Епископ стобиски Давид: Одрамувањето!

2017 Окт 12Секогаш постои начин, човекот да си го одбере и да го направи најлошото! Да вметне во рикверц и да се повика на славното минато, особено кога сегашноста му е бедна, а иднината неизвесна. Во обид да ја избегне оваа опасност, нашата политичка сцена, низ пострежимскиов период се ориентира кон афирмацијата на демократските вредности. Но, истовремено, земјата сѐ уште бива врамена во гобленските рамки на општата несигурност.

Следствено, прашањето кое го притиска нашиов миг, може да гласи: какви рамки и несигурност? Еден од постоечките одговори е сликовитата паралела, која во преносна смисла може да се повлече помеѓу Сан Франциско (СФ) и Скопје (СК), во десетлетието наназад. Со таа разлика што првиот град е облечен во технологија, а вториот во стиропор. Како што забележуваат критичарите, СФ некогаш вриел од живот, и, првенствено, бил град – извор на изобилие од општествени промени. Според истите мислечки луѓе, СФ денес е врамен со рамки од затапените сетила на оние, кои некогаш читале книги, а сега зборуваат само за „Мајли и Бијонсе“. Истовремено, со промената што ја донесе технологијата, СФ се претвори во „град на олигархијата и среброљубието“.

Во овие воведни реченици, будните читатели веќе го открија најновиот портрет на СФ, со наслов „Јас мразам интернет“, испишан од луцидниот Џарет Кобек. СФ е врамен и со гуглавтобуси само за вработените во Силициумската долина, кои ги шијат улиците во потрага по крвава гозба; а, шеталиштата му се врамени со гуглочила. Со развојот на IT, се менува структурата на населението, додека најтиражните списанија го актуелизираат прашањето: дали конечно Гугл може да најде решение за смртта? Човечкиот род, проникливо нагласува Кобек, бесмислено почнува да се воодушевува само од педигрето и низата погрешни културолошки клишеа во полза на новопечените богаташи. И, Кобек коби дека, додека таквата состојба регенерира, при што изопаченото секогаш добива нова личност и нова надворешност, но ги задржува сите сеќавања, за тоа време, писателите, стрип цртачите и интелегенцијата се отселуваат од СФ, бидејќи СФ, на изопштените им ги одзема соништата за културниот идентитет и ги претвора во Дизниленд за скороевци.

Покрај нас не поминуваат гуглавтобусите на СФ! Нашите гуглавтобуси се крстовите, кои повеќе личат на градежни дигалки, заедно со тезгарошките макети од црквички. Над глава ни висат фалсификати од историја и лажен барок, а движењето ни го демнат мноштво скулптури, кои станаа нашите „Мајли и Бијонсе“! Оние, кои доаѓаат од други земји, наброеното го нарекуваат фејк (fake boat, fake facade)! Се сложувам со сите, кои сметаат дека цивилизираните општества никогаш не се впуштаат во авантурата на политичкиот реваншизам и затоа напишаново го нема размерот на ежедневното политикантство.

Тука станува збор за културниот идентитет на граѓаните! Колку повеќе време проаѓа, толку повеќе луѓето се навикнуваат на тоа што го гледаат и навиката на опкружувањето им станува втора природа. Во одредени терминологии природата се поистоветува со суштината. Оттука, присутниот фејк станува природна навика, идентитет. Фалсификатот застанува на местото на суштината. Културниот идентитет е лажен! Одрамувањето на лажниот културен идентитет нема цена, а секое одложување чини баснословно скапо! Истовремено, според Џарет Кобек, од логорот на лажниот идентитет, не можат да избавуваат Фејсбук и Твитер. Таму, лагата може да биде моќна колку и вистината. Големо мноштво постови на социјалните мрежи се обични дрдорења, и, се разбира, позастапени се чиниите со остатоци од храна на сметка на специјализираните страници, кадешто се читаат сериозни автори и нивните анализи. Поентата е дека Фејсбук и Твитер сѐ уште немаат донесено мир, на пр., во Сирија, та оттука, нели, нивната улога нема да биде пресудна и во донесувањето на вистинскиот културен идентитет или идентитети, кај нас!

Се најдовме во лудачкиот експеримент и на тоа треба да се гледа со восхит. Кога го велам ова, предвид го имам ставот, кој случајно го имам прочитано кај, ако се сеќавам добро, Жорж Батај, кој вели дека нема ништо помажествено и ништо поздраво за човекот од тоа, низ животот да се наоѓа во слични експерименти. Зошто? Затоа што гледајќи ја лагата, човекот сфаќа дека постои вистина, гледајќи го грдото, поима дека постои убавина, та чувствува копнеж и порив да трага по вистинскиот идентитет. Безбели, има и други битни нешта, но важно е да се изострат критериумите за разликување на убавото од кичот, на фалсификатот од оригиналот! Доколку тоа изостане, кој ќе може да биде сигурен дека нема да бидат поставени: фејк фасада од навидум стандард, фејк фасада од навидум економски развој, фејк фасада од навидум човекови права и верски слободи…

Еден од знаците дека културниот идентитет се ослободил од гобленските рамки, ќе биде мигот, кога мислечкиот човек ќе може да рече: – ја видов иднината, добро е, работи!

– – –

објавено во Слободен Печат, 12 Октомври 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3448/odramuvanjeto