Епископ стобиски Давид: Автокефалијата!

Во едно демократско општество, кадешто се почитува уставната определба за одделеност на црквата и верските заедници од државата, пишувањето на овие редови ќе беше беспредметно. За жал, кај нас е повеќе од неопходно! Во продолжение, накратко, ќе ја разгледаме причината за предочената нужност.

Постојат напредни демократии, кои, согласно на нивниот правен поредок, немаат закон за регистрирање на верски заедници! Зошто? Затоа што за нив, едноставно, тие постојат! Плурализмот на слободната теолошка мисла и изразувањето на истата, е клучна алка, која, за да се спои со цивилизираниот свет, ѝ недостасува на нашата земја. Нашиот државен апарат сѐ уште го штити монополот на МПЦ во однос на другите постоечки цркви со православен предзнак, кои судот упорно одбива да ги регистрира! Притоа, МПЦ останува решително непризната за православниот свет, што суштински ја поткопува вистинитоста на нејзиното самоименување како православна црква. Истовремено, неоправданиот анахронизам на одредени структури во Државната безбедност ги поттикнува неколкуте задолжени новинари да папагализираат дека за состојбата во која се наоѓа МПЦ е виновна Српската православна црква (СПЦ). Овој став здушно го поддржуваат и некои клирици/монаси на МПЦ, кои својата неграмотност ја прикриваат со звучните титули.

Затоа, во воведот истакнав дека е неопходно, на секој трезвеномислечки човек, еднаш за секогаш, да му стане јасно, како бел ден, следново: СПЦ, во ниту еден случај и никогаш, не може да ѝ додели автокефалност на МПЦ! Анахроните структури на Државната безбедност со својот апсурден пристап, задолжените новинари и дел од клирот на МПЦ функционираат на принципот превртена чаша. Колку и да им се налева ова сознание, остануваат без содржина. Оттука, тие луѓе не само што не помагаат, но со својот пристап го одмагаат решението на проблемот во кој МПЦ се прпелка последниве педесет години.

Еве зошто СПЦ не може да ѝ додели автокефалија на МПЦ! Години наназад, во Шамбези, центар на Константинополската патријаршија во Швајцарија, се одржуваа подготвителни средби на кои се разговараше за темите што ќе бидат застапени на соборот во Крит, што се одржа минатата година. На средбите учествуваа претставници на сите православни цркви, а кога не беше во затвор, учествуваше и архиепископот охридски  Јован. Токму на овие сеправославни средби се одлучи дека документот за доделувањето автокефалност на една црква мора да биде потпишан од сите православни патријарси. Темата не стана дел од критскиот собор, бидејќи остана да се воточни начинот на потпишување, но непобитен факт е дека документот мора да го потпишат сите патријарси, без исклучок! СПЦ е сериозна црква и одговорно го почитува претходно реченото. Следствено, СПЦ може да предложи, но ниту СПЦ, ниту било која друга православна црква не може и никогаш нема поединечно да ја признае МПЦ како автокефална!

Уште еден непобитен факт: за некоја црква да добие документ дека е автокефална, прво треба да биде дел од православната црква. А, МПЦ не е дел! Затоа, кога ќе се реши проблемот со името на државата, тоа воопшто нема да значи автоматско признавање и на МПЦ. Призната црква на територијата на нашата држава за православниот свет е ПОА. Затоа, во настапувачките преговори МПЦ ќе треба да се преуми и писмено да се извини за направениот раскол, та така да се соедини со признатата црква! А, ПОА со радост ќе го сподели со нив сопствениот томос за автономија, признат од сиот православен свет.

Да се биде во заедница со останатите православни цркви, покрај слободата, значи и одговорност. Во православието не постојат национални цркви! Доказ? На пр., доколку СПЦ му го одземе чинот на некој епископ, тој има право на жалба на повисока инстанца. Во тој случај, Константинополската патријаршија свикува по неколку епископи од секоја автокефална црква, за сите заедно да ја разгледаат жалбата. Доколку ја уважат и одлучат дека на епископот не треба да му се одзема чинот, тогаш СПЦ, иако е автокефална црква, должна е да го прими тој епископ. Дека реченово не е само теорија без пракса, сведочи и еден токму таков собор на епископи од сите цркви, во 2005 год., на кој, беше расчинет, ни помалку ни повеќе, туку самиот патријарх на автокефалната Јерусалимска патријаршија. Во такви случаи власта на една држава ниту може да се меша, ниту, пак, може да ја промени одлуката, доколку, на пример, биде црковно суден претстојателот на една црква.

Оставам простор за верба дека сегашната власт нема да се меша во претстојните трилатерални преговори помеѓу МПЦ, ПОА и СПЦ. Никој не е против автокефалноста, но премногу очигледно е дека таа не се стекнува на пучистички начин. Власта е должна да ги почитува црковните одлуки, а без разлика на исходот на преговорите, должна е да ги почитува верските слободи на сите граѓани, подеднакво!

– – –

објавено во Слободен Печат, 21 Септември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3353/-avtokefalijata