Епископ стобиски Давид: Скокачот!

2017 Окт 05Се добива впечаток дека не го помниме сопственото минато, а извесно е дека тие, кои не се сеќаваат на тоа низ што поминале, осудени се повторно да го живеат истото. Затоа, редовите кои следуваат претставуваат скромен обид, преку конкретен пример, кој може да има преносно значење за многу нешта, да се дојде до сознанието дека е битно што ни се случува сега низ животот, но истовремено, важно е што и на кој начин паметиме.

Како илустрација за претходните реченици може да послужи следниов настан: оваа, 2017 година, актуелниот претседател на Р. Македонија, беше одликуван, во Москва, со награда за, како што е наведено: извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи, и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството! Ќе се вратиме на споменот на оваа награда, која ја доделува некоја Меѓународна општествена фондација за единство на православните народи, но претходно да се потсетиме на Езоп, парафразирајќи една од неговите басни.

Еден натпреварувач во десетобој, кој од своите сограѓани постојано бил укоруван за неговата малодушност и неуспеси, одненадеж заминал некаде далеку. Како што најчесто бива со таквите карактери, после некое време се вратил и започнал без мерка да се фали. Раскажувал дека многукратно и во различни градови ја пројавил својата мажественост, а дека во Москва направил таков скок, каков што никој од олимписките победници никогаш претходно не успеал да направи. На крај, им рекол дека за сведоци на тој негов исклучителен дострел, ќе им ги обезбеди оние, кои присуствувале на настанот, се разбира доколку во некој убав, сончев, пролетен ден тие луѓе дојдат во градот на десетобоецот.

Но, еден од присутните, гласно се обратил, со следниве зборови: пријателу, доколку тоа што го раскажуваш е вистина, тогаш немаш никаква потреба од сведоци. Еве, и тука нека биде Москва! Ајде, скокај!

Басната поучува дека за тоа, кое не може да биде докажано на дело, секакви приказни се излишни. Скокот направен во далечниот град, во суштина претставувал заложба за зајакнување на меѓуправославните односи, за улогата на религијата во општеството и за воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција. По тој повод, скокачот дал изјава, во која истакнал дека: престижното признание го прима како претседател на Република Македонија, но и како православен христијанин, кој е роден и израснат во возобновената МПЦ-ОА, таа жива црква, која се возобновила пред 50 години!

Ќе се обидам да ги набројам заслугите на актуелниот претседател за гореизложеното! Мислам и со судни маки домислувам, но не можам да истакнам ниту една негова заслуга. Ниту Меѓународната општествена фондација, која ја доделува наградата, ни за миг не посочува ниту една конкретна заслуга. Едноставно речено, скокачот претседател нема никакви заслуги за тоа за што му ги припишуваат! Сосема спротивно, за времево на неговото претседателствување, непризнатата МПЦ, на која тој ѝ припаѓа, не направи ниту еден чекор кон решавање на проблемот со расколот во кој пребива 50 години, немајќи ниту литургиско, ниту доктринарно единство со православните цркви. Во текот на неговово претседателствување, православен архиепископ скапуваше во затвор, беа отворани нови судски процеси против православни епископи, монаси и верници на сеправославно признатата ПОА, а според меѓународните извештаи причина за тие судски процеси е само верската припадност. Во неговиов мандат, неговата полиција тепаше православни монаси и со лисици ги спроведуваше во судот пред претходно нарачаните камери. Претседателот ниту еднаш не го крена гласот против неправдата! Оттука, нема потреба од понатамошно набројување. Во свеста на православната црква, овој претседател, кој добива награда за православно единство (!), ќе остане запаметен како свиреп гонител на православната црква, од позицијата на расколот во кој пребива.

Добро е да се потсетиме на говорот и дејствата на бесчестие на претседателот, за таков варваризам никому да не му се повтори! А, парафразирајќи го Мартин Лутер Кинг, добро е да се потсетиме и на молкот на нашите пријатели, при посочениот прогон!

Ако доделувањето на оваа награда има било каква врска со православното христијанство, таквото „христијанство“ би требало да стане предмет на одбивност. Но, автентичното православие е нешто сосема поинакво од ова политичко христијанство, кое како карикатура на православието, доделува политички награди подзаскриени зад верата за широка народна употреба. Затоа, како православен епископ им предочувам на граѓаните верници дека оваа награда ќе ја сметам за неважечка на територијата на епископијата со која администрирам, неважечка до оној момент кога претседателот ќе скокне дома и ќе ѝ се извини на црквата за судскиот прогон врз верска основа, кој сѐ уште трае!

– – –

објавено во Слободен Печат, 05 Октомври 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3417/skokacot