава измалтретирана и заробена демократија во заедницата на напредните, цивилизирани општества. Следствено, секоја иницијатива на државните службеници со која ќе отстапат од досегашното мизерно однесување кон соседите, заслужува поддршка.

Но, споменатата иницијатива не е, и не смее да биде ексклузивна привилегија на нашите државни службеници, та оттука, не приличи да биде препуштена единствено во нивните раце. Особено не, затоа што нивните муабети се водат зад затворени врати и затоа што токму досегашните државни службеници се креаторите на сите постоечки лоши односи со соседите. Од друга страна, пак, првиот и суштински услов за градењето добрососедски односи, логично е – човекот да се запознае со својот сосед! Затоа, на совесните граѓани на нашата татковина, кои, исто така, се повикани да ги развиваат односите, допрва им претстојат автентични, неисцрпни запознавања и средби.

Од своите соседи, се чини дека нашите сограѓани најмалку ги познаваат современите Елини. Се разбира, сите чуле за древните Елини: за познатите философи, за Хомер, за Александар Велики, кој ја распространи елинската култура и елинскиот јазик низ тогашната вселена, поради што, од историската наука е именуван како татко на елинизмот. Но, денес, освен летувалиштата и шопинг турите, на малкумина им е позната современата, величествена елинска култура. Бидејќи кај нас, не знам зошто, сѐ уште нема брзи железници како во Јапонија, и тешко дека наскоро ќе се појават, тогаш барем, да се обидеме преку културата да стигнеме до душата на соседот.

Во оваа прилика нема да пишувам за возвишените поети Сеферис и Елитис, и двајцата добитници на Нобеловата награда за литература. Овој пат нема да навлегувам во областа на театарската уметност и кинематографијата, анализирајќи го, на пример, феноменот Алики Вујуклаки. Сега немам простор за опис на современата музика, оприсутнувајќи го генијот Манос Хаџидакис. Денес нема да се задржам ниту на… Денес ќе срочам само неколку скромни редови за едно име пред кое затреперува секоја елинска, но и секоја љубомудречка душа. Александрос Пападиамантис.

Во што се состои неминливоста на писателот Александрос Пападиамантис (1851-1911), тој, како што го нарекуваат: „светител на елинската литература“ и „елинскиот Достоевски“? Пападиамантис е првиот пишувач на кратки раскази во Елада, на кој му се признава мајсторијата, во секој свој збор да овозможи исчитување на најдлабоките психолошки феномени, кои го сочинуваат животот, од детството, до зрелото доба. Станува збор за суштествувањето на едноставниот и измачен, но со богат опит, човек, од островот Скиатос, родното место на писателот. Возобновувајќи ја нераскинливата поврзаност помеѓу полнозначниот, постар јазик катаревуса, и новоелинскиот јазик, пападиамантскиот текст станува целосно ново, блескаво откритие на загубената убавина, на исчезнатото единство на човековата личност со другите луѓе и со сето создание, и тоа единство во неминливата светлина.

Иако е бележит по неговата работа како новинар, и особено како преведувач од француски и англиски јазик, Пападиамантис првенствено е писател! Автор е на три романи, три новели, сто и осумдесет раскази. Неговите дела ќе бидат објавени после неговата смрт и истовремено ќе станат меѓународно преведени, познати и признати, така што Милан Кундера ќе го нарече Пападиамантис: најзначајниот елински прозаист! И покрај тоа што има оспорувачи, пападиамантското дело учи многу повеќе отколку што можат да научат училишните книги, а живиот опис на импресивните внатрешни состојби на човекот, му го дава шармот на безвременоста. Неговите содржини пленуваат со искреност, која го охрабрува човека да говори отворено и разбирливо, согласно на ставовите на самиот Пападиамантис дека – вистината е паралогична, та затоа неа никогаш не ја кажуваат разумните и возрасните, но, од друга страна, секогаш ја исповедаат „опиените“, „неразумните“, болните и малите деца. Добриот сосед Пападиамантис, опиен од вистината, се покажува актуелен и овде, и сега, кога вели дека безработицата доведе до беда, а бедата роди глад. Гладот го произведе апетитот. Апетитот го роди самоволието. Самоволието роди грабеж. Грабежот го роди нашево денешно политикантство, кое ги разделува луѓето. Е, ете го изворното потекло на тоа ѕверче!

Затоа, сега е мигот за нов почеток! Време е да се остават зад себе едикојси амбасадор или епископ на МПЦ, чии врвни дострели се фотографирањата со иредентистички карти зад себе. Добрососедските односи нека станат приоритет на новите политичари, на новите луѓе, на новото време. Стигнете, кадешто не е возможно да се стигне! Ако човекот се запознае со соседот, кој со детска искреност му ја кажува вистината, тогаш на нив ќе се исполни поговорката, која вели дека добриот сосед може да биде и од брат, рода поголема.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2570/papadiamantis