Епископ стобиски Давид: Шах!

2017 Ное 09Некои велат дека режисерот Џим Џармуш дошол до книгата на мудроста, до таинствените писанија, кои го вдахновиле и го направиле луциден објавувач на необјавеното. Овие списи, велат, содржеле кратки поглавија на плодоносниот опит! Еве неколку од нив:

  1. Било очебијно дека еден од јапонските политичари, кои учествувал на изборите, видливо заостанувал зад другите во предизборната кампања. Кажуваат дека, во тоа веќе изминато време, со цел да победи, политичарот измислил стратегија, согласно на која не му била потребна никаква помош, ниту од советници, ниту од сотрудници, од никого. Решил дека ќе симулира обид за атентат против себе си, за да ги придобие симпатиите на гласачите. За, обидот за атентат, да изгледа целосно убедливо, политичарот си зарил нож, директно во ногата. Но, што се случило? Ја погодил артеријата и крвта му истекла. Го испуштил последниот здив, пред да го изговори завршното слово.
  2. Било очигледно, исто така, дека еден народ, некаде на Балканскиот полуостров се наоѓал под повеќевековно ропство. Околу петтиот век од ропството, помеѓу поробениот народ започнала кавга, дали да се кренат на востание, или, да не се кренат на востание. Откако го кренале востанието, направиле република на врвот од една планина, во еден град, кој во други средини бил сметан за село. Републиката траела толку време, колку што било потребно вооружувањето да дојде од големите градови. Главниот град на републиката бил во пламен. Сите велеле дека републиката се распаднала затоа што востанието било кренато прерано. Од тогаш останала вечната дилема на човештвото: ако не се доволно пет, тогаш колку векови треба да поминат за востанието да не биде преурането?! Тој народ, исто така, бил познат по тоа што немал негативни личности во неговата историја. Сите негативни личности од неговата историја всушност не биле од неговата историја, туку тие личности секогаш припаѓале на некој од соседните народи. Следствено, тој народ никогаш не ги преиспитувал своите грешки, бидејќи за тоа немало потреба. Се разбира, секогаш станува збор за грешки, кои ги прават соседите.
  3. Велат дека во некое минато време, кога некој си мевосек го тероризирал градот, една жена умрела од страв додека го слушала силното чукање на нејзината надворешна врата. Но, се дознало дека на прагот од нејзината куќа бил застанат патувачки продавач на енциклопедии.
  4. Исто, се зборува дека кога јужните народи ја започнале народноослободителната борба против окупаторот, најјужниот помеѓу нив доцнел со отпочнувањето на народноослободителната борба. Другите јужни народи го искористиле летото, а овој народ, кој бил познат по преуранети востанија, овојпат, после доаѓањето на инструкторот, сепак успеал да ги пукне првите пушки во два града истовремено! На есен! Потоа, неговата делегација се изгубила по некои опасни гори, шуми и долини, и не стигнала на прогласувањето на новата република, но сепак го добила своето. Народот имал и други перипетии од филолошки карактер, но за тоа ќе пишувам во друга прилика.
  5. Се зборува и дека некој баварски крал го потрошил сиот имот за да изгради замок од приказните. Но, богатството што го потрошил, не било негово. Тоа било државно азно. Затоа, кралот бил прогласен за непресметлив и бил затворен во лудница. Доволно е да се спомне дека на ручекот, по повод отворањето на замокот, кралот го поканил на трпеза и својот коњ. Велат дека кралевите треба да се потрудат многу поусрдно од нас обичните луѓе, за да му докажат на светот дека се луди.
  6. Народот, кој бил склон на доцнење, доцнел и со премногу очигледното раздружување на народите од неговата држава. Дури и референдумското прашање било поставено толку двосмислено, што некои зајадувачки забележуваат дека доколку не било поставено така, можеби референдумот и не ќе успеел. Истите тие, на мајтап, велат, дека сега требало да се активира вториот дел од референдумското прашање на кое огромното мнозинство има дадено потврден одговор. Други, пак, велат, дека тоа е невозможно, затоа што тој народ и сега се наоѓал во лавиринтот на доцнењето. Државата никако не може да тргне сама, та и денес апелира: турнете нѐ, да кинисаме! Згора на сѐ, над глава ѝ висат и извештаи за непочитување на верските слободи во земјата!

Еден од ликовите на Џим Џармуш имал поставено шаховска табла на масата. Очигледно, играл шах. Но, наспроти него немало друг играч! Се зборува дека Џим Џармуш ги имал предвид токму горните поглавија при составувањето на следнава филмска сцена: пристапува пријателот на играчот на шах, а играчот на шах, стоејќи пред шаховската табла, драматично му вели на својот пријател: „Денес ќе ме растури“! „Со кого играш“?, го прашува пријателот. Играчот на шах задлабочено одговара: „Со самиот себе“!

– – –

објавено во Слободен Печат, 09 Ноември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3558/shah