Епископ стобиски Давид: Името!

После неколку месеци од доаѓањето на новата власт, приличи да се предочи една, сѐ уште демнечка закана за развојот на нашиот општествен живот! За што конкретно станува збор? Одговорот на ова прашање, претходно, изискува кус осврт на проблемот на вечноста.

Гледајќи ги промените, кои дејствително се одвиваат во природата, пред сѐ соочувајќи се со смртта, древните философи, кои ја сметаа материјата за вечна, го поставија логичното прашање: дали постои нешто вистинито, т.е., секогаш исто и неминливо во природата на нештата? Накусо речено, кај некои од нив, од посочената дилема произлезе учењето за идеите, како неминливи вистини за битијата. Имено, цветот ќе изгние и ќе исчезне, но идејата за цветот е вечна. Од друга страна, според внатрешната философија на христијанската мисла, вечноста не е апстрактна суштина, туку конкретна личност, која е ослободена од секоја нужност, принуда, и од било каква условеност и ограниченост! Се разбира, постојат и други согледби, кои можат да се надоврзуваат на досега реченото.

Но, наивно е да се негуваат илузиите дека во земјава повеќе не се крие духот, кој и на националшовинизмот, скриен под плаштот на државното име, му припишува – вечност! Доволно е некој да ја избрише прашината од ламбата со гравура „Македонија вечна“ и индивидуалните слободи да се стрмоглават в неврат пред наводните колективни потреби.

Доколку, пак, некој се повика на творечката слобода при составувањето слогани, „Македонија вечна“ е излитена фраза од тетратките на оние, кои во ноќните радио емисии начекуваат прилика до недоглед да ги читаат своите раскашавени стихови. Толку за книжевната вредност на „Македонија вечна“! Од философски аспект, Р. Македонија, бездруго, не е платонова идеја, ниту, пак е вечност ослободена од нужност и принуда. Најпосле, од политичка точка, земјава стреми кон ЕУ, а тоа значи ограничен суверенитет, што веројатно и не е толку лошо, имајќи предвид дека заради своите размери не ќе да е секогаш можно самата да го сочува суверенитетот. Реченото се однесува на слоганот, а оттука натаму, за културата на Македонија низ разните епохи, нека зборуваат науките!

Сепак, би додал дека денес, од каде и да го погледнеме тоа што се крие зад „Македонија вечна“, без сомнеж гледаме дека, низ последната деценија создаваната митологија за бесмртноста на Р. Македонија, всушност е опијат за метафизички затапените граѓани на менливата и минлива Р. Македонија! Едноставно речено, не постои вечна држава, не постојат бесмртни политички граници во овој свет и век, кој без престан се менува.

Тука, просторот за да се добројат сите, од мноштвото остроумни луѓе на Р. Македонија, е ограничен! Но, застрашувачки, Р. Македонија се и оние граѓани, кои на анкетното ТВ прашање: „што би направиле доколку дознаете дека вашиот комшија е homo sapiens“?, одговараат: „ќе го обесам“, или: „треба да го утепам или да ме утепа“! На ниту една партија, на ниту една организација не би требало да ѝ ласка гласот на метафизички затапениот човек, но ете, постојат и политичари, и попови, на кои им се приметува дека одамна престанале да читаат книги и почнале да се идентификуваат со застрашувачкото! Р. Македонија е, уште, земја со смртоносни дупки на еден од сите два автопатишта за кои луѓето на патарина си ја плаќаат погибијата. Земја е на луѓе, кои пред странски телевизии одговараат дека бугарскиот цар Самоил е татко на таткото на хеленизмот Александар Велики! Среќа што постои смртта, инаку кај нас глупоста ќе беше вечна!

Како ќе се реформира изопаченото? Така што слободата мора да му се почитува буквално на секого, но без престан ќе се изострува критериумот за тоа – кој ја живее слободата како глупост, а кој како онтолошка состојба! Во тоа е шармот на вечноста! Следствено, „Македонија вечна“, нема комерцијални, туку националшовинистички, заглупувачки цели. Имајќи го предвид извитопереното политичко наследство од изминатото десетлетие, видливо е дека националшовинизмот почнува таму, кадешто на личната слобода ѝ се наметнува, од страна на еден човек, прогласената колективна потреба.

Оние, кои денес имаат најголема одговорност, тешко дека ќе можат да градат на здрави основи, доколку пред сѐ не го демитологизираат националшовинизмот, и бездруго, доколку истовремено не го решат проблемот со името! Дотогаш земјата останува ранлива! Почетокот ветува, но рано е за еуфорија! И со промената на власта, сѐ уште сме делумно слободна земја. Власта, пак, ќе ја цениме не само по почетокот, туку пред сѐ по крајот! Одговорните ја имаат последната шанса да покажат доблест, да ги решат посочените, суштински проблеми и од „вечна“, конечно да ја направат Р. Македонија – слободна земја! После нив – веќе ќе нема луѓе! Согласно на шегата, кога шумарот сретнал три џуџиња во шумата и ги прашал: „кои сте вие“? „Ние сме седумте џуџиња на Снежана“, одговориле. „Но, како седумте, кога сте само три“! Тие, кревајќи ги рамењата, рекле: „нема луѓе“!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 07 Септември 2017 год.