Зоран Бојаровски: Кон книгата „Секој крај, нов почеток“!

скнпвп

За книгата колумни на Давид (Нинов), епископ Стобиски од Православната Охридска Архиепископија (ПОА), пишувам на денот кога во нашиот град се одржува(ше) маратонот. Ме радуваше таа типична раздвиженост и шаренило за тој ден во Скопје. Илјадници луѓе ја истрчаа својата трка, својата делница на Скопскиот маратон. Многумина од нив се подготвувале, вежбале, за да ги прилагодат своите физички способности според барањето на маратонот – да се стигне на целта.

Влегував во градот кога последните маратонци ги трчаа преостанатите должини од својата трка со времето и километрите. Ми се наметна една друга мисла, која ми го реши почетокот на овој предговор: јас се враќав од еден друг маратон. Тукушто беше завршена „неделната делница“ на мојот – духовен маратон. Последните десетина години го „трчам“ редовно. За да ги прилагодам моите духовни способности и за да се подготвам за влегување во целта.

И на овој духовен маратон, како и на оној Скопскиот, патем можеш да се послужиш со поткрепа. На Скопскиот маратон со вода, а на овој духовниот со збор, со реч, со беседа. Меѓу другото.

Пред повеќе од една година, му предложив на епископот Давид да почне да пишува колумни. Сметав дека има повеќе оправдани причини зошто е потребно да го направи тоа. Прво, заради политичкиот прогон во кој се наоѓа ПОА и нејзините свештеници, монаштво и верници, сметав дека е важно да се изборат за свое место во јавноста. Да пронајдат мала пукнатина низ која ќе ја пуштат светлината на вистината за нивниот подвиг. А, мракот, со кој, со предумисла, го обвиткаа тој нивни избор е, нели, само отсуство на светлина.

Таа „пукнатина“ беше дарежливото одобрување на главниот уредник на „Слободен печат“ Бранко Героски, овој весник да биде единствениот медиум кај нас, кој ќе се одважи и кој ќе се издигне над општото, бесмислено одбивање да ѝ се даде шанса на нивната приказна да биде макар слушната.

Но, внимавајте! Епископот Давид во ниту еден свој текст не ја злоупотреби довербата и видливоста што му ја овозможија Бранко Героски и „Слободен печат“. Ниту еднаш не ги искористи двете ворд странички за да пропагира, за да се брани, за да ги нападне опонентите. А, има стотици причини да постапи токму така! Напротив, во речиси сите негови колумни се гледа подадена рака, разбирање, љубов, и подготвеност да застане решително, и тој, и ПОА, во поддршка на опциите за решавање на црковното прашање на православните христијани во Република Македонија. И, не само тоа. Епископот Стобиски во објавените колумни најмалку пишува за црковниот проблем и за страдањето на клирот и верниците на ПОА, а многу повеќе за теми, кои произлегуваат од актуелниот момент или за теми за кои кај нас никој не пишува. Секогаш со пристап, со точка на гледање, која нуди нови димензии, нови перспективи и нијанси.

Кои беа другите причини, важни причини, епископот Давид да пишува? Ќе наведам уште неколку.

Како втора, но не помалку важна причина, напротив, затоа што пишува личност која 15 години живее во прогон и која многу добро знае, многу подобро од нас „слободните“, негонетите, што е слобода! А слободата е една од темите за кои пишува епископот Давид во своите колумни. И тоа во време кога слободата во Република Македонија беше доведена во прашање по сите основи. Но, текстовите за слободата на епископот Стобиски Давид имаат една друга димензија и доаѓаат од едно друго искуство, толку многу непознато за нас и за нашата култура.

Тоа искуство произлегува од неговото академско теолошко образование и од неговото животно искуство како монах и епископ, но и од неговото световно искуство од „претходниот“ живот. Таквиот поглед на нештата и на општествените феномени, вклучително и на однесувањето на човекот во нив, од една таква перспектива, зад кое стои учењето на православната теологија и опитот на светите отци, му дава за право, кога ќе рече дека наспроти доминантното мислење на мноштвото на луѓето, кои се сметаат за слободни, всушност станува збор за малкумина – слободни.  Зашто православната теологија учи дека вистинската слобода може да се постигне само со борба и со победа и преобразување на страстите. Ајде, бидете чесни, и пребројте ги таквите слободни луѓе околу вас.

Во овој момент слушам како велите: како некој може да зборува за слобода кога неговата вера претпоставува постоење на Бог, кому му се моли, кому му се поклонува… Епископот Давид во една своја колумна вели: „Темата на слободата е клучна за објавување на човекот кон кој е возможно да биде насочен нашиот стремеж. Се чини, неопходно е да се истакне оти мнозина мислечки луѓе се согласуваат дека слободата истовремено подразбира одговорност и дека во моментот кога човекот сака да ја префрли сопствената одговорност на некој друг во заедницата, тогаш бива целосно уништен и обесмислен како личност.“ Овој став произлегува од еден посебен однос во заедницата меѓу Бога и човекот. Од однос, кој е резултат на безусловната љубов на Отецот кон Синот, кој, пак, своите постапки кон Отецот ги определува доброволно и таквиот однос воопшто не им противречи на неговите желби и интереси бидејќи и тој ги донесува слободно во услови на безусловна љубов. Тоа е резултат на целосната слобода во заедницата на Синот со Отецот.

Оваа тема нѐ доведува до следната причина поради која сметам дека епископот Давид треба да пишува, бидејќи неговите колумни јасно ја нагласуваат разликата меѓу верата и религијата, и бидејќи неговите колумни најаргументирано ги разбиваат воспоставените стереотипи дека православната религија е „мрак и темјан“.

Голем дел од атеистите и од агностиците не прават разлика меѓу религијата и верата. Тие се многу блиски до мислењето на познатиот застапник на атеизмот Даниел Денет, кој вели дека човекот ја измислил религијата за да си ги реши проблемите. Како што се измислени и музиката и поезијата. Во една од своите колумни епископот Давид објаснува како атеизмот ја инаугурираше религијата како замена за верата со нагласување „на схоластичката, антропоморфна претстава за Бога, според која сѐ што е човекот, истото тоа е и Бог, само во суперлатив“. Така религијата стана доминантна претстава за верата, иако таа жестоко им се спротивставува на таквите богови-идоли, чиј наметнат авторитет и страв, кој произлегува од тој авторитет, всушност ја порекнува слободата и критичкото мислење.

Епископот Стобиски Давид сведочи една сосема спротивна пракса.