Епископ стобиски Давид (Нинов): Политички суд врз метаисторијата!

(Завршен збор, изговорен на 14 Март 2017 г., во Основниот суд Скопје I, во процесот „перење пари“, при повторното судење, после укинувањето на првата осудителна пресуда од страна на Врховниот суд)

суд

Почитуван суде,

не знам дали е и Ваше, но мое лично уверување е дека законите, според коишто се раководи еден суд, не се, или не би требало да бидат заробени во тесни и неплодни рамки, туку тие го содржат духот на плодноста, ако сакате ќе го именуваме – дух на човекољубието, кој чини правото да биде креативна наука, која во едно општество сведочи за широчината и длабочината на човековото битие, за неговото остварување како личност во таквата творечка атмосфера, во таквиот изградувачки општествен амбиент.

Се разбира, претходнореченово важи за оние, коишто се кадарни да проникнат во духот на законите!

Оние, пак, личности, коишто не се способни за еден таков доблестен потфат, завршуваат со пишување на партиски нарачани обвинителни акти од бирократски, кафкијански тип, каков што е обвинителниов акт врз основа на кој ни се суди, или, пак, завршуваат со носење на политички обоени осудителни пресуди од пилатовски тип, каква што беше Вашата пресуда против нас, пред да биде укината од страна на Врховниот суд на Република Македонија.

Следствено, имајќи го предвид реченово, мојот завршен збор ќе содржи два аспекти!

1. Бидејќи се среќаваме повеќе од четири години, се разбира не приватно, туку исклучиво по судниците, првиот аспект, ќе се обидам да го прилагодам на рамништето, на коешто, во текот на годиниве, видов дека Вие го поимате правото, со цел да бидам доволно илустративен, односно да можете полесно да ме разберете.

Неопходно е да ги изложам апсурдните обвиненија од обвинителниот акт V. КОК бр. 59/12, кој, кога го гледаме од денешна дистанца, веќе е, а за жал, засекогаш и ќе остане зацементиран како срамно историско наследство за Јавното обвинителство. Имено, предочениот, пословично комичен обвинителен акт, накратко речено, нѐ товари за следново: средствата, коишто Архиепископот охридски Јован ги „земал“ од непризнатата МПЦ, во периодот помеѓу 1998 год., и 2002 год., после цели десет години „ни ги поделил нам“, за, со нив, „ние да купиме“ имот на име на легално регистрираното Здружение за заштита и унапредување на верските слободи „Анастасија“!

Почитуван суде,

дали нешто Ви значи следново: пресуда од Основен суд Велес, К.бр.136/12 и истата потврдена од страна на Апелациониот суд К.Ж. бр. 930/12? Доколку не сте го извршиле должното, професионално истражување, или, во мигов не можете да се сетите, Ве потсетувам дека тоа е бројот на осудителната пресуда на Основниот суд во Велес, со која тој суд пресуди дека: средствата од буџетот на непризнатата МПЦ, со кои управувал Архиепископот охридски Јован од 1998 год., до 2002 год., согласно, значи, на велешкиот суд, се веќе – „ненаменски“ потрошени! Сосема друго прашање е дали еден световен суд може да му одредува на еден Епископ, во рамките на неговата верска заедница, која е одделена од државата, како смее наменски да ги ползува средствата, а како не смее, та следствено, Вашето нарушување на секуларното уредување на државата, сега нема да го третираме, туку тоа задоволство ќе им го препуштиме на историчарите! Но, непобитен факт е дека сѐ што Архиепископот охридски Јован тогаш купувал, останало во сопственост на непризнатата МПЦ, и тој ништо не понел со себе, при неговиот прогон од Велес. Верувам, пак, добро Ви е познато дека за тоа што „ненаменски“ ги потрошил средствата, Архиепископот охридски Јован издржа двеиполгодишна затворска казна, во најсурови, идризовски услови!

Со овие зборови, на почитуваниот суд му цртам дека е невозможно средствата за коишто еднаш велешкиот суд веќе пресудил дека се „ненаменски“ потрошени, после десет години да бидат „поделени“ за да бидат „испрани“, притоа надевајќи се дека ценетиот суд поседува доволно интелектуален капацитет да го сфати цртежов!

Покрај споменатата пресуда К.бр.136/12, исто така и стручниот Наод и мислење СВ I 852/12 на Бирото за судски вештачења е точен патоказ дека едноставно не постои никаков доказ дека средствата, коишто се уплатени, се токму тие, веќе потрошените средства, бидејќи за здравата човекова логика е невозможно средствата, за коишто постои дури и судска пресуда дека некој еднаш веќе ги потрошил, истите одненадеж да му се појават в раце и тоа после десетина години, како што бесмислено тврди обвинителниот акт.

Уште еднаш ќе го потсетам судот и на следново: според чл. 254, ст. 2, од Законот за кривична постапка (пречистениот текст), обвинителниот акт, помеѓу останатото, треба да содржи, барем и: „околности потребни за што поточно да се определи кривичното дело”. На стр. 4, од обвинителниот акт, се вели дека: „обвинетите (тука набројува имиња, помеѓу кои е и моето), иако знаеле дека парите се стекнати со казниво дело, ги примиле од првообвинетиот“, и уште, на истата страница, додава: „ги примиле во готово, на рака“! Постои ли трезвеномислечки човек на когошто не му е јасно дека Јавното обвинителство не треба да ги основа обвиненијата на гатачките афинитети на обвинителите, ниту треба да заглавува во малограѓански муабети, туку најпрвин треба да докаже дека лицата се видени како примаат средства од првообвинетиот?! Како ќе го направи тоа? Ви кажав и ќе Ви повторам! Едноставно, треба да приложи конкретни докази! Кои се тие конкретни докази? Одговорот е недвосмислен! Докази се: фотографии или видео материјали на кои јасно ќе се гледа како сите до еден ги примаат средствата, како што се вели: „на рака“, и, треба да приложи изјави дека обвинетите признале дека примиле средства; значи, кадешто јасно и недвосмислено ќе се види и чуе дека обвинетите примиле средства од Архиепископот охридски Јован, како што без основа сака да си прикаже Јавното обвинителство, дека: „ги примиле во готово, на рака“! Но, во случајов, Јавното обвинителство не ги приложи споменатите докази! Во теков на повтореново судење, како што стои во записникот, дури и сведокот Димитар Белчовски, на прашањето дали со свои очи видел како Архиепископот охридски Јован ги разделува средствата на сите неправедно обвинети, одлучно одговори дека такво нешто не видел со своите очи! Следствено, апсурдната реалност на Обвинителството не кореспондира со дејствителната реалност на нашето конкретно живеење.

Уште еднаш го повикувам судот да не носи осудителни пресуди од ѓутуре, та го упатувам да го консултира и Прирачникот за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите, во издание на Министерство за финансии – Управа за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (Р. Македонија, 2010). Во посочената стручна литература, барем ќе ги видите индикаторите, коишто се однесуваат на лицата, кои вршат перење пари! На пр., тие не даваат лични податоци во банката, или даваат погрешни податоци, вршат трансакции во големи износи, се обидуваат да го сокријат идентитетот на крајниот сопственик преку комплексна структура на правни лица и т.н.; индикатори, пак, коишто се однесуваат на трансaкциите, на пр., се: сложени, невообичаено големи трансакции, последователни трансфери на средства без било каква очигледна цел, купување на добра во име на малолетници и т.н.! Од сите постоечки и препознатливи индикатори, коишто ги наведува релевантниот Прирачник, дополнително станува кристално јасно дека обвинителниот акт лебди на површноста од човековото постоење, и нема основа во ниту еден од наведените индикатори. Во овој случај не постои комплексна структура на правни лица, не постои криење на идентитетот и сл., та затоа, вака срочениот обвинителен акт не постигнува ништо друго, освен што ја доведува во прашање довербата во Јавното обвинителство и ги става под сомнеж неговите способности!

И овојпат нема да заборавам да Ви го предочам индикативниот пример, токму од времето кога беше подигнато обвинението, но очигледно останува актуелен и денес! Во Август 2012 год., светот го обиколи информацијата дека 12-годишниот Матеј Јурчишин од Словачка, стигнал да заштеди токму пет илјади евра, и истовремено сета своја заштеда да ја донира на Националниот парк во словачките Татри за да помогне при сузбивање на паразитите! Обвинителството, пак, и судот, кој без расудување се поведе по обвинителниот акт, тврдат дека доктори, архитекти, филолози, инжинери и да не набројувам понатаму, значи личности, вработени со високо образование, какви што се обвинетите, не можеле да заштедат средства колку едно 12-годишно дете од Словачка и да ги донираат за тоа што тие сакаат! Со таквото тврдење Обвинителството и судот создаваат толку грда слика за нашата татковина, како да не постои помизерна земја за живеење од оваа нашава, во којашто живееме.

Почитуван суде,

редовно ги следам меѓународните извештаи за состојбите со човековите права и верските слободи во Република Македонија. Ќе цитирам само две реченици од еден не толку дамнешен извештај на американскиот State Department: „Уставот и законите обезбедуваат независно судство. Сепак, владата, политичкиот притисок, заплашувањата и корупцијата влијаат врз судството. Владата ја користи својата буџетска надлежност да врши контрола над судството“.

Логично е да се постави прашањето: дали меѓународната заедница ги кажува цитираните зборови за ова судство, кое нам ни суди, или за некое друго?! Дали реформите во судството и почитувањето на секуларниот поредок и верските слободи се услов да се постане напредна демократија или не?! Доколку овие зборови не беа вистинити, Вие уште првиот ден ќе го отфрлевте обвинителниот акт како неоснован, како бајачки примитивизам! Но, и сега не е доцна! Имате историска прилика да ги побиете ваквите извештаи на меѓународната заедница, со тоа што ќе ја промените одлуката и ќе донесете ослободителна пресуда!

Конечно, на тоа Ве обврзува и одлуката на Врховниот суд Квп.Кок. бр. 4/2014, со којашто беше поништена Вашата осудителна пресуда, и во која е нагласено дека: „Врховниот суд најде дека постои значително сомневање во вистинитоста на решителните факти во поглед на постоењето на кривично дело, кое му било ставено на товар“ на Архиепископот охридски Јован! Врховниот суд, сосема логично, инсистира на тоа дека: „решителните факти не произлегуваат во целост од изведените докази и фактичката состојба се доведува под значително сомневање“, и, додава дека: „може да се заклучи дека паричните средства на првообвинетиот биле потрошени за најразлични намени“, а до тој заклучок дошол и судот во Велес.

На страниците 7, 8 и 9, од одлуката на Врховниот суд, напишано е дека Врховниот суд не наоѓа дека се дадени доволно причини, поради кои, Вие, почитуван суде, сте сметале дека паричните износи, кои биле раситнети и пуштени во оптек потекнуваат од конкретно кривично дело, што, пак, воопшто, ги доведува под сомневање решителните факти во врска со постоењето на кривично дело на Архиепископот охридски Јован. Затоа, Врховниот суд уште вели дека сте должни да ги отстраните наведените противречности, врз основа на веќе изведените докази.

Со други зборови, Врховниот суд, користејќи еуфемизми, Ви ја соопштува горката вистина: осудителната пресуда Ви е грешка во кариерата. Човечки е да се згреши, и доблестно е да се поправи грешката. Врховниот суд Ве повикува на истото нешто на коешто Ве повикуваме и ние: да се ослободите од сите притисоци, да се победите себе си и да донесете ослободителна пресуда. Во спротивно, ќе направите уште еден неуспешен обид да ја приватизирате правдата во историјата, што, се разбира, е невозможно! А, колку ли повеќе е невозможно да ја приватизирате правдата во метаисторијата, за којашто, во суштина, јас Ви зборувам, доколку сфаќате!

2. Почитуван суде,

во текот на сѐ што претходно беше речено, преку наведените референци се држев до правната димензија на овој случај, на начин, којшто, реков, сметам дека за Вас е полесно разбирлив. Сепак, како што навестив, ќе биде крајно наивно, несериозно и неодговорно, и судот, и јас, да се преправаме дека не постои и уште една димензија! За која димензија станува збор?

Повторно Ви предочувам: непобитен е фактот дека во обвинителниот акт (на стр. 4, 7, 9, 10, 14, 16, 18, 23), се нагласува дека сум Епископ во Православната Охридска Архиепископија, како што и за обвинетите се посочува дека се „припадници“, „симпатизери“ на Православната Охридска Архиепископија, или, пак, и во друг контекст се нагласува нашата верска припадност, како тоа да претставува кривично дело! Токму овој факт, целосно ми дава за право да се осврнам на тој момент, повеќепати повторуван во обвинителниот акт!

Од 2002 год., до 2014 год., Архиепископот охридски Јован беше затворан осумпати! Во окови помина вкупно близу пет години! Штом ќе заврши еден судски процес против него, веднаш започнува нов! И овој процес што го водите сега, се надоврзува на таа низа! Честопати остварувам средби со претставници на меѓународни организации за заштита на човековите права, и за нив, без исклучок, таквите последователни судски процеси претставуваат државен прогон врз верска основа, а дополнителна вџашеност им создава фактот што Архиепископот охридски Јован, и сите нас, нѐ осудува токму истиот суд, којшто го одбива и барањето за регистрација на нашата Црква во судскиот регистар на цркви и верски заедници! Не постои меѓународен извештај, којшто не го посочува тој момент како проблем за нашата татковина при нејзиниот пат кон напредните цивилизации!

Ќе Ви предочам некои непобитни факти:

а) Заради државниот прогон врз верска основа Amnesty International уште во 2005 год., го прогласи Архиепископот охридски Јован за „затвореник на совеста“.

б) Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, согласно на својата мисија да врши мониторинг на состојбите со човековите права и слободи во Република Македонија, во својот Годишен извештај за 2013 година, објави дека: „Архиепископот Јован Вранишковски е првиот политички затвореник во Република Македонија, по нејзиното осамостојување“.

в) Во 2015 год., после излегувањето од затвор, Архиепископот охридски Јован, на лична покана на Рускиот Патријарх Кирил, престојуваше три месеци во Русија како гостин на Рускиот Патријарх, којшто, од човекољубие, сакаше да се погрижи за здравствените проблеми кои Архиепископот охридски Јован ги здоби во суровите и нечовечки услови во затворот Идризово, во затворската келија во којашто две ипол години беше сместен заедно со уште четириесетина затвореници, а само еден тоалет!

г) На Светиот и Голем Собор на Православната Црква, којшто се одржа минатата 2016 год., на островот Крит, на којшто учествуваше и Архиепископот охридски Јован како претставник на нашата сеправославно призната Охридска Архиепископија, пред очите на сите православни делегации и пред севкупната јавност, која будно го следеше Соборот, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, го поздрави Архиепископот охридски Јован со следниве зборови: „Ве ставија во затвор и истрајавте! Ви благодариме што останавте верен на Православието! Ви благодариме што останавте верен на канонскиот поредок“!

Она што ја разликува Црквата на којашто ѝ припаѓам од непризнатата МПЦ е следново: нашата Црква се наоѓа во теолошко и богослужбено единство со сите православни Цркви, ширум светот! Историските околности биле такви што непризнатата МПЦ, со поддршка од Комунистичката партија, во 1967 год., го нарушила токму канонскиот поредок, а реченово, на Вам разбирлив јазик, веројатно најсоодветно би го илустрирале со следниов пример: претставете си како би изгледало: римокатоличката црква во Словенија да се оддели од римскиот папа, а само заедницата со папата е гарантот дека таа црква е римокатоличка! Или, еве Ви уште еден, можеби за Вас уште поилустративен пример: доколку Република Македонија се самопрогласи за членка на Европската Унија, тоа нема да значи дека Европската Унија ќе ја прифати самопрогласената „членка“! Згора на сѐ, верувам ќе се сложите, таквото наметнување најблагоречено би значело отсуство на елементарна култура!

Затоа, почитуван суде, не треба јас да Ви го поставувам тоа прашање, туку самите треба да си го испроблематизирате следниов момент: зошто за сите овие години, со сите затворски казни и сите судски процеси, не успеавте да ги убедите ниту Вселенскиот Патријарх, ниту Рускиот Патријарх, ниту било кој друг Патријарх, не успеавте да ги убедите ниту Amnesty International, ниту Freedom House, ниту Хелсиншкиот Комитет и т.н., дека Вашите пресуди против Архиепископот охридски Јован се нешто сериозно, темелно и издржано, туку, напротив, после секоја следна пресуда, на секого сѐ поочигледен му станува државниот прогон врз верска основа, што го спроведувате врз него! Затоа и го наведувам сето погореречено, бидејќи ова судење има и политички карактер, повторно поаѓајќи од меѓународните извештаи, кои тврдат дека судот, со пресудите против Архиепископот охридски Јован и со одбивањето да ја регистрира нашата Црква, всушност го штити монополот на, за православниот свет, непризнатата МПЦ!

Помеѓу останатите, Ве упатувам и на Извештајот на г-ѓата Асма Џахангир, специјален известувач на Обединетите Нации за слободата на вероисповед, којашто ја посети Република Македонија, и при таа посета се сретнавме лично. Со тоа што овој суд се претвора и во политички суд против различномислечки луѓе, јавно ја брукате и непризнатата МПЦ, ставајќи ја во незавидна состојба пред целиот христијански свет, во чиишто очи, со судските процеси против нас, непризнатата МПЦ само покажува дека го нема аргументот на словото, ја нема вистината на своја страна, па се ползува со мускулите на државата!

Постапувајќи така, сведочите за Вашата голема претенциозност. Ќе ве потсетам на етимологијата: претенциозен (pretentieux) е оној, којшто вообразено полага право на нешто на што нема право! Претенциозноста е секогаш примитивна! Латинскиот збор primitivus значи: некултурен, слабо развиен, на ниско рамниште. Немате право, а згора на сѐ и примитивно е, со нарачани судски пресуди да одредувате кој во што ќе верува. Претенциозноста цели на човекот да му оневозможи да ги живее сите димензии, сака да го сведе на својот калап! Но, ние сме родени тука! Оваа земја, колку што е ваша, толку е и наша, и ние сме решени да живееме тука без дозвола на Вашите партиско-комесарски господари на животот и смртта, без дозвола на сеачите на тортурата, затоа што ние немаме потреба да бараме дозвола за живот од оние, коишто и од судов прават некаков мутант на тоталитаризмот.

Затоа, земете го во вид и следново: многупати сме биле малтретирани од страна, не на сите, туку, по нарачка, од страна на одредени полицајци! Сега нема да се фалиме со тоа низ што сѐ имаме поминато по полициските станици и не само таму. Нека остане нешто и за можните мемоари! Во однос на овој прогон што ни го приредувате сега, ќе ја наведеме само тортурата врз Архиепископот охридски Јован! Сетете се, покрај сѐ друго, стигнавте дури и до таква нискост од затвор да го префрлите во притвор, со образложение дека така ќе бидат обезбедени неговите појавувања на судските рочишта, како затворот да не Ви беше доволен! На сите останати, мерката притвор ни беше заменета со одземање на пасошите, со што направивте татковината да ни стане – притвор! При упадот на полицијата во манастирите на нашата Црква, во Мај 2012 год., не сите, но некои од вработените овластени службени лица, очигледно имаа наредба да ги малтретираат монахињите, па така Игуманијата Кирана од полицијата доби силен удар по главата! Речиси целиот тој ден монахињите беа лишени од храна и вода! Полицијата ги одзема Матичните книги на крстените, нешто што не ѝ е направено на Црквата ниту во турско, ниту во комунистичко време, и, замислете, уште ни ги немате вратено токму Матичните книги на крстените! Контролирате кои луѓе се крстени во нашата Црква, како тоа да претставува кривично дело?! Зар не Ви е срам?! Рано в зори, тој 21 Мај 2012 год., сите неправедно обвинети беа малтретирани со тоа што полицијата, пред нивните малолетни деца со груби зборови им ставаше лисици на рацете! Имате ли Вие деца? Каква слика би им останала доколку видат како полицијата Ве малтретира и Ви става лисици на рацете? Како да не постои почовечки начин, а постои! Доволно ќе беше да нѐ повикавте! Згора на сѐ, при приведувањето, пред ушите на неправедно обвинетите, полицијата контактираше со нарачаните камери, за да го договорат времето на влегување во судот со цел да бидат снимани и изложени на презир пред јавноста! Зошто набројувам само дел од тортурата што сѐ уште се спроведува врз нас? За да Ве заштитам почитуван суде од самите Вас! Христос, кога стекна повеќе пријатели, пред да го осудат неправедно, или потоа?! Следствено, ние сме научени да ја поднесуваме неправдата, но ве повикувам да внимавате, да не станете и Вие, заради Вас самите, соучесници пред историјата во злото и неправдата што ни се нанесуваат!

Верувам и Вам, конечно, Ви е сосема очигледно и јасно дека и во иднина, кога би имале, сите ние повторно ќе дадеме таму каде што е потребно, без разлика на верската или националната припадност на оние што имаат потреба!

Сфатете ги зборовите на еден современ философ, коишто еднаш веќе Ви ги упатив: лесно е да фрлите во затвор поединци, но исцело невозможно Ви е да ја ставите во затвор Идејата!

Повторно Ве потсетувам, не треба да си дозволите да се претворите во пословична установа од типот на оние во Советскиот Сојуз, коишто во 1937 год., ја осудија Евгенија Соломонова Гинзбург. Сакам да верувам дека не сте ја пропуштиле оваа лекција од времето на Вашиот образовен процес. Гинзбург беше осудена за убиство извршено во Ленинград, иако е докажано дека таа никогаш во нејзиниот живот не била во Ленинград! На Евгенија Соломонова Гинзбург и бил конфискуван имотот, за после нејзината голгота, во својата автобиографија таа да запише дека конфискацијата е главниот бизнис на советската политичко-судска идеолошка матрица. Гледајте да не ги поставите нештата на таа основа, идните студенти на правните факултети да го изучуваат примерот како Вие сте го осудиле Архиепископот охридски Јован дека поделил пари за кои постоела судска одлука дека веќе се потрошени и дека Вие, т.е. судот тоа го направил само за да го конфискува имотот на Православната Охридска Архиепископија, зашто конфискацијата е главниот бизнис на денешната македонска политичко-судска идеолошка матрица!

Почитуван суде,

не ја исклучувам можноста во мојот завршен збор да провејаа и тонови кои Вам баш и не Ви се допаднаа, но не смеете да си дозволите да помислите дека тоа значи отсуство на почит кон Вас. Сѐ што беше речено, а беше речено малку во споредба со тоа што може да се рече, го изговорив за да се разбудат Вашите гносеолошки органи, и Вие да покажете доблест дека сте кадарни да издржите мислење, евентуално различно од Вашето, та да се надминете себе си, а тоа надминување на себе си, ќе го покажете токму со донесувањето на ослободителна пресуда.

Од 2012 год., кога почнав да Ви се обраќам на судските рочишта, до овој миг сега, за сето време додека Ви говорев, Ве гледав во очи. Еве, и сега Ве гледам во очи и повторно Ви велам: non bis in idem – не двапати за иста работа! Вие најдобро знаете што значи тоа! Овој принцип е застапен во сите конвенции, коишто Република Македонија ги има потпишано, та и според меѓународното, и според домашното законодавство, би било спротивно на правдата повторно да донесете осудителна пресуда во однос на овој случај!

На крајот, чујте го и блажениот Августин: Iustitia remota quid sunt regna nisi magna latrocinia, односно: Доколку се збрише правдата, што се властите освен големи разбојништва!

Предложувам, значи, судот да не ја збрише правдата и, конечно, да донесе праведна, т.е. за сите нас – ослободителна пресуда!