Епископ стобиски Давид: Видео игри!

06.04.2017

Не постои простор за споредба помеѓу, од една страна, севкупното спроведување на дело на постапката за правење вино, и, од друга страна, набљудувањето на процесот, од селекција на грозјето, до флаширање на виното, и негов опис. Да се прави вино, тоа значи постепено и префинето да се напредува во бременоста на стекнатите знаења, додека да се роди, а потоа да се возобновува и препораѓа питието, во кое, како што велат, се наоѓа вистината. Следствено, и културата на едно општество, подобно на зреењето на виното, може да претставува природен, а не вештачки, растеж. Култура е тоа што го произведува севкупната заедница, бидејќи животот не е составен само од интелектуалците на едно општество. Посакуваните цели најчесто се: човештина, пријателство, мир, саможртвена љубов. Но, како што виното може да се скисели, сведоци сме, дека и на културата можат да ѝ се случат тешки падови. Здравото расудување ѝ претходи на секоја развиена култура, а неговото отсуство води кон сериозни лични и колективни трауми.

Мислечките луѓе, кои го обликуваат виното на стварноста, можат да се појават од сите делови на општествениот живот. Оние, кои се кадарни, учествуваат во напредокот на новиот живот, вршат согледби и даваат описи, така придонесувајќи во развојот на постоечката култура. За падот на културата, заслуга имаат луѓето, кои избираат да се движат согласно на џојстикот. Заедно со нив, заслужна е и, не географската, туку менталната провинција. Децата на таа провинција, од опортунистички побуди, инстант се вооружуваат со извештачена исшлифуваност од германски маштап. Тогаш почнуваат да дебатираат на ист начин како детулињата, кога, на пример, пукаат, при нивните видео игри. Значи, без контакт со стварноста и со три животи.

Некој новинар му го поставил следново прашање на Мао Це: „кое е вашето мислење, каков би бил развојот на настаните, доколку во 1963 г., не беше убиен Џон Кенеди, туку Никита Хрушчов“? „Ништо не можам да претпоставам“, одговорил Кинезот, „но за едно сум сигурен, Оназис никогаш немаше да се ожени со вдовицата на Хрушчов“. Не е мала работа – човекот да знае како нема да се постапи во животот! За разлика од Мао, наративот на актуелниот домашен, јавен дискурс, сведочи дека нашите гејмери не секогаш знаат дали нема да ја омажат татковината со вдовицата на тоталитаризмот!

Го живееме падот на културата до рамниште на неопаганизам. Неопаганите од различните провениенции, не можат да сфатат дека со исклучителниот и инаетчиски пристап при денешното преуредување на културата, всушност наметнуваат една идололатрија. Премногу хемија се става во грозјето. Тоа, пак, го предизвикува безизлезот во кој запаѓа затруеното општество, кое станува некадарно да ја разбере стварноста во нејзиниот најширок контекст. Како што мудро забележува Кафка, така се раѓаат модерните султани, кои цврсто ги имаат грабнато кваките на власта, а од друга страна, измалтретираните граѓани кинисуваат по улиците на лажното чувство, дека токму тие владеат со целиот свет.

Денешната јавна расправа сведочи уште и за човештвото, кое престана да чита книги. Културата на читањето е заменета со, како што некои го именуваат: „кибернетскиот тоталитаризам“, така што оние, кои мислат дека можат да составуваат реченици, го истресуваат „на памет“ тоа што некогаш беше проверувано и созревано низ макотрпно читање и богато живо искуство. Се разбира, некој може да биде добар нотар, актер и сл., но тоа не значи, по автоматизам, дека е и мислечко битие! Во ова време, карикатурите од интелектуалци се појавуваат како здодевни штурци на жега. Нивниот мрмор има за цел, процесот на мислење да стане непожелен за консументот. Папагализирањето е всушност маскирање на деконцентрацијата со маската на наводната посветеност да се биде во тек. Така се наметнува некултурата во која речениците се појавуваат и исчезнуваат, а на нивно место веднаш доаѓаат други, после што пребарувањето по празните фрази станува попривлечно отколку задлабочувањето во смислата.

Оттука, се разбира, не сите, но не мал број денешни јавни искази и обраќања, приличат на едно ријалити шоу, кадешто учесниците си играат видео игри, кои предизвикуваат целосно расејување на умот, кое, на партизираниот граѓанин очигледно му создава чувство на дистопија. Така, посакуваното поттикнување на дијалогот за важни теми, доколку не се запази елементарната култура и неопходните критериуми, во опасност е да прерасне во хранење на партиско-медиумските тролови, тие суштества од фолклорот, кои наместо да полемизираат со аргументите, преминуваат кон дисквалификација на инакумислечкиот. Целта им бива препознаена, но, за жал, не ретко и остварена: нецивилизирана расправија, префрлена на рамништето на видео игри, во кои треба да бидат пукнати, колку што е возможно повеќемина.

Зошто денес мнозина папагализираат, а никој со никого не се слуша? Се знае! За тоа е виновен Хераклит! Некогаш го прашале Хераклита зошто молчи, а тој одговорил: „па, за вие да зборувате“. Е, оттогаш е воспоставена праксата, љубомудречките личности малку и собрано да зборуваат, а неразумните да чкрипат со забите, да ги покажуваат ноктите и да дрдорат неконтролирано.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2621/video-igri-