Епископ стобиски Давид: Патарината!

спПознатата револуционерка Роза Луксембург ќе ја изговори следнава, полнозначна реченица: тие што не се движат, не ги забележуваат оковите си! Се чини, пострашно од реченото е само следново: човекот ги забележува оковите и движејќи се, ги влече со себе, умирајќи како роб.

Го читам законот за јавни патишта, кој соодветствува на руинираната состојба на патиштата во републикава. Посоченава грда состојба, и на законот, и на патиштата, гледам дека на јадровит начин, на Твитер, ја третира и адвокатот Александар Тортевски, кој за „рекетот наречен патарина“, ќе твитне: „Ти да продаваш расипан производ, ќе те стават во затвор. Државата, кога продава користење на расипан автопат, е тоа не е криминал“! Следствено, дефинициите за патарината, за автопатот, за финансиите за изградба на патишта, законот за јавни патишта ги има прилагодено на рекетот и руината.

На што мислам, кога го велам реченово? Мислам на следново: државата, неодложно е должна да обезбеди алтернативни патишта, за по нив да патуваат оние, кои не сакаат или, пак, не можат да плаќаат патарина! Автопатот: Петровец – Велес – Петровец (во едниот правец е со две ленти), нема алтернативен пат, та оттука, граѓаните не се должни да ја плаќаат предочената патарина (се разбира, доколку од Јавното претпријатие за државни патишта не сметаат дека алтернативниот пат од Петровец за Велес води преку Цариград)! Поаѓајќи од фактот дека Јавното претпријатие за државни патишта си е кабает, мнозина ја рушеле рампата и никогаш не биле повикани на одговорност. Зошто? Затоа што, едноставно, доколку нашиот закон не сака да предвиди алтернативен пат, тогаш прави директна повреда на членот 13, од Универзалната декларација за заштита на човековите права, како и на Европската конвенција за човекови права, бидејќи необезбедувањето на алтернативен пат претставува директна повреда на човековото право за слободно движење, загарантирано токму со овие два меѓународни договори. Битно е да се истакне дека нашата земја е потписник на Универзалната декларација за заштита на човековите права и има воспоставено примат на меѓународното законодавство пред домашното! Конечно и домашниот Устав, во членот 27, вели дека: „секој има право слободно да се движи на територијата на републиката“.

Редно е да го испроблематизираме и следново: дали можеби „рекетот наречен патарина“ ни го наплатуваат по неколку пати?! Согласно на членот 55, од законот за јавни патишта, финансиите за изградба, реконструкција, одржување и заштита на патиштата се обезбедуваат од акцизите за дериватите од нафта, од надоместокот за употреба на јавни патишта, т.н. патна такса, и од давачките за патишта при регистрацијата на возила. Згора на сѐ, откако ќе биде платено горенаведеното, останува да се плати и патарината! А, која е разликата помеѓу патна такса и патарина? Нема разлика! Значи, постојат двојни, тројни давачки под иста ставка за патиштата, кои, во буквална смисла на изразот, претставуваат опасност по животот на патниците. Во случај, пак, да настане штета предизвикана, на пр., од дупка на патот, се зборува дека речиси е невозможно истата да биде наплатена, оти „Македонијапат“ имала, до недоглед, блокирана сметка.

Значи, доколку има потреба од плаќање патарина (на пример, во Германија не се плаќа патарина), тогаш, во ред! Но, барем нека се наплаќа на достоинствен, човечки начин. Невиден примитивизам е плаќањето рака на рака! Прикладно би било „рака на рака“ да се замени со воведување вињети (како, на пример, во Унгарија). Кај нас, на автопат од стотина километри, постојат четири патарини, та во просек, на секои 25 километри се случува товарење со нови окови, т.е. со нови понижувачки рампи! Ги читав и Директивите од стандардизацијата на Европската унија за поставување на системот на патарини (објавени се на интернет страницата на Европската комисија), и уште еднаш се уверив дека засега на нашава земја тешко ѝ се премостливи цивилизациските разлики, кои ги има во однос на напредниот свет. Споменатата стандардизација како основен услов за одвивање на сообраќајот по автопатиштата наведува дека: системот мора да биде поставен на начин, кој нема да предизвикува застој на патиштата низ Европа! А, основен услов за еден автопат (инаку, во светот, две ленти не се автопат), да се нарече автопат, е следниов: електронското плаќање или непостоењето патарини! Навредливите застои, особено во летните месеци се насекаде прераскажуваната антиреклама, токму затоа што, сите наши два автопатишта, немаат ниту електронско плаќање, ниту, пак, отсуство на патарини!

Се ослободивме од многу ропства, но станавме робови на „рекетот наречен патарина“, та оваа демократија се покажува како оние древни демократии, во кои постоеа робови. Според Езра Паунд, роб е оној, кој чека некој да дојде и да го ослободи!

– – –

објавено во Слободен Печат, 02 Ноември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3533/patarinata