Епископ стобиски Давид: Времетворци!

СП 27 Април 2017

Еден од моите омилени поети, Збигњев Бјењковски, ќе ги испее следниве едноставни, но полнозначни стихови: „Точката до која стигнав, е точка на гледање. Гледам и опишувам“. Кој е нашиот аспект и како, секој од нас би ја опишал изложбата на нашето опкружување? Впечатлив е портретот на времето во кое живееме. Свенат лик, насликан со разните нијанси на неписменоста! Јавноста ја виде баш таа слика, после завршниот потег со четката на Светската банка, со кој недвосмислено се предочи дека: две третини од младите луѓе во нашата земја се функционално неписмени. За да се постигне кичерај, овој портрет е премачкан со неквалитетниот лак на депресијата, која во последниве пет години се зголемила за цели 37 проценти. Мнозина се избезумени пред фактот дека некој, тука, им го апсолутизира времето, како, на тој некој да не му е јасно дека времињата се распаѓаат, кога ќе секне изворот на вдахновението. Безначајните времиња се осудени на пропаст. Се разбира, не станува збор за порекнување на времето, туку за критички однос кон него. Се чини, точни се ставовите дека времето е само амбалажа, која понекогаш притребува, но органски не ѝ припаѓа на суштината на човековото постоење. Јавачите на времето ги истурија, бојата на неписменоста и лакот на депресијата, по дневните соби, ходниците и улиците, токму како цртаниот лик Густав, кој во свое време, капка по капка, во црно го обои светот. Затоа, сега е најбитно да се излезе од ќорсокакот на времето. Кога времето тоне, човекот не треба да се грижи, затоа што побитна е обновата. Таму кадешто се збива крајот, треба да се пронајде новиот почеток.

Флоровски ќе забележи дека ниту оние, помеѓу нас, кои не се подготвени или не сакаат да се менуваат, и кои сакаат да останат заробени во ова време, сепак не можат да го порекнат непобитниот факт дека живееме во време, кое незадржливо протекува! Живееме во свет, кој постојано се менува. Истовремено, парадоксално, живееме во околина, која без престан го одложува заквасувањето на времето со вонвремените вредности. Тоа се остава за утре, а пожелно е утре никогаш да не дојде. Психологијата на одложување во суштина претставува очај и негирање на животот. Човекот се чувствува заробен во категоријата време. Одложувањето му носи лажно чувство на победа врз времето. Но, во стварноста тоа значи само преместување на проблемот. Како последица на рутината, која го убива животот, одненадеж светогледот се менува и за секојдневието, времето станува непобедливо. Луѓето ќе се убедуваат дека времето ги лечи раните, но тие секој следен ден стануваат подлабоки. Некој умно забележа дека времето не треба да биде повеќе закана на смртта, туку покана за живот. Да се престане со одложувањето за подоцна, бидејќи се постои овде и сега, за во спротивно да не се пребива во ништо и никаде.

Повикот во еден нов, различен циклус на времето, ја отвора можноста за едно поинакво времетворење. На времето треба да му се накалеми изненадувањето како начин на постоење. Долготрајната болест и бездејствието доведуваат до целосна затапеност. Дневното политиканство не носи восхит, туку видовме како бојадисува со неписменост и депресија, и како сака својата изабеност да ја протне наместо изненадување. Една анализа вели дека кнезот Мишкин го поддржувал ставот дека за некој да стане сликар, не е доволно да знае да слика, туку потребно е да знае да гледа. Сликарството не е само техника, туку претходи согледувањето. Занаетот само ѝ дава тело и крв на согледбата. Еден современ теолог, анализирајќи го Мишкин, мудро ќе забележи дека тајната на согледувањето се состои токму во надминување на самоубеденоста, која ја раѓа биолошкиот интегритет и, следствено, во влезот во „трагичноста на неубеденоста“. Оттука, станува јасно дека тој што има очи, воопшто не значи дека гледа. Најплодниот начин да се стигне до согледбата бездруго не е затвореноста во самодоволноста, туку отвореноста за патувањето до точката на гледање и понатаму. Некој земјоделец постојано освојувал прва награда за најдобар квалитет на пченката. Го прашале: „која е тајната“? Одговорил: „го делам моето семе со соседите“. „Но и тие се натпреваруваат“, му рекле. „Ако на соседните ниви одгледуваат пченка со понизок квалитет и мојата постепено ќе се уназади, преку опрашувањето од ветрот“, објаснил. Така се случува и со животот. Кој сака да живее со смисла треба да го дава најдоброто од себе, оти вредноста на животот се мери со животите на луѓето од опкружувањето. Како што е познато, првиот стадиум од ова патување до стекнување аспект, за кнезот Мишкин беше победата над апатијата, кршењето на објективната вистина и отворањето за изненадувањето.

Еден философ фати глувче, но глувчето го изненади со тоа што го гризна, та така го принуди да го пушти. Философот рече: „ништо не е толку мало за да не може да го спаси својот живот со неговата смелост и храброст“. Противотров за времето на неписменоста и депресијата е човекот да се изненади себе си и своето опкружување, да престане да биде марионета во нечии раце, кога такво нешто веќе не се ни глувците, та да стане неприкосновен господар и поет на своето време. Сега е погодно за времетворење! Времетворци!

– – –

http://plusinfo.mk/mislenje/2698/vremetvorci