Епископ стобиски Давид: Тортурата!

2017 Ное 16Еден од моите омилени поети, грчкиот нобеловец Одисеј Елитис, вели вака: Ако нѐ удираат, тогаш да вадиме од себе глас чист и јасен, и да претпочитаме живот, кој, за да опстои, нека нема потреба од фусноти. Следствено, еве го мојот глас против тортурата, јасен и чист, и без потреба од дообјаснувачки белешки под текстот.

Позната е анегдотата за студентот и неговиот професор со блескав ум, чии мисли дарувале убав вовед во смислата на постоењето. Согласно на настанот, студентот беше наишол на професорот, додека овој беше седел со своите пријатели во нивниот омилен ресторан. Студентот посакал да го почести својот професор, како израз на мала благодарност, која ја чувствувал за тоа што професорот, со неговите предавања, многу му помогнал во обликувањето на личноста. Професорот љубезно го беше одбил својот студент, велејќи: „Не повторувајте го секогаш истото: јас тебе, ти мене! Велите дека сум направил нешто за вас, та сега сакате да ми возвратите. Чујте ме! Кога некој ќе постапи со вас добро, вие направете му добро на некојси друг. Тој, нека му направи добро на трет и така нека се создава круг на добри дела. Менталитетот „јас тебе, ти мене“, е одраз на племенска свест и претставува основа на корупцијата. За племенските народи, корупцијата е природно опкружување. Сепак, повикани сме да се издигнеме над таа племенска свест“!

Во изминативе петнаесетина години, Р. Македонија има распрснато, насекаде низ цивилизираниот свет, племенски грда слика за себе си, кога станува збор за тортурата што ја спроведува при рестрикцијата на верските слободи за дел од нејзините граѓани. Јавноста, конечно и без фусноти, треба да биде запознаена со таа слика и со фактот дека прекинот на спомнатата тортура и почитувањето на верските слободи на сите граѓани подеднакво е conditio sine qua non, за земјата, самовластно да се ослободи од жигот на делумно слободни земји, со кој е жигосана. Се разбира, тоа не е единствениот услов.

Кога би бил сликар, со четкичката би ги насликал, но бидејќи не сум, овојпат нема подробно да го разгледуваме непобитниот факт дека во текот на минатите дванаесет години, архиепископот охридски Јован беше осумпати в затвор. Во нечовечки услови! Нема детално да навлегуваме во извештаите, дека заради предоченото, Амнести интернешнл го прогласи за „затвореник на совеста“, а Хелсиншкиот комитет за „прв политички затвореник во Р. Македонија“. Ќе го изоставиме и податокот дека полицијата со боксови тепаше монахињи и вршеше упади во манастирите за да ги одземе книгите на крстените, кои сѐ уште се запленети. Тортурата продолжува со судското одбивање на регистрацијата на црквата и со судските процеси. Од 2002 г., до денес, не поминал буквално ниту еден ден, а да не траела некоја затворска казна за архиепископот Јован или судски процес за припадниците на Православната охридска архиепископија. И во мигов се чека закажување и на следното судско рочиште. За тортурата, пак, на Државната безбедност, само заради инаквата верска определба, постојат сведоштва на мнозина, кои допрва ќе излегуваат на виделина.

Имајќи го предвид, меѓу другото, и горереченото, Европската унија во својот Водич за промоција и заштита на верските убедувања, посочува дека: „слободата на религијата или верувањето и слободата на изразување се меѓусебно поврзани и взаемно зајакнувачки права. Тие првенствено подразбираат заштита на сите лица, а не на религии или верувања сами по себе, и исто така, го штитат правото на изразување мислења за било која религија“. Оттука, произлегува логичното и актуелно прашање: каква е таа слобода на изразување, ако не можам да го изразам својот верски избор? Советот на Европа, пак, констатира: „практикувањето на верата е дел од современиот живот и затоа не може и не треба да се остави надвор од сферата на интересите на државната власт, без оглед на тоа што државата мора да ја зачува својата улога на неутрален и непристрастен организатор на практикувањето на сите религии, вероисповеди и уверувања.“

И американскиот Стејт Департмент веќе петнаесет години, без исклучок, во своите извештаи ги предочува рестрикциите на верските слободи кај нас. Во меѓународниот извештај за верските слободи во нашата земја, за 2016 г., се наведува дека според повеќемина универзитетски професори, лидери на невладини организации и политички аналитичари, верските разлики продолжуваат да имаат улога во кривичните и граѓанските судски постапки, а пример за тоа е токму случајот со државниот прогон, кој се спроведува врз архиепископот Јован и Православната охридска архиепископија.

Години наназад владата на Р. Македонија и МПЦ го практикуваа племенскиот менталитет: „јас тебе, ти мене“! Власта ја части МПЦ со штитење на нејзиниот монопол, на сметка на другите верски заедници, а МПЦ ѝ се става на располагање на власта, како државна религија. Очите на домашната и меѓународната слободољубива јавност се вперени кон новата власт, со чуденката: Дали власта ќе ја продолжи тортурата врз верска основа, или, во однос на тоа прашање, ќе се издигне над племенската свест, без фусноти!

– – –

објавено во Слободен Печат, 16 Ноември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3586/torturata