Епископ стобиски Давид: Републиката!

2017 Сеп 25Како лично запознавање со копнежливиот спомен за иднината, како средба, очи в очи, со метафорите за ветената земја, како прогласување република на културата, како планинскиот врв, кој на човека му ја предочува возвишеноста на живеачката, како „брат брата не рани, тешко му кој го нема“, како зашеќерено јаболко за децата, како летање змеј од хартија, покрај Радика! Така помина запознавањето со Бранимир Пофук, човекот, кој ги растегнува границите така како што се шири рачно сучената кора за баклава, за во нивниот простор да поведе расправа, која ќе нуди познание на нештата.

Со Бранимир Пофук се запознав на почетокот од овој Октомври, во Шибеник, иако, како и претходно да бевме пријатели. Оттогаш нашиот разговор, без престан, тече! Пофук е музиколог, а покрај музичката критика, редовно пишува бележити колумни на разни, па и на теми од збиднувањата во политиката. Миљенко Јерговиќ, нагласувајќи, ќе рече дека во Хрватска, во проценти, можеби не сите знаат кој е Бранимир Пофук, меѓутоа, тие луѓе, кои знаат кој е Бранимир Пофук, се хрватската интелектуална елита, и внатре во таа елита, местото на Пофук е мошне истакнато и битно. Тој ја водел и дебатирал во антологиската телевизиска емисија „Општа пракса“, која во Хрватска мнозина ја паметат и денес, заради острите и често конфликтни ставови на интелектуалците со кои Пофук влегувал во коштец. Во Скопје, годинава, беше официјален претставник на хрватската филхармонија на отворањето на објектот на македонската филхармонија, за што и пишуваше во своите критички осврти, после враќањето во Загреб.

Разговараме. Му велам: „Бранимир, мислечките луѓе, воопшто, имаат широчина, која го потврдува нивниот идентитет и во исто време ги обединуваат луѓето; која е причината, понекогаш, наспроти тој обединувачки дискурс, мноштвото да се поведе по политикантскиот идентитет, кој е тесен и разединувачки? Како гледаш на феноменот на поставување граници, внатрешни, надворешни“? Бранимир го изговара одговорот, не како да го има набрано во туѓ двор, туку од опит, и самовластно ми вели: „Знаеш, главната цел на политичките, на административните граници помеѓу државите и народите отсекогаш била – запирање на движењето на луѓето и негово контролирање! Спротивно на реченото, границите помеѓу културите никогаш немале остра линија; напротив, биле места за меѓусебни запознавања, размени и богатења, а не за спречување на контакти“.

Го прекинувам: „Зошто, тогаш, културите како да се поведоа по запреното движење? Заемни дејствија имаше на претек, не велам дека сега не постојат, но зошто како да секна апетитот“? А, тој, како воопшто да не му била пресечена мислата, продолжува во еден здив: „Единствената граница на човечката мисла е незнаењето. Од незнаењето се раѓа несигурност. Поради тоа неупатените политички власти од овие простори, а за жал, како тоа да е тренд и во светот, поттикнуваат незнаење. За да биде сигурен во сопствениот идентитет, на човекот му е потребно знаење. Затоа, на политикантите помило им е идентитетот да се гради на тоа што знаеме дека не сме. А, и тоа „знаење“ всушност е незнаење. Така, не мора премногу да знаеме ни за „нас“, што ние сме, ни за „нив“, што ние не сме. Дочекавме доба во кое незнаењето стана родољубна доблест: подобро е да се знае само едно писмо, отколку две, подобро е да се знае само својот јазик, отколку што повеќе други. Подобро е да лажеме дека не се разбираме, отколку да се служиме со дарот на јазиците. На политичарите им е полесно да им нудат на луѓето страв и несигурност, отколку знаење. Впрочем, не можеш да му го дадеш на другиот тоа што го немаш“.

„Добро“, реков, „со овие зборови предочуваш два аспекти во пристапот кон идентитетот, првиот на афирмацијата, т.е. на потврдување на сопствениот идентитет со отвореноста кон другите идентитети, и, вториот на негацијата, на чување вредности, кои никој не ги гледа. Зар не“? „Во однос на твојава согледба, ќе кажам само две реченици“, вели Бранимир, и продолжува: „Кога знам кој сум, му се веселам на секое запознавање со оние, кои се различни. Кога мојот идентитет е дефиниран само со тоа што или кој не сум, тогаш тој идентитет е загрозен од средбата со оние кои се поинакви“. Ги поместуваме границите на разговорот како што сакаме, ту наваму, ту натаму, и веќе не стигнувам сѐ да запишам, само се слушам дека велам: „Национализмот е тој што се темели на „што или кој не сум“ и по неговата болежлива природа, тој честопати бива загрозен од поинаквиот! Зошто го фаќа треска“? Бранимир заклучува: „Политичката дезинтеграција не треба да биде причина да се посомневаме и да се одречеме од блискоста на нашите култури. На овие наши простори национализмот беше распален заради поделба на пленот. Но, сето тоа нема врска со културниот и духовен простор во кој различните идентитети можат да се среќаваат и меѓусебно да се збогатуваат. Затоа, многу ми се допаѓа твојот израз од првата реченица на колумнава: република на културата! Во тоа вреди да се вложува“!

– – –

објавено во Слободен Печат, 26 Октомври 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3500/republikata