Епископ стобиски Давид: Богомолци!

Во пресрет на претстојните локални избори, се чини пригодно е да се артикулира ставот во однос на појавата, која го окупира вниманието на мислечките луѓе во земјава, особено во текот на предизборните кампањи, но и помеѓу нив. Во обидот да доловам за каква појава точно станува збор, ќе се послужам со следната илустрација.

Во нашата понова политичка историја, без сомнеж постојат мноштво комични чинови, а некои , бездруго, се издвојуваат како антологиски. Во еден од нив, поранешниот претседател и познат православен атеист Бранко Црвенковски, следејќи ја прецизната режисерска палка, ги искачува скалите на храмот „Св. Јован Крстител“. Камерата будно го следи како побожно чекори низ црковниот двор, благонаклоно се ракува со свештеникот, смирено застанува во ред зад другите и со трпение чека да запали свеќа. И, да се помоли! Режисерот веќе зумира како православниот атеист Бранко Црвенковски се моли, свеќата е запалена и тој горешто се прекрстува. Влегува во храмот, а на заминување дава изјава, толкувајќи го значењето на христијанскиот празник. Од сите новинари, само еден се осмели да го постави епохалното, философско прашање, кое гласи: кај кого се падна паричката? За жал, не се малку политичките актери, кои можат да се пофалат дека направиле ваква карикатура од домашната политика и уставно уредување, како што може да се пофали и поранешниот претседател Бранко Црвенковски. На местото на неговото име, со леснотија ќе застанат и имињата на носителите на уште неколку истакнати државни функции, чија цел е – да бидат видени! Кај нас, и премиерите тешко му одолевале на искушението на цезаропапизмот!

Се разбира, никој не смее на политичарите да им го забрани изразувањето на верските чувства, ниту на верските заедници искажувањето на сопствениот став во однос на општествените случувања, но трагикомично е кога политичарот мисли дека трансцедентноста на теологијата може да ја спакува во кутивчето на својата предизборна логика! Спротивно, пак, и на верскиот императив е кога одредена верска заедница ја искористува државата за сите да бидат исти, но таа да биде малку повеќе иста од другите.

Гореизложениот настан е илустрација за времето на раниот пубертет на политичкиот плурализам во земјава. Затоа, претставува политичка умешност, постапките да се согледаат низ призмата на иднината, за да се види дали од таа перспектива предизвикуваат шеговитост, каква што предизвикува посочениот православен атеизам, или пак, ја надминуваат политичката кратковидост и така ги изоструваат критериумите на граѓанското општество.

Верата е начин на постоење, кој не се наметнува насилно и пред камери. Пред секои следни избори, политичарите ќе треба да ја избегнуваат замката да се оприсутнуваат како богомолци, налик на богомолецот на Кафка. Имено, во деновите кога се наоѓал во храмот, Кафка забележал еден млад човек како се фрла на тлото со целото тело. Повремено си ја фаќал главата со сета своја сила и гласно воздивнувајќи удирал со неа по камениот под. Во црквата, луѓето постојано ги вртеле своите глави кон богомолецот. Тоа внимание го правело среќен, бидејќи пред секој напад на побожност, шарал со очите наоколу за да види дали се барем многубројни оние, кои го гледаат. После еден таков излив на побожност, Кафка му се обратил на богомолецот: вашето однесување е соблазнително и непријатно за гледачите! Како може некој да верува, кога е принуден вас да ве гледа! А, богомолецот впечатливо одговара: немојте да се лутите, но ви велам, целта на мојот живот е сите луѓе да ме гледаат!

Реков, денес мнозина мислечки луѓе, од различни аспекти го анализираат пиетизмот, нагласената побожност, како појава, која е видлива секојдневно, а особено е изразена во предизборието. Следствено, пиетизмот не само што не пројавува никаков интерес за полемичката теологија, туку тој и му се спротивставува на знаењето. Истовремено ја превидува онтолошката вистина и сѐ сведува на религиозна должност. Оттаму, мислечките луѓе се откажуваат од теологијата пред да ја запознаат, затоа што го гледаат политикантскиот пиетизам и фразите подготвени за старт при сликањето пред храмовите, фрази, кои немаат допирна точка со знаењето.

Значи, неопходно е да го подигнеме рамништето. Оној, кој од политикантски причини има потреба сите да го гледаат неговиот излив на побожност, проследен со целосно отфрлање на интелектуалниот аспект на верата, се одвојува од нејзината вистина, и одненадеж се наоѓа во опасност на него да се исполнат зборовите на Епиктет – дека е невозможно за еден човек да го научи тоа, што си мисли дека веќе го знае!

– – –

објавено во Слободен Печат, 28 Септември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3379/bogomolci