Епископ стобиски Давид: Будењето е нашето воскресение!

13 Апр 2017

Да бидам искрен, и јас ја делам убеденоста дека мнозина луѓе денес од религијата очекуваат или во неа бараат само идеологија. Ништо повеќе! И за мене тоа претставува идолопоклонство. И мене, посочениот пристап прилично ми ја отежнува комуникацијата, односно дружбата со таквите луѓе, кои под плаштот на религијата им робуваат на принципите на некаква идеологија. Некаде прочитав дека Ф. Бјукер, на времето, за „Њујорк Тајмс“, напишал: „Принципите се тоа што луѓето го имаат на местото на Бога. Принцип е уште поздодевен збор од зборот религија.“ Следствено, имајќи ги предвид токму фанатизмот, недостатокот на толеранција и робувањето на религијата кај мнозина, еден современ теолог ќе рече дека одамна требаше да разбереме дека во овој свет постои религија без Бога. И, верно е, секој принцип паѓа пред скапоценото искуство во поединечниот живот на секоја неповторлива личност човекова.

Во тој контекст, објавувањето на воскресението воопшто не значи негирање на животот. Напротив, претставува негова потврда. На грбот на религијата, т.е. на идеолошкото христијанство, паѓа товарот на одговорноста за девалвирањето на смислата на воскресението во ушите на мислечкиот човек. Но, доколку човекот, барем за миг, се ослободи од религијата, која е во служба на нацијата и национализмот, која бива злоупотребена од партиските апаратчици, или, пак, се наоѓа потчинета на фиљан идеологија, и погледне попроникливо, ќе види нешто сосема инакво! Што? Ќе согледа дека сѐ во животот е устроено во духот на воскресението. Еден философ, мудро и полнозначно, ќе рече дека спиењето е брат на смртта. Но, ние сведочиме дека будењето е нашето воскресение! Пролетта што сега ја живееме е воскресение на природата од смртта на зимата. Посеаното зрно пченица умира во земјата, но воскреснува во ново жито. Се умира за детското, се воскреснува за зрелото доба. За секојдневните тешкотии што нѐ снаоѓаат, почнувајќи од бесмислата што ја наметнуваат политикантите, па до егзистенцијалните безизлези, без исклучок секогаш постои пролет, секојпат има исход и тој исход е нашето воскресение. Воскресението Христово еднаш засекогаш го решава проблемот на смртта. Оттука, воскресението е суштина, стил, имиџ на човековото постоење, поточно, на оние луѓе, кои по слободен избор одбрале да го негуваат таквиот самобитен начин на бивствување.

Значи, човекот е тој, што самиот слободно избира дали ќе постои на начин според кој, или ќе бива условуван од трулежот, или, пак, ќе постои како љубовна заедница со Нетрулежниот, што подразбира ослободеност од распадливоста. Телото на воскреснатиот Христос е, всушност, човечката природа ослободена од секаква ограниченост и нужност. Следствено, ослободена и од ограниченоста на човековата логика и пословичниот рационализам!

Стерилното расудување, единствено го потврдува саможивниот пристап кон постоењето. Верата во совоскреснатата човечка природа претставува промена на начинот на постоење, а изразот на таа вера не е врзан за интелектуалната самодоволност. Без учество во воскресението Христово, но не како што тоа го прави декларативното, политичкото христијанство, само заради примитивен адет, туку без мистичното учество во смртта и воскресението Христово како дејствителен опит во животот, смртта останува необјаснив апсурд.

Еден копнежлив поглед кон прекрасните планински врвови во пролет, доволен е, за на човекот да му ја предочи возвишеноста на неговото постоење! Колку ли неспоредливо повеќе, учеството во воскресението Христово, му го заблескува срцето на човека, токму заради непобитниот факт дека засекогаш е решен најгорливиот проблем на човештвото, проблемот на умирачката. Сега, за оние кои сакаат, воскресението станува имиџ на постоење, согласно на кој, човекот, бивајќи соочен со најразлични тешкотии, постојано се исправа и постојано оди напред. Затоа, воскресението значи – повторно воспоставување! Лесно е да се забележи дека во идеолошкото христијанство на нашето опкружување, празнувањето на воскресението се случува само во рамката на површниот фолклор. Проста имитација на оригиналот, како што се изразува Аристотел.

На трезвеномислечките им е совршено јасно дека повторното воспоставување, како постојано напредување, никогаш ниту се основало, ниту ќе се основа на нечија политичка волја за организирање национални прослави на наднационалното воскресение Христово!

Со воскресенскиот стил, животот си застанува на она место, кое му доликува. Тој стил не подразбира потреба од калапот на стерилното рационалистичко поимање, бидејќи е отворање на севкупното битие за еден нов свет, во и вон нас. Воскреснувам може да се преведе како: учам да ги живеам на сосема поинаков начин, сличните настани пред кои ме исправа животот. Тој начин го менува времето од непријател во пријател и му дава сила на човекот да се смее дури и кога го распнуваат на мноштвото беспаќа од животот. Ете тоа е, да умира човек, но и да оживува, бидејќи љуби неизмерно многу.

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2656/budenjeto-e-nasheto-voskresenie