Епископ стобиски Давид: Колумна од мртвиот дом!

 

СП 30 март 2017

Во домот, кој носеше име дека е жив, а всушност беше мртов дом, тие, веќе стигматизирани, влегоа со одлучна подготвеност да се видат со смртта! Иако судот, што внатре се спроведуваше врз нив, беше смртно здодевен процес, бидејќи во тој дом сѐ беше смртно, сепак, погледот врз преправањата на смртта, им овозможи вонреден опит, едно од оние искуства, кои го прават животот скапоцен.

Тој седеше на обвинителната клупа со главата наведната надолу. Во свиената глава, смртта милуваше да препознае признавање на вината. Но, тој под клупата чуваше мноштво ракописи и знаеше да се задлабочи, читајќи ги тие, засега необјавени стихови на живите поети. Во една прилика, кога одненадеж се слушна некаков џагор во мртвиот дом, тој беше принуден да го крене погледот, да изникне од под обвинителната клупа. Така, штом ги виде господинот судија и госпоѓата обвинител, в мигот забележа дека се збива нешто несекојдневно, невообичаено. Смртта почна да се преправа како никогаш претходно, и нивните лица сега го имаа изгледот на лицето на покојната Маша, која Даниил Иванович Јувачев Хармс еднаш ја беше вработил како касиерка. Хм! Покојник на каса! О, па тоа значи мртовец на дејствително место! И, иако во мртвиот дом си посакаа да изгледаат како живи, сепак лицата им беа позеленети, по едно од очите им се затвори, а другото остана целосно отворено. Згора на сѐ и мирисаше непријатно. Во малограѓанскиот амбиент, таквиот мртов дом, треба да се признае, понекогаш можеше да предизвика внимание, но само на кратко, до оној момент кога на некоја друга полужива улица навидум ќе се случеше било каков настан. За волја на вистината, во опкружувањето се случуваа навидум било какви настани. Но, овој пат, вревата во мртвиот дом едноставно не престануваше, та тој реши да ги одложи стиховите и конечно да види што се случува.

Еден од обвинетите, дополнувајќи го својот исказ, со громок глас истакна:

– „Но, господа зад касите, ви се молам, јас сум мирјанин“!

Судијата Ивиц А. Стефаноски и обвинителот Маја К. Оневска, останаа со подзинати усти. Па, да, навистина се вџашија. Дали со отворени, дали со затворени очи, тој сега не се сеќава, но добро помни дека двајцата скокнаа од столчињата и ја исполнија мртвата судница со викот:

– „А, ха! Каков е тој чин? Кои се ингеренциите на чинот мирјанин? Одговарај веднаш“!

Обвинетиот мирјанин ги успокои, бидејќи им вети дека ќе им одговори! Ги замоли да си ги навалат главите на столчињата, да се преправаат дека живо се заинтересирани и будно да го следат, за одговорот да не им се лизне од рацете. Тогаш, мирјанинот почна да им раскажува некоја приказна, што ја беше појмил при едно од патувањата низ далечните земји, во неговата рана младост:

– „Некој, помеѓу другите, стави и јајце од орел во леглото на кокошката, и, таа го грееше со своето тело! Кога се испилија јајцата, малечкото орле почна да се однесува како и сите пилиња на кокошката! Колваше со нив низ авлијата и малку потпорасна! Еден ден додека коковчињата се наоѓаа во дворот, на небото се надвиши орел! Сите се уплашија и се сокрија! Орлето вчудоневидено праша:

– „Што е тоа“?

– „Орел, кралот меѓу птиците“, му одговорија! „Ако сакаш, ти можеш да бидеш ист како него, веројатно и подобар“!

Но, таа реченица орлето воопшто не ја сфати, едноставно речено, ниту го посеа, ниту го изникна зборот во неговото срце, та штом орелот одлета, орлето-коковче продолжи да си потколвнува сѐ и сешто! Низ дворчето!“

Обвинетиот мирјанин го привршуваше исказот, а судијата и обвинителот се поткашлаа и со одважност поставија прашање, кое според бојата на гласот истовремено беше и одговор:

– „Ова што го кажа, кој го има напишано? Аристотел“?

Оти, слушајќи го, господинот судија и госпоѓата обвинител се сетија дека, веројатно, уште во средно училиште имаа чуено за мудриот философ Аристотел, па додека главите им беа навалени на столиците, си рекоа дека оваа приказна е сигурно негово дело!

Обвинетиот мирјанин, без потреба да ѝ се докажува на смртта, одговори во сила:

– „Не. Тоа што го кажав е дело на детето во мене“! Џагорењето престана.

Тој го спушти погледот на стиховите под клупата. Претходно, бегло забележа дека судијата и обвинителот продолжија да колваат низ параграфите во мртвиот дом!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2598/kolumna-od-mrtviot-dom