Епископ стобиски Давид: Улица!

Шеталиштето во Белиот град беше речиси исполнето со вообичаени, секојдневни движења. Мноштвото луѓе, внимателно и со нескриена восхит, преку ширум отворените очи, гледаше во забавувачите, начулувајќи ги ушите, ги слушаше уличните музичари, или, пак, се ладеше со овошен сладолед на запурната горештина, настаната после летниот дожд, проследен со грмежи. Востановената култура, не ретко, на човека му дава сигурност и галеж на чувството. Но, таквата култура не е сѐ, зар не! Ете, низ мноштвото, двајца черноризци чекореа, полека градејќи го разговорот со внимателно избрани зборови и ништо не навестуваше дека одненадеж ќе им искрсне сосема нова, но веќе постоечка стварност, која повеќето минувачи, вјасајќи, не стигнуваа да ја согледаат. Од метежот, овие двајца скршнаа во една исцело невообичаена улица.

Еден чекор беше доволен за да стапнат на старите, испечатени листови. Книгите имаат посебно значење, кога на нив, својот белег го имаат оставено многу очи. Ја имаат моќта на допирот, тогаш кога човекот со своите прсти ќе се фати за пожолтената вдлабнатина на листот, ископана од рацете на различните патници низ зборовите. Продавачите на оние книги, за кои човекот веќе знае дека и пред него, некој друг ги отворал, е, тие продавачи, се чудни личности. Токму таков чуден човек му рече на едниот од черноризците:

– Дино, имам за тебе еден многу добар стрип! „Торпедо“! А!

– Ќе го земам, ако ми го дадеш заедно со „Увод во психоанализата“!

– Се разбира, за мене, тоа ќе претставува исклучително задоволство.

Другиот черноризец гледаше едно издание на „Повијест књижевности“, во сивкаст, кожен повез, кое одамна го беше оставил на некое непознато место, кога, зад себе, од ништо предизвикана, слушна една несекојдневна боја на глас:

– Вчера, тука, гледаше по книгиве некаков си римокатолички поп, а јас стоев на ова место и му го реков следново: купете си книга за тарот! Тој ми одговори: не, не доаѓа предвид, тоа се сатански книги. Е, тогаш го начекав и му велам: можеби сакаш да ги спалиш книгите, како Хитлер што правеше со логорашите. Ха, ха! Мене ми е јасно дека таквите книги се тешки глупости, ха, ха! Но, добро му реков! Нели! Ха, ха! Тој си замина од улицава веднаш после моите зборови!

За разлика од големото шеталиште, оваа несекојдневна улица, очигледно беше простор, кадешто луѓето се впуштаа во разговор со черноризците. Затоа и Дино праша:

– Ве замолувам да ни го кажете Вашето ценето име, господине?

– Се разбира. Јас сум Михајло, а вие можете слободно да ми се обраќате со Миша. Но, чекајте, по говорот ми се слуша како да сте некаде од југот.

– Сме, му одговори Дино.

– Е, баш ми е мило. Јас, кога одам во Дојран, купувам маслинки, но и различни други зеленчуци и овошја, но никогаш од продавница, туку директно од луѓето, кои ги произведуваат. Убаво мирисаат!

Така започна разговорот, кој уште трае. Черноризците разговараат со Миша, претураат по книгите, нуркаат низ длабочините на океаните од букви. Дури и се насмеаа.

– Никаде не пишува дека Христос се смеел, рече Миша.

– Да, но никаде не пишува и дека не се смеел, му одговори едниот черноризец.

Сите заедно, уште еднаш, собрано се насмевнаа.

Тогаш Дино се фати за една книга, и уште пред да ја погледне, Миша извика кон него со висок глас:

– Земи ја! И, одете!

– Можеби ќе почнат да нѐ бркаат со полиција ако Ве послушам?, го праша Дино, на ведар начин.

– Не! Јас имав свој бизнис и сакам Вашето заминување со книгата, самиот да си го решам со продавачите на книгиве, кои веќе мнозина ги исчитувале, така што никој нема да ве брка. Вие сте слободни луѓе!

– Па, ние го знаеме тоа и без Вие да ни го кажете!

– Ми се допаѓа ведрината со која го велите реченото!

Двајцата черноризци излегоа од другата страна на улицата. Тогаш Дино ја распакува книгата за која Миша го беше подигнал гласот и лицето му се озари гледајќи ја нејзината корица. Му ја покажа на другиот черноризец.

На корицата пишуваше: Срцето на земјата!