Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид: Климент Охридски – Светител на Вселената, на Ромејството!

(превод на омилијата изговорена на 23 Јуни 2016 г., на свештеничкото собрание во „Павловиот Културен Центар“, во Верија, Р. Грција, по повод прославата во Веријската Митрополија на 1100 години од упокоението на свети Климент Охридски)

Високопреосвештен Митрополите на Верија, Науса и Кампанија г. Пантелејмон, чесни отци,

во редовите што следуваат, преку еден аргументиран и непристрасен пристап, ќе се осврнеме на контекстот во којшто, на сцената на историјата, се појавува една исклучително блескава личност, а таква личност бездруго е светиот Климент Охридски! Потоа, накратко, тогашните историски околности ќе ги споредиме со сегашноста, со единствена цел: од изложеното во ова обраќање, секој мислечки човек, без принуда, да има можност самиот да донесе заклучок, што светиот Климент е, а што не е, од она, коешто различните научни и помалку научни пристапи ни го претставуваат во однос на неговата личност и дејност.

Познато ви е дека во нашата татковина дејствува расколничката и, природно, за целиот православен свет, непостоечка т.н. „Македонска православна црква“, која во содејство на одредени политички структури, во образованието и, воопшто, во јавноста, оприсутнува едно извитоперено, не ретко и фалсификувано гледање на историјата, којашто продолжително ја прилагодува на својот калап, како начин да повлече некаков историски континуитет за своето постоење. Сосема друг проблем претставува тоа што мнозина, коишто се стекнале со таквите научно неиздржани податоци, кои ќе ги видиме во продолжение, се судираат со релевантните научни докази, секогаш кога ќе излезат надвор од својата земја, и ќе влезат во светот на науката, во кој политички прилагодената историја нема никакво значење и нема никаква врска со реалноста.

Ова обраќање во ниту еден случај нема за цел да ги навреди оние, коишто ја изопачуваат историјата, туку попрво да приложи научни докази, кои водат кон познание на вистината, која ослободува,[1] па, ако сакате, и кон конструктивна дебата, која нема да се темели на лаги и произволни податоци, туку на истакнати и важечки референци и докази.

Во оваа прилика ќе се осврнеме на две конкретни историски искривувања.

I. Првото искривување на историјата е дека расколничката и самонаречена „Македонска православна црква“ е всушност, какошто самите се изразуваат: обновена светиклиментова Охридска Архиепископија, светиклиментова црква, црква на славниот свети Климент Архиепископот Охридски! На пр., еден расколнички историчар, пишува: „свети Климент станува првиот Епископ и основач на македонословенската црква со седиште во Охрид“.[2] Во учебникот од кој учат расколничките богослови, негов колега, исто така, пишува: „свети Климент е основоположник на денешната Македонска православна црква“.[3] Врз основа на овие ставови, во уставот на расколничката т.н. „Македонска православна црква“, стои запишано дека: „врз основа на тоа дека првите епископии се основани во македонските градови Солун, Бер и др., врз основа на дејноста на македонските апостоли Гај и Аристарх, врз основа на дејноста на свети Климент епископот на македонската величка епархија, кој на својот македонски народ му остави книги на старомакедонски јазик и т.н., и т.н., се донесува Уставот на Македонската православна црква“.[4]

Ги наведуваме овие референци, за црковната јавност да се запознае од поблиску со кризата на идентитетот на расколниците во нашата земја, коишто бараат да бидат примени во Соборноста на Црквата, без притоа дејствително да покажат преумување за очигледните и тенденциозни изопачувања на црковната историја!

Но, да видиме што велат историските факти?

Од Житието на светиот Климент, коешто го напишал блажениот Теофилакт Архиепископот Охридски, познато е дека светиот Климент ги придружувал Просветителите на Словените, светите Методиј и Кирил, во нивната мисија во Моравија. Бил прогонет од Моравија и дошол кај бугарскиот цар Борис Михаил, којшто го испрати за учител во Кутмичевица, дарувајќи му места за почивка во Охрид и Главеница.[5] Значи, тогаш кога царот Борис Михаил го испраќа светиот Климент во Кутмичевица, светиот Климент сѐ уште не бил ракоположен за Епископ. Научните истражувања покажуваат дека после барањето на царот Симеон, за поставување на Архиереј од словенско потекло, Вселенската Патријаршија формира нова Епископија со име Величка, и таму за прв Епископ го поставува светиот Климент, кој за време на својот живот ја имал титулата Епископ Велички.[6] За територијата што ја опфаќа оваа Епископија постојат многу и различни истражувања и ние, сега, нема да се задржуваме на таа тема. За оние, коишто се интересираат, ќе посочиме само дека битен извор, кој го третира тоа прашање, бездруго е книгата „Светиот Климент и прашањето за Епископијата Величка“, на Ангелики Деликари. Но, може да се заклучи дека скоро сите истражувачи се согласуваат дека границите на јурисдикцијата на светиот Климент, би можело да бидат локализирани во различни области, од северозападните Родопи, до албанското крајбрежје.[7]

Сите, пак, научни истражувања се сложуваат дека светиот Климент Епископот Велички се упокоил на 27 Јули 916 година. Од друга страна, исто така, непобитен научен факт е дека Охридската Архиепископија е основана во 1018 год., од византискиот автократор Василиј II Бугароубиец, со три царски хрисовули, и очигледно е дека оваа Архиепископија имала своја автономија во канонската јурисдикција на Вселенската Патријаршија.[8]

Следствено, светиот Климент Епископот Велички се упокојува цел еден век и две години пред основањето на Охридската Архиепископија. Тој бил Епископ на Вселенската Патријаршија и не може да се смета за основач на Охридската Архиепископија, а во ниту еден случај за основач на расколничката, самонаречена „Македонска православна црква“, од причините коишто погоре ги предочивме, како и од фактот дека светиот Климент никогаш не бил во раскол со Црквата, како што денес, во раскол се наоѓаат Епископите на државно формираната, т.н. „Македонска православна црква“! Очигледно, титулата Архиепископ Охридски, светиот Климент ја добил само почесно и тоа долго време после неговото упокоение.

II. Второто искривување на историските факти, коешто од поново време е присутно во нашата татковина е дека светиот Климент ја создал кириличната азбука и ја нарекол така во чест на својот учител, светиот Кирил. Согласно на важечкиот образовен систем, веќе во трето одделение децата учат дека тоа е азбуката со којашто се служат и денес,[9] иако денешната азбука во нашата татковина во голема мера е изменета! На пр., во 1945 год., додадени се шест целосно нови букви, а отфрлени се многу букви од автентичната кирилица. Исто така, во учебникот за шесто одделение на децата им се повторува дека светиот Климент ја создал втората словенска азбука која ја нарекол кирилица и дека кирилицата е всушност македонската азбука.[10] Искривувањето на историјата оди до таму што јазикот на светиот Климент, одредени расколнички кругови, кога ги преведуваат неговите дела, наведуваат дека се преведени од „старомакедонски јазик“, на тој начин наметнувајќи му насилно на светиот Климент дека тој зборувал и пишувал на „старомакедонски јазик“.[11] Вакви примери постојат многу! Тука, досега, предочивме гледишта само на двајца истакнати истражувачи, но и на Теофилакт Охридски, за издржано да го илустрираме искривувањето на научните историски факти. Навистина е трагично кога човек стекнува политички обоено образование, кое не соодветствува на научната реалност и со кое, како што посочивме, не може да се служи надвор од границите на сопствената татковина.

Како одговор на спомнатото извитоперување на историската вистина, ќе истакнеме дека познатиот византолог Димитри Оболенски тврди дека светиот Климент ја употребувал глаголицата, и не само тоа, туку и дека заради Климентовата дејност, Охрид останал главен центар на глаголични скриптории на Балканот.[12] Глаголицата се користела во Охридската книжевна школа уште неколку векови после упокоението на светиот Климент. Оболенски пишува дека кирилицата била стандардна азбука за Преславската школа во источна Бугарија, дека не постои издржано предание, коешто го поврзува Климентовото име со кирилицата и дека научниците го одбиваат ставот дека светиот Климент ја создал кирилицата.[13] И познатиот научник и професор Антониос-Емилиос Тахиаос пишува дека создавањето на кирилицата му припаѓа на Константин Епископот Преславски, којшто и самиот бил ученик на свети Кирил, и дека токму таа азбука ќе биде символ за заветот, којшто Византија им го дала на Словените преку цела една култура, преку науките, коишто происходат од Византиското Царство. Следствено, византиското наследство, преку кирило-методиевското предание, вклучително и преку светиот Климент, им било предадено на Словените не како статична, но како една динамична компонента, која од Словените ќе направи народи со богати духовни и културни вредности, на коишто заветен чувар, бездруго, била Византија.[14]

Во однос на потеклото на светиот Климент постојат различни тези. На пр., професорот Тахиаос пишува дека светителот имал словенско потекло,[15] но факт, којшто особено го истакнуваат мнозина научници е дека светиот Климент уште од најмалата возраст подеднакво ги говорел и словенскиот и елинскиот јазик. Од вниманието не треба да ни избега дека за времето во коешто живеел светиот Климент навистина е тешко да се зборува за национална припадност во смисла во којашто националната припадност се подразбира денес, особено надвор од Црквата!

Делото на светиот Климент првенствено подразбира свештенопосланство, мисионерство, и, секако, станува збор за дело со чисто духовен карактер. Преведувачкото дело на светиот Климент од елински на словенски јазик се распростре и беше предадено буквално помеѓу сите Словени,[16] та несериозно е едно такво дело да биде затворено во тесните граници на етнофилетизмот. За нашиот заеднички светител, полнозначно и карактеристично, Димитри Оболенски ќе напише дека: „светиот Климент, покрај своите учители Кирил и Методиј, претставува еден од главните архитекти на византиската културна заедница.“[17] Не само преведувачкото, но севкупното дело на светиот Климент, во кое спаѓаат неговите агиографски дела, потоа особено неговите проповеди, па ако сакате, како што вели Теофилакт: „светиот Климент од земјата на Елините донесе благородни дрвја со кои ги накалеми дивите дрвја на бугарската земја“[18]; значи, севкупното дело на светиот Климент Охридскиот Чудотворец има еден икуменски размер и во себе ја содржи сета широчина на Ромејството.

Ќе го завршам ова кратко излагање со следниов исказ: на дното од еден исушен бунар се наоѓала една жаба, којашто од дното гледала нагоре, кон небото. Одеднаш, горе на бунарот слетал галеб, кој ѝ рекол:

– колку е прекрасно небото, зарем не?!

Но, жабата недружељубиво и грубо му одговорила:

– каква дрскост, ти ли ќе ми зборуваш за небото, кога од овде кадешто сум и самата многу убаво го гледам!

Погледот на жабата кон небото од дното на бунарот е погледот на расколот, погледот на оние, коишто сакаат небото да го стават во нивниот ограничен калап, во нивните тесни, користољубиви граници.

Погледот на галебот кон небото е погледот на Православието, погледот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец, погледот на скапоценото Ромејство, поглед на кој е повикан секој човек, кој сака да се ослободи од стегите на етнофилетизмот и трулежноста, и дејствително да го исполни призивот – да го обожи сопственото постоење во Единството на Црквата, како што тоа на дело го направи светиот Климент Охридски.

Ви благодарам на вниманието.

– – –

Превод од грчки јазик: Игуманија Кирана

[1] Јован 8. 32

[2] Славко Димевски, „Историја на Македонската православна црква“, стр. 5, Македонска книга, Скопје, 1989.

[3] мр Јован Белчовски, „Историските основи за автокефалноста на Македонската православна црква“, стр. 12, Скопје, 1990.

[4] Устав на Македонската православна црква, стр. 3 – 5, Скопје, 1995.

[5]  Жития на българските светии, Блажени Теофилакт Охридски: Житие на свети Климент, стр. 205 – 207, Света Гора Атон, Славянобългарски манастир „Св. Вмчк. Георги Зограф“, 2002.

[6]  Αγγελική Δεληκάρη, «Η Αρχιεπισκοπή Αχριδών κατά των μεσαίωνα», σελ. 82, University Studio Press, Θεσσαλονίκη 2014

[7] Angeliki Delikari, Der Hl. Klemens und die frage des bistums von Velitza,  стр. 63. SS Cyril and Methodius center for sultural studies, Thessaloniki, 1997.

[8] Иван Снегаров, „История на Охридската Архиепископия“, Том 1, стр. 52 – 63, Академично издателство Проф. Марин Дринов, София, 1995.

[9] Весна Настоска, Љубица Севдинска, „Македонски јазик за трето одделение, за деветгодишно образование“, стр. 194, Просветно дело, Скопје, 2015.

[10] Снежана Велкова, Соња Јовановска, „Македонски јазик за шесто одделение, за деветгодишно образование“, стр. 73, Просветно дело 2009.

[11] Свети Климент Охридски,  „Собрани дела: слова, поуки, житија“, превод од старомакедонски протопрезвитер др Јован Таковски, МПЦ, Скопје, 2012.

[12] Димитри Оболенски, „Шест византиски портрети“, стр. 48, Макавеј, Скопје, 2011.

[13] Исто

[14] види: Антониос-Емилиос Н. Тахиаос, „Пораката на наследството на Светите Кирил и Методиј кон светот на Словените“, Соборност, бр. 16-18, 2006.

[15] Антоније-Емил Н. Тахиаос, „Солун и свет Словена. Духовно и културно зрачење византијског града“, стр. 31, Међународни центар за православне студије, Универзитет у Нишу – Центар за византијско-словенске студије, Ниш, 2014.

[16] Ιωάννης Χ. Ταρνανίδης, «Ιστορια της Βουλγαρικής Εκκλησίας», σελ. 38 – 40, Εκδοτικός Οίκος Αδελφών Κυριακίδη, Θεσσαλονίκη, 2005.

[17] Димитри Оболенски, „Шест византиски портрети“, стр. 52, Макавеј, Скопје, 2011.

[18] Жития на българските светии, Блажени Теофилакт Охридски: Житие на свети Климент, стр. 215, Света Гора Атон, Славянобългарски манастир „Св. Вмчк. Георги Зограф“, 2002.