Епископ стобиски Давид: Проникнување на времето со вонвременото!

(обраќање на 10-годишнината од хиротонијата во архиерејски чин)

Ваше Блаженство Архиепископе на најсветата Архиепископија охридска и Митрополија скопска г.г. Јован, Ваше Преосвештенство Епископе брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, чесни отци, преподобно монаштво, возљубени во Богочовекот Христос,

не ретко се збива убавиот обичај, луѓето да го прославуваат заокружувањето на одредени временски периоди, веројатно со цел да ја разбијат едноличноста на живеачката. Но, тогаш, кога на споменатите прослави, низ прсти им се излизгува допирот со вонвременото, токму тогаш, истите биваат голтнати од создаденото време, како што во античката, митско-теолошка мисла, Времето, т.е. Χρόνος, лакомо ги јадеше сите свои деца, станувајќи тиранин на нивното постоење. Сепак, согласно на античките, трагички поети, со своето одминување, времето ги вади на виделина сите одговори, без повеќе да има потреба некој да му поставува прашања. Следствено, се чини излишно е прашањето: зошто ја празнуваме оваа десетгодишнина од ракополагањето во епископски чин? Изминатото време, вам веќе ви го има дадено одговорот. Затоа, смирено молам да ми простите за сѐ што во изминатово време сум можел да направам, а не сум го направил!

И, дејствително, тоа што, само со Божја помош и од грижа кон своите монаси, сме подигнале скромен покрив над главата, откако, со полициска сила бевме избркани од манастирот во кој живеевме; тоа што го срушија објектот прилагоден во параклис во скопската приградска населба, имот на нашите родители; тоа што, низ изминатиов период, сме се потрудиле да објавиме во печатена форма неколку наслови, преводи и наши скромни редови; тоа што, од овие десет, поминавме пет години по судовите заедно со Вас, Ваше Блаженство, Архиепископе охридски Јован, со брегалничкиот Епископ Марко, со свештениците, монасите и верниот народ од Охридската Архиепископија, а судскиот процес сѐ уште трае… и, да не набројуваме понатаму, оти сите волји и неволји добро се познати, значи, сето тоа ние го сметаме за нешто што само по себе се подразбира, кога личноста слободно ќе се определи да го живее единството на Црквата во делумно слободна земја, каква што, за жал, сѐ уште е нашата! Оттука, не сметаме дека сме направиле нешто, за што би можело да се рече дека има посебно значење!

Но, ќе замолиме да не ни биде сметан за нескромен исказот, дека низ изминатите години, со Божја помош, сме се труделе, според силите, во тоа, коешто цениме дека има значење! За што конкретно станува збор? Несомнено, за нас, суштински битна одлика на нашето постоење, бездруго е нашата вера во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква! Всушност, тоа е вера во Едната, Света, Соборна и Апостолска Литургија, бидејќи, соборна Црква се само оние личности, кои се собрани и причестени на соборната Литургија. Благодарение на Вас, Ваше Блаженство, и на браќата Епископи од Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, кои изгласавте да бидеме избран за Архиереј, а ние доброволно прифативме, иако исцело недостоен, го имаме тој благослов, како Епископ да ја совршуваме божествената мистагогија. Сметаме дека не постои поскапоцено дело за еден Епископ од тоа да ја чува соборноста на Eвхаристијата!

Од нашето, пак, најблиско опкружување, имајќи го примерот на Архиепископот охридски Јован, согледуваме дека соборноста и единството на Црквата се чуваат и зад затворските решетки, по цена на животот.

Особено сме радосни и благодарни, затоа што десетгодишнината од нашето ракополагање во епископски чин, ја прославуваме токму со божествена Евхаристија, бидејќи согласно на светиот Максим Исповедник, тајната на Евхаристијата е органско и восовршувачко поврзување на символот и архетипот, собирање на многуте и различни логоси во Логосот, би рекле уште, укинување на тиранијата на времето, и, допир на времето со вонвременото, значи осмислување на времето, средба помеѓу створената и нестворената стварност. Така, во Евхаристијата, според светиот Василиј Велики, времето, односно χρόνος, во богатиот и полнозначен елински јазик, станува всушност καιρός, односно ευκαιρία, т.е. добра прилика за средба со Бога и вечноста. Ви благодарам, Ваше Блаженство, Ваше Преосвештенство, вам и на сите собрани, за оваа добра прилика да се сретнеме со Бога и едни со други во Бога, без да ги укинеме, но, притоа, и без да им се покориме на разликите, старосните, националните, и другите, со кои се одликуваме. Ви благодарам за оваа литургиска прослава, која сведочи дека во Црквата, времето го нема последниот збор, туку проникнувањето со вонвременото е наша постојана прослава.

Претходнореченото го истакнавме, затоа што живееме во епоха, кога потчинетоста на времето и затвореноста во нацијата, стануваат услов без кој мнозина и не можат да го замислат постоењето. Истовремено, сѐ повеќе мислечки луѓе го делат ставот дека лошата политика го должи своето издигнување на падот на критериумите кај граѓанството. Значи, сѐ поголем број трезвеномислечки битија поимаат дека национализмот подразбира затвореност за наднационалното ромејство, и истовремено подразбира укинување на разликите помеѓу доброто и лошото, та, за жал, сѐ може да пројде само доколку се припаѓа на една фаворизирана нација, како националната припадност да е вредност сама по себе, а не е! Досега, домашните политичари ѝ даваа предност само на створената и минлива категорија – време, и на нацијата, која чекори покрај измерливото време. Сега се појавуваат некои политичари, кои зборуваат за реформи, т.е. за преобликување на сѐ што досега било неточно обликувано и велат дека подаваат рака кон секого. Ќе видиме! Ние ги охрабруваме во таквиот пристап, и следствено, ги потсетуваме дека: забот на времето набргу ќе ги нагризе, „демократскиот фундаментализам“ ќе ги разобличи, и, реформите нема да им бидат целосни, доколку не се случат реформи и во однос на почитувањето на верските слободи за сите граѓани подеднакво. Видлив знак за реформите? Одговорот е едноставен, Православната Охридска Архиепископија да биде час поскоро регистрирана, чин со кој државниот апарат пред домашната и меѓународната јавност ќе го афирмира ставот дека, на оние граѓани кои сакаат да се среќаваат во соборноста на Црквата, не е возможно да им биде забрането нивното време на земјата, како простор за средба со вонвременото!

Во сржта, пак, на оние луѓе, кои се надвор од соборноста на Црквата, засега се наоѓа отсуството на средба, отсуството на заедничарење. За жал, на таквите луѓе од нашето опкружување им се случува да бидат завладеани од фрагментот. Тие си земаат еден фрагмет, на пр.: нацијата, фолклорот, одлуката на партијата или нешто слично, и од него си прават апсолут на сметка на единството на Црквата. За разлика од луѓето на фрагментот (кои, за очекување е да стигнат до соборноста), Христијаните на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, уште од првите векови, па до денес, со саможртвена љубов, го чуваат единството на Црквата, бидејќи го основаат на зборовите Христови: „Да бидат едно, како што сме ние едно“ (Јован. 17. 22). Тоа конкретно единство, не може да се обезбеди поинаку, освен преку Епископот, бидејќи Епископот е единствениот претстојател на светата Евхаристија, и не е возможно некој да служи Евхаристија доколку не го спомне Епископот во чиешто име истата се совршува. Сведочиме дека гореспомнатите зборови од Христовата првосвештеничка молитва, се и Ваша молитва, Ваше Блаженство, и сведочиме дека се молитва на сите канонски Епископи, како соборни личности, имајќи ги постојано отворени вратите на срцата за оние од нашето опкружување, кои од фрагментот, од неединството, сакаат да му пристапат на спасоносното единство, што е и возможно единствено преку Архиепископот охридски и Православната Охридска Архиепископија; оти, смислата на епископството е сѐ да приведува во единство со Христа во Црквата, сведочејќи дека Црквата не е идеологија, туку конкретна литургиска заедница.

Се сеќаваме дека пред десет години, во пристапната епископска беседа рековме дека соборната Евхаристија е и вистинската духовна авангарда, бидејќи ослободува од заробеноста во националшовинизмот на овој свет и век. Исповедавме и исповедаме дека обожението со несоздадената благодат на Триипостасниот Бог е возможно само во соборноста на Црквата, и се обврзавме да Му содејствуваме на Христа во неговата саможртвена грижа за единството на Црквата. Затоа, Ваше Блаженство, Ваше Преосвештенство, чесни отци, игуманија Кирана со сестринството, возљубени браќа и сестри, одново ги просиме вашите молитви, за по нив да се удостоиме со Божјото присуство, онака, како што тоа невидливо, но дејствително присуство Божјо, прекрасно го опишува големиот поет Томас Елиот, во неговата „Пуста земја“, кога вели: „Кој е оној третиот, што постојано покрај тебе оди? Кога бројам, тука сме само ти и јас, / но кога погледнувам низ белиот пат, / секогаш гледам некој како покрај тебе оди“.

Следствено, секогаш заедно патувајќи и имајќи го Христа за најверен сопатник, да го празнуваме минувањето на времето во допир со вонвременото, и така истовремено да го празнуваме доаѓањето на новото време, бидејќи, според православната вера, нашиот поглед на крајот од времето не согледува хаос, туку средба со Христа, Доаѓаштиот од иднината и превоспоставување на сѐ, согласно на зборовите Христови: „Јас Сум Алфа и Омега, говори Господ Бог, Кој Е, Кој Беше и Кој Доаѓа, “ (Откр. 1. 8); та, така сопатувајќи и напредувајќи според мерката на растот во полнотата Христова (Ефес. 4. 13), незамолчливо слава да ѝ вознесуваме на Светата, Единосуштна и Живототворна Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин.