Епископ стобиски Давид: Кошмарите да завршат веднаш!

сп

На личносно рамниште, во нашето опкружување, и тоа како, возможно е да се сретнат мноштво луѓе, кои имаат впечатливи и достојни за восхит критериуми, според кои го вреднуваат постоењето. И, иако мнозина од нив, не ретко, истите јавно ги соопштуваат, сепак, кога станува збор за општо прифаќање на веќе потврденото познание, тогаш, одненадеж и необјасниво се појавува, речиси непремостлива преграда.

Во дневната политика, која честопати целосно го окупира вниманието на нејзините пасивни набљудувачи, никој не љубомудрува за разликите помеѓу трулежното и нетрулежното, помеѓу лажното чувство и стварноста, помеѓу живеењето само за тоа од кое се има корист и потрагата по смислата на нештата! И доколку некој ежедневен политичар ги постави овие суштински прашања, со кои бездруго треба да влезе во коштец и политиката, впечаток е дека таквата негова постапка ќе предизвика општа вчудоневиденост. Без грижа, засега такви прашања нема да чуеме од страна на неоварваризмот! Политикантскиот неоварваризам не чепка по онтолошката оптика, која, пак, е кадарна да го одреди точниот диоптер, за човекот да ја согледа својата егзистенцијална слобода.

И, наместо, како што е природно, сѐ друго во животот да му биде средено, а онтологијата да остане единствениот вистински предизвик, денешниот човек, со години тапка в место, во празнотијата на постоењето. Следува една можна илустрација за реченото. Претставете си еден фудбалски тим, кој во последните децении постојано губи. Во родното место, своите порази, без престан, ги оправдува со нефер играта на другата екипа. Некои аскетски преданија, самооправдувањето го сметаат за одлика на егоизмот и отсуство на самоконтрола. Тимот постојано губи, а во себе, буквално ништо не менува. Не ги менува ниту дртите и, во губењето, закоравени играчи, ниту ја обликува својата стратегија, согласно на иновациите во играта на другиот. Децении на порази и кукумјавчења за кои секогаш и без исклучок е виновен другиот, бидејќи така поразот, преку измама бива претставен како победа. Таа онтолошка заблуда ги оневозможува играчите да се погледнат и да видат што можат да преобразат во својот лузерски менталитет. Нижењето порази недвосмислено упатува на неспособноста на тимот кој губи, и на способноста на оној кој победува. Оттука, овдешните играчи наликуваат на оние персони, кои си ставаат тенџере на главата, го фаќаат за рачките и се обидуваат да се подигнат на мускули.

Што се случува, пак, со животот на публиката? Одговорот на ова прашање го дава Чарли Чаплин во пророчката епизода на неговиот антологиски филм „Модерни времиња“, од 30-те години на минатиот век. Човечето од фабриката ќе се самопотчини на технологијата, и во една таква состојба на робување, несвесно ќе се лизне во запчениците на големите машини. Бивајќи сомелен во преносна смисла, после отпуштањето од душевна болница, ќе доживее да ги чуе следниве зборови на докторот: „Олабави и избегнувај возбуди“. Публиката во нашата земја бива здробена од запчениците на празнотијата, од прифаќањето на поразот за победа, од животот во измама на онтолошко рамниште. Затоа и содржината на препораките, кои ѝ се упатуваат, се состои во „изнаоѓање на решенија засновани на демократските начела, пристојност и здрав разум“!

Ќе ги потсетам читателите на зборовите на познатиот психотерапевт и психодраматик Х. Букај. Тој раскажува за дилемата на Сократ, кој движејќи се, видел еден роб, како спие покрај патот. Од тоа што го зборувал во сонот, философот појмил оти робот сонува дека е слободен. Сократ ја поставува дилемата: „Требаше да го разбудам за да си освести дека во реалноста е роб, или, требаше да го оставам во неговите соништа да ја живее слободата, што ја нема?“ Одговорот Сократов е: „Не знам“. Но, Х. Букај нагласува: „Отсекогаш ме интересираше оваа историја, особено бидејќи јас „напредувам“ во светот „будејќи“ ги луѓето што „спијат“, а сонуваат дека се слободни. Така постапувам, бидејќи знам дека ќе постои еден ден кога ти, што стоиш таму, ќе ме сретнеш како спијам блиску покрај реката и сонувам дека сум слободен. Ти барам како дар, барем за мене, да немаш двоумења! Разбуди ме! Сигурен сум дека повеќе претпочитам да се борам за мојата слобода или да се откажам од неа, отколку да живеам во еден свет на фантазијата, кој мислам дека го имам, но никогаш сум го немал!“

Колку и да се има проширено вирусот на партократијата низ телото на граѓанството, сепак, согласно на почетната реченица, нашето општество крие во себе човечки квалитети, кои се подготвени да ја започнат обновата. Сонувањата, поточно ноќните кошмари, треба да завршат веднаш! Неспоредливо поубави се јавето на критичката будност, стварноста на аристократијата на креативноста!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2677/koshmarite-da-zavrshat-vednash