Епископ стобиски Давид: Крстовите!

2017 Ное 23Патникот намерник, кој допрва ќе зачекори на оваа почва, што ли ќе си рече! О, што ли ќе изусти! Ќе го изговори истото, што низ заби го цедат оние, кои со бистра мисла ги вѕидуваат коските за оваа земја да стане великодушна и широкограда! Поле погледнеш или планина, излеани се тони железа! Жигосани се села, котлини, градови, планини и населби, со метални жигови. Намерникот, вчудоневиден, тивко ќе го каже тоа што тука намерно му се премолчува за добредојде, и ќе прошепоти: дојдов во земјата на железните крстови!

Не е тешко да се проѕре дека железните крстови се поставени за да означат и одбранат одредена околија. Но, покрај незнаењето, едно од најголемите човекови промашувања низ сите времиња, бездруго претставува неговата неартикулирана слобода. Крстовите од железо се плод на неартикулираната слобода човекова, во намера да слеат две нешта, кои, кога ќе се артикулира слободата, лесно е согледливо дека не е возможно да бидат слеани. Се разбира, станува збор за верата и нацијата, односно теологијата и биологијата.

На луѓето, кои одлучувале за поставувањето на железата во облик на крст, треба да им се предочи дека таквите градби, во нечии очи, можеби, ќе го симболизираат карикатуралното, политичкото христијанство, но во перформансот со железните конструкции, никогаш повеќе нема да го согледуваат автентичното христијанство. Следствено, единственото добро нешто, што произлегува од железните крстови е сознанието дека оние луѓе, кои сакаат да учат, конечно ќе научат да го разликуваат фалсификатот од оригиналот.

Со текот на времето ќе се покаже дека тие, кои жигосувале со железото што има облик на крст, во суштина, воопшто не биле упатени во философијата на крстот. Поаѓале од ниските побуди да го склопат железото за еднократна партиска употреба, да ги испреплетат железните прачки, сплетувајќи ги на тој начин одбивноста и предрасудите во однос на дејствителниот и повеќезначен размер на крстот.

Во напливот од крстови со железен предзнак, се заборава дека во ниту една околност крстот не е знак за политичка или национална ознака и одбрана, туку е невкалаплив, наднационален и надпартиски стил на живот. Конечно, доколку човек сака, може да си го постави логичното прашање: од кого би се бранел и на кој начин би можел да се одбрани од другиот, со железен крст?! Христос на крстот не се бранеше од никого. На крстот беше лесна жртва за сите. Оттука, крстот допира до исконското човечко чувство дека е подобро да се претрпи зло, отколку на другиот да му се нанесе зло. Христос ги рашири рацете постанувајќи прегратка. Очигледно, нему, на крстот, секој можеше да му направи што сака. Можеше да го исплука, можеше да го навреди, можеше да му стане пријател, можеше да го похули. И сега може, но неговата прегратка за сите луѓе останува отворена. На железните крстови никој не им може ништо.

Крстот Христов не е земја. Тој крст е едно издигнување од земјата на трулежната логика. На Христос не му беше грижа што беше распнат речиси гол, не му беше грижа што мислат и што ќе речат другите за него. Затоа, искачувањето, освојувањето на таквиот крст и погледот, кој од таму се простира, му овозможува на човекот да го надмине тоа што другите го зборуваат за него, да ја соголи лагата, да заживее во квалитетот и стандардот на вистината. Поинаку речено, да ја каже вистината за себе без да се плаши, без да го гледа другиот со сомнеж и презир, та на тој начин и самиот да постане прегратка, во која ќе има простор за секого. За разлика од крстот Христов, на железните крстови им е многу битно дали се облечени во неонско осветлување или други светилки во боја. Во неговото студенило, железото и железното срце не знаат што значи да се постане отворена прегратка. Отворен, а не затворен систем. Тој што ќе се издигне на Христовиот крст, сака да постане вистинит, не лажен човек. Бездруго, за тоа е потребна храброст, а не страшливо криење зад крстот. Железните крстови служат за криење зад нив.

Очигледно, крстот не е нешто надвор од нас, не е само историски или психолошки спомен, туку е учество во конкретен начин на живот, само доколку човекот сака да го избере за свој. Но, да се поставуваат железни крстови, а да се одбира спротивниот начин на живот, кој не ја подразбира неусловувачката прегратка за сите, претставува фолклор од удобно излежување на крстот.

Изразувајќи се со еден метафоричен јазик, доколку човекот сака да го живее крстот низ оптиката на воскресението, доколку го погледне безизлезот низ призмата на исходот, тогаш, повторно доколку сака, може да се сораспне со саможртвената љубов и веднаш да ги замени железните крстови со крстовиден стил на постоење. Што значи тоа? Еве, едно конкретно значење: да се преиспита, кои железни крстови се нелегално подигнати, без одлагање да бидат демонтирани и продадени како старо железо, а средствата да им бидат поделени, за школување, на децата без родители, без разлика на верската или националната припадност.

– – –

објавено во Слободен Печат, 23 Ноември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3626/krstovite