Епископ стобиски Давид: Јубилејот!

2017 Окт 19На дел од домашната јавност ѝ е познато дека оваа 2017 г., МПЦ прославува 50 години од самопрогласувањето на автокефалијата и дека на почетокот од овој месец се одржа централната прослава по повод јубилејот. Се разбира, погледнато од уставен аспект, од гледна точка на почитување на верските слободи, никој, ниту може, ниту смее да го оспорува правото на празнување на спомнатиот јубилеј. Од друга страна, пак, сосема е возможно да се води расправа за идејата. Белким, поминато е времето кога за идеите, односно за добронамерниот полемички дискурс во однос на „автокефалијата“ на МПЦ се одеше во затвор, иако, за жал, судовите, подметнувањата и притисоците сѐ уште траат!

Затоа, во продолжение ќе проследиме три кратки сцени. Во првата, гледаме неколку пријатели од маало, кои научиле да возат, позајмувајќи ги автомобилите од своите родители. После неколку години заклучиле дека ќе ја заобиколат постапката за добивање возачка дозвола. Не се пријавиле во ниту една авто школа, не полагале тестови, не го поминале курсот за брза помош, ниту полигон, ниту градско возење. Оваа постапка, нема за цел да го омаловажи возачот, туку е предвидена да го збогати неговиот опит и да ги изостри критериумите при управувањето со возилото. Но, нашиве јунаци, маалските пријатели, одлучиле да ја заобиколат востановената постапка, та седнале и самите си издале возачка дозвола, напишана на лист хартија. Истовремено, во втората сцена, еден магистер носи одлука да докторира. Но, и тој пошол во заобиколување на процедурата. Не разговарал со колегиумот професори, не пријавил дисертација, оттука немал ниту теза, која би ја бранел. Сепак, магистерот си самоиздава документ со кој се прогласува себе си за доктор на науки. Во третата сцена, која е кратка и јасна, го гледаме Собранието на Р. Македонија како ја самопрогласува земјата за членка на Европската унија.

Луѓето се навикнуваат да живеат со „возачки дозволи“, со „докторат“ и „членство“! Граѓаните биваат воспитувани дека самопрогласените документи, всушност, се нивни вековни права, кои природно и сами по себе им следуваат. По инерција, ќе бидат принудувани да мислат и дека авто школите, универзитетот и Европската унија ги мразат возачите, магистрите и Р. Македонија, бидејќи не им го даваат тоа што се подразбира дека од памтивек било нивно! Во ред! Но, што би си рекле гледачите на трите кратки сцени, доколку видат дека маалските пријатели слават 30 годишен јубилеј од самоиздавањето на дозволите? Што би кажале доколку разберат дека „докторот“ слави 20 годишен јубилеј од самостекнувањето на „докторатот“? Што би изустиле доколку Собранието на Р. Македонија свечено и низ текот на целата година прославува десетгодишен јубилеј од самопрогласувањето на земјата за членка на Европската унија? Конечно, што помислуваат кога гледаат дека МПЦ слави јубилеј на автокефален статус, кој буквално ниту една црква во светот не им го признава! Тука треба да се предочи дека кога МПЦ поседуваше призната автономија (1958-1967), никој не се обиде да ѝ го смени името. Значи, проблемот е во нелегалното самопрогласување автокефалија! Оттука, едно логично прашање! Ако некој сее метеж дека проблем за признавањето на МПЦ е само името на државата, тогаш зошто МПЦ не беше призната од 1967 г., до 1991 г., кога името на државата воопшто не претставуваше проблем? Вака, институционалниот дел на МПЦ им вели на нивните: еве ви ништо, држете го цврсто! Се добива впечаток дека Самуел Бекет би им позавидел на јубилејов, вчудоневидувајќи се под мустаќ: соџвакуваат конзументите или само голтаат?

Одговорот на ова прашање можеби ќе биде изненадувачки за мнозина. За првпат од самопрогласувањето на автокефалијата, државниот апарат покажа дека има многу други побитни нешта и повеќе нема време да ја чека МПЦ. Непознати се причините, но непобитен факт за историјата останува недоаѓањето на власта на јубилејната прослава на самопрогласената автокефалија. Веројатно, некој сфатил дека е штетно за слободата на човековиот избор, доколку МПЦ, или било која друга верска заедница, бива насилно наметнувана за religio imperii. Затоа, има мислители, кои велат: добро е да се има предвид дека во мерката во која се случува потчинувањето на човековата потреба за „религија“, за „автокефалија“, во таа мерка се појавува и црква, која е потчинета на целите на државно создадената религиозна институција, потчинета на сфаќањата на самопрогласениот авторитет, потчинета на кратковидите стремежи на моменталната политика.

Хераклит вели: „доколку заедничариме – твориме вистина, доколку, пак, се издвојуваме – лажеме“! Оттука произлегува ставот на мнозина негови толкувачи дека знаењето се остварува како: факт на заедницата. Знаењето е вистинито само доколку се потврдува со заедничко искуство, само кога со неговото објавување ги сфаќаме другите и биваме сфатени од нив. Без таква гносеологија, која ја има за цел динамичноста на заедницата, секој јубилеј е апсурден! Затоа, овие редови се повик за обнова на заедницата!

– – –

објавено во Слободен Печат, 19 Октомври 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3474/jubilejot