Кон познанието / Човекот поет

степwp

По повод 10-годишнината од архиерејската хиротонија на Епископот стобиски и Местобљустител струмички Давид, Струмичката Епископија на Православната Охридска Архиепископија ги објавува следните, нови наслови:

  • Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид

КОН ПОЗНАНИЕТО (белешки од догматиката)

и,

  • ЧОВЕКОТ ПОЕТ (збирка преводи; превод од грчки, српски и англиски јазик: Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид)

Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид: Краток вовед во книгата „Кон познанието“

На мнозина им е извесно, дека, веќе во првите векови на Христијанството, луѓето, дури и по пазарите, разговараа за разликите помеѓу теолошките термини, какви што се на пример: единосуштен (ομοούσιος) и сличносуштен (ομοιούσιος). Времето, кога за такви суштински теми се разговарало и по плоштадите, се чини дека е поминато, та не мал број од современите верувашти личности, се имаат оддалечено и од основните поими на догматската теологија на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

Редовите, коишто следуваат се сосема скромен обид, на еден, колку што е возможно поедноставен јазик, догматските теми да се доближат до современиот читател, и до оној, којшто верува и живее литургиски живот, но и до оној, којшто едноставно само сака да стекне претстава за некои од основните православни догми. Овие редови се срочени имајќи ги за своја основа белешките, коишто ги правев на усните предавања по Догматика, кај моите професори: Георгиос Марцелос, Хрисостомос Стамулис, Димитриос Целенгидис и Јоанис Курембелес, на Теолошкиот факултет при државниот Аристотелов Универзитет во Солун.

Содржината е поделена на следниве четири дела:

А. Историја на Православната Теологија и Духовност – дел, којшто претставува кус осврт на историјата на морфолошкиот развој на православните догми од нивната библиска објава, па до нивната поразвиена, црковна форма. Овој дел особено се однесува на триадологијата и христологијата. Морфолошкиот развој на догмите е во тесна поврзаност со православното духовно искуство и живот, како и со актуелните теолошки проблеми на епохите во кои доаѓало до обликување на православните догми. На крајот од овој дел набројани се и Вселенските Собори со сосема куси информации во однос на нивното одржување.

Б. Вовед во Теолошката Гносеологија – дел во којшто се разгледуваат гносеолошките претпоставки на православното догматско учење во споредба со схоластичкото и, општо, со западното, теолошко предание.

В. Точно Изложување на Православната Вера – дел во којшто се изложува точната содржина на православната вера, се испитуваат историските и духовните фактори на просторот, кадешто се обликувале и објавувале догмите (политика, философија, уметност и др.). Оската се догмите и символите. Целта на овој дел е воведување на читателот во православната духовност и во начинот на научно познавање на догмата.

Г. Символичка Теологија, табела со којашто се претставува римокатоличката и протестантската теологија од нивната појава до денес, што овозможува увид во значењето на теологијата на црквите во обликувањето на духовноста на верните. Целта на овој дел е да ги посочи догматските заблуди на неправославните. Познавањето на догматските разлики и живот на секоја црква, создава основа за еден точен пристап кон неправославните цркви.

Содржина, којашто сигурно ќе го збогати со значење накратко реченово во белешките, кои тука следуваат, бездруго е и зборникот на теолошки текстови, со наслов: ЧОВЕКОТ ПОЕТ, којшто бива отпечатен истовремено со странициве, кои читателот ги држи в раце. Всушност, не мал број од белешкиве и извираат од раскошната убавина на полнозначните текстови поместени во споменатиот зборник.

Значи, редовите, коишто следуваат воопшто не стремат да се наречат: православна догматика, туку попрво се намера за поттик кон познание на оние, коишто преку овие основни, сосема накратко изложени податоци, навистина ќе се заинтересираат за православната догматика, дејствително ќе се вложат да ја истражуваат и да дојдат до вистинските книги, до отечките теолошки текстови, и, до теолозите, коишто ќе им овозможат многу подлабоко запознавање со тоа што тука, би рекле, само за почеток ќе го сретнат…

– – –

Епископ брегалнички и Местобљустител битолски Марко: Предговор кон книгата „Човекот поет“

Овој зборник на теолошки текстови: ЧОВЕКОТ ПОЕТ, всушност, со својот наслов упатува на прекрасниот и извесен исказ на преподобниот старец Порфириј Кавсокаливит, којшто вели: „Оној што сака да биде Христијанин, прво треба да стане поет“! Посочениве и други мудри, старечки зборови на овој наш современ светител се составен дел и од четивото, коешто, во оваа книга, е предложено на вниманието на љубителите на книгата, на оние, коишто му посветуваат време на отпечатеното слово.

Насловот, значи, воопшто не е случаен, туку, за околностите во коишто живееме е полнозначен и индикативен. Зошто?

Имено, нашата современост, во голема мерка ја карактеризира традиционалистичкото христијанство, христијанството на бесмислени адети, фолклорното христијанство, па, доколку сакате, бездруго, би можеле да речеме, и политичкото христијанство. Но, сите овие квази облици на „христијанство“, не ретко го прават модерниот човек заробеник на надворешните манифестации на православието, православие, коешто, во суштина, за протагонистите на таквиот површен пристап, останува целосно непознато; та, следствено, нивната пројава не ретко бива именувана како карикатура на христијанството, и станува неприфатлива за интелегенцијата, и воопшто, за мислечките луѓе со автентична жед за нови познанија.

Оттука, текстовите предложени во овој зборник, можат да бидат целосно неприфатливи за поклониците на традиционалистичкото христијанство, за оние, коишто сметаат дека знаат сѐ, за оние со вкочането постоење, коишто ценат дека не е потребно да се менуваат, во афирмативната смисла на изразот менување, преобразување!

Но, оние, коишто сакаат да се допрат до самобитната православна духовност, при дружењето со авторите и нивните искуства пренесени во пишаната реч, застапена во овој зборник, ќе имаат можност да мирисаат од вдахновувачкиот мирис на некои прекрасни цветови, коишто го сочинуваат големиот букет на разнообразни цветови на богатото православно предание.

Текстовите од овој зборник се избран дел од преводите со коишто Епископот стобиски и Местобљустител струмички Давид се има зафатено во, отприлика, изминативе десетина години. Најголемиот дел од нив се објавени, прво во „Соборност“, периодиката на Архиепископијата охридска, а потоа и во „Успение“, списанието на Успенскиот манастир. Автори на содржината се некои од Светите Отци на Црквата: светите Симеон Нов Богослов, Григориј Палама и др.; потоа светители од нашава епоха: споменатиот Порфириј Кавсокаливит, Пајсиј Светогорец и др.; стихови на Кавафис, потоа, современи теолози: Г. Марцелос, Х. Стамулис и други имиња, чиишто текстови, застапени во овој зборник, наоѓаат своја примена во современиот живот и можат творечки да влијаат на градењето точна претстава за православното христијанство, но и за градењето на личноста на човекот, кај оние, коишто одбрале дејствително да го прават подвигот според вредностите на православната духовност.

Би сакале да предочиме дека овој зборник на теолошки текстови излегува од печат истовремено со белешките на Епископот стобиски и Местобљустител струмички Давид за православната догматика, белешки кои го носат насловот: КОН ПОЗНАНИЕТО! Се чини дека голем број на преводи од овој зборник се основата врз којашто се градени догматските белешки, та затоа, препорачуваме овие два наслови да бидат читани со проникнување на нивните содржини!

Го завршуваме овој краток предговор со следниов акцент: доколку земеме предвид дека грчкиот збор: ποιητής (поет), можеме точно да го преведеме на нашиот мајчин јазик, не само како: стихотворец (според денешното поимање на зборот: поет), туку уште поточно како: творец, создател; тогаш, пораката на овој зборник теолошки текстови е дека: оној што сака да биде христијанин, ќе треба да појми дека таков не се станува само по наследство, туку дека првенствено е потребно да се потруди да стане творец, да стане креативно битие, и, на тој начин дејствително да се покаже вистински уметник на севкупното свое постоење, оправдувајќи го името што го носи – христијанин!