Епископ стобиски Давид: БПЦ одби мајчинство, не даде автокефалија!

2017 Ное 29Минатата седмица ми се јави новинар, кого го запознав неодамна (слободно ќе го именувам пријател), и ме праша: ќе може ли да снимиме изјава за писмото, кое МПЦ го упати до БПЦ, барајќи еднострано признавање на самопрогласената автокефалија? Со леснотија му одговорив дека првин ќе сакам да го предизвикам неговото расудување, и продолжив со едноставен и, за современиот човек, разбирлив јазик: дали би се впуштал во анализи и што би изјавил, доколку нашата влада испрати писмо до владата на Р. Словачка со кое ќе бара од Р. Словачка еднострано да ја прими Р. Македонија за полноправна членка на Европската унија и потоа да го застапува и промовира нејзиното „членство“ пред сите други членки на унијата? Ми одговори: би рекол дека во владата седат несериозни и неодговорни личности. Со оваа реченица заврши нашиот разговор и се поздравивме до следното слушање.

МПЦ до толку го спушти нивото, та тоа што е очигледно за политиката, во однос на црквата е јадица околу која се случи вистинска мешаница. Не знам каков е онтолошкиот статус на луѓето, кои го фрлија мамецот црква-мајка, но се добива впечаток дека тоа им создаде вртоглавица. Не само ним, туку и на недогледот од аналитичари и експерти, кои се качуваа на рингишпилот, им се случи таков вртеж на полјанчето, та тогаш се исполнија зборовите на Светислав Басара, кој во книгата на Јаван синот Нахоров, вели: „зашеметени од вртоглавицата, пропаста ќе ја наречат прогрес“! Теологијата трпеливо чека, крукчето на рингишпилот да заврши. МПЦ сакајќи да добие внимание, го изгуби кредибилитетот!

Кога конкретна област, на канонски начин, добива самостојност во однос на организирањето на своето дејствување, тогаш, црковната катедра, од која ја добила самостојноста, ја ословува со изразот црква-мајка. На вртелешката се лицитираше со црква-мајка, но јавната распродажба заврши само со обид често повторуваната невистина да постане стварност. Во стварноста, Охридската архиепископија немала црква-мајка! Таа не е осамостоена од друга црква, бидејќи секогаш била автономна во составот на Константинополската патријаршија, а нејзината организација е востановена со императорски декрет во 1018 г., од Василиј Втори Бугароубиец. Во православието нема независни цркви! Можеме слободно да речеме дека автокефалните цркви се и автономни, т.е. не се самодоволни цркви! Реков и ќе повторам: на пр., доколку автокефалната СПЦ му го одземе чинот на нејзин епископ, тој има право да се жали кај Константинополската патријаршија, која свикува собор на епископи од сите помесни цркви. Доколку утврдат дека на епископот му е неправедно одземен чинот, тогаш, на СПЦ ѝ се наложува да го прими и таа е должна да го стори тоа. Православната црква функционира како едно семејство, но, за жал, МПЦ е премногу долго надвор од семејството, та нема поим што се случува внатре! БПЦ, знаејќи дека не е возможно еднострано да ѝ даде автокефалија на МПЦ, прифати да посредува кај СПЦ и другите цркви. Посредништвото е добредојдено! Тоа почна со архиепископот Христодулос, кој, во 1998 г., посредуваше да почнат преговорите помеѓу МПЦ и СПЦ, а досега, многупати конструктивно посредувале Константинополската патријаршија и РПЦ, упатувајќи ја МПЦ на дијалог со СПЦ и ПОА.

Претпоставувам, јавноста согледува дека кога еден организам го губи чувството на рамнотежа, секогаш постојат сериозни, одговорни личности, кои знаат добронамерно да го плиснат, за да не ја изгуби целосно почвата под нозе. Западно и средноевропскиот митрополит Антониј (кој е и член на новоформираната комисија на БПЦ за посредување), умесно вели дека „се случила хистерија околу проблемот на МПЦ“. Тој предочува дека не може да се игнорира ПОА во Р. Македонија, и ги повикува македонските граѓани да осознаат дека процесот на признавањето се случува со консензус, а не само од една црква (Монитор.бг, 24.11.2017). И, д-р Борислав Цеков професор по компаративно уставно право и по црковно право во Софија, јавно предочи дека проблемот на МПЦ е исклучиво црковно прашање, кое треба да се решава без сентишот – на која мајка ќе припадне детето! Детето МПЦ, без сомнеж, согласно на Цеков, „се изгубило од црковната јурисдикција на СПЦ, јурисдикција, која е призната и од БПЦ“. Затоа Цеков инсистира за ова прашање „да не се допушта политички метеж, бидејќи БПЦ е дел од соборната црква, а не е оддел на бугарското министерство за надворешни работи“ (Фокус.бг, 22.11.2017). Кај нас, единствено Бранко Героски им ја враќаше свеста на замелушените, предочувајќи дека „не треба да се биде експерт за црковни прашања за да се сфати дека БПЦ нема да влезе во раскол со православната црква, прифаќајќи го апелот на скопските очајници“, т.е. „МПЦ мора да се врати во литургиско единство со СПЦ, па потоа да претендира на автокефалност“ (Слободен печат, 23.11.2017).

После сѐ, МПЦ ќе треба да се запраша дали ѝ се врти в глава дека можеби православните цркви ќе се поведат според исказот на официјалниот историчар на МПЦ, Јован Белчовски, кој, за ТВ Алфа (20.11.2017), вели: „Знаете ли како ние добивме автокефална црква? Благодарение на покојниот Крсте Црвенковски! Алал да му е на човекот, лека му земја била. Едноставно во дискусија со претседателот Тито, Крсте му рекол на Тито – ние мораме за првпат да си отвориме академија и црквата да си ја прогласиме за автокефална“!

– – –

објавено во Слободен Печат, 29 Ноември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3647/bpc-odbi-majcinstvo-ne-dade-avtokefalija