Епископ стобиски Давид: Коѕиас

2017 Дек 14Согласно на стиховите на Василис Цицанис, Солун е град, кој секогаш во своите широки прегратки ги чува оние, кои се проникнуваат со миразот на убавината што штедро се раздава низ таинствените дамари на оваа елинска сопрестолнина. Близината на Света Гора, музеите, изложбите, театрите, промоциите, прават овој убавец на Елада да биде неодминлив украс на духовноста и културата на Европа. Бидејќи сакам да се гледам и како човек, кој се труди да чита, Солун е непрекинлив панаѓур на книгата. Неодамна, шетајќи по тесните солунски сокаци наквасени од ситна роса, се спуштив по скалите во мојата омилена книжарница, во мојот подвижен празник на книгата. Откако се ослободив од коштецот со полиците, гледам снабден сум со разни наслови, и, се оддавам на работа.

Помеѓу насловите, овој пат, свое место наоѓа и книгата „Патриотизмот и левицата“ на актуелниот грчки министер за надворешни работи, Никос Коѕиас. Од објективна перспектива, накратко ќе интерпретирам неколку мисли, кои сметам дека се поврзани со срцевината на исказот на Коѕиас. На почетокот, битно е да се разграничи смислата на патриотизмот, од онаа на агресивниот национализам. Во своето дело, Коѕиас, од една страна, го толкува терминот патриотизам како љубов и борба за татковината и за сето добро што таа го има или, пак, треба да го стекне, а од друга страна, и како почит за татковините на другите. Следствено, патриотизмот на ултра десницата не е патриотизам, туку негово поистоветување со шовинизмот. Шовинизмот, пак, е фанатично штитење на своите аспекти и, исто така со фанатизам, омаловажување на страната на другиот.

Гледам, впечатлив е историскиот осврт, кој го прави Коѕиас, образложувајќи го терминот етнос. Имено, имајќи предвид дека западните научни правци сметаат дека националните држави не се постари од 100, до најмногу 300 години, Коѕиас внимателно ја исчитувал англиската поезија, прашувајќи се како е возможно во таа поезија да станува збор за етнос пред капитализмот. Сите негови истражувања на темата, упатуваат дека во тоа време (11 – 15 век), под терминот етнос се подразбирала исклучиво англиската аристократија. Во предкапиталистичко време, терминот етнос значел „етнос на елитата“, а во капитализмот и модерното време, го има значењето на „етнос на толпата“. Некогаш, етносот на оние „горе“, почнал да ги определува чувствата на оние „долу“. Денес, веројатно не е така!  Денес, етносот би требало да подразбира збир на личности и општествени групи во рамките на една географска област, кои произведуваат права, должности и можности за општествен развој, за сите подеднакво. Следствено, како што се преобразува значењето на терминот етнос, така се преобликува и значењето на патриотизмот. Во современоста, природно е да се зборува за патриотизам, само доколку постои општествениот развој како критериум за отелотворување на заедничкото битисување.

Денес, несомнено, патриотизмот е поврзан директно со интернационализмот. Таквиот патриотизам не ги истакнува националистичките цели, ниту го прифаќа шовинизмот на другите. Според Коѕиас, предочениот патриотизам е еден динамичен демократски патриотизам, кој води праведна надворешна политика. Демократскиот патриотизам е перспективен, отворен и развоен, и овој патриотизам сака да опфати, колку што е возможно повеќемина, спротивно од агресивниот национализам, кој е определен од затвореноста, а веројатно и од кризата на идентитетот, која варира од антички Хунзи до Словенобугари, заедно со многу други неодговорни постапки. Во контекст на реченото, во својата книга, Коѕиас го дијагностицира и проблемот во преговорите помеѓу владите на Скопје и Атина, и вели: „властите на ПЈРМ не гледаа и не разбираа дека дејствителниот проблем, кој се крие зад името е – агресивната неодговорност“. Според Коѕиас, во однос на постоечкиот проблем помеѓу двете земји, грчката левица била должна и должна е да биде компромисна врз основа на принципите во однос на името, земајќи ја предвид историјата, преданието и интересите на сите страни, и додава дека „добриот и искрен компромис во однос на името подразбира изградба на мерки за доверба“.

Иако ретко читам книги со слична содржина, еве ја затворам последната страница, со вчудоневиденост, како ли на еден модерен европски политичар му изгледаат мнозина овдешни интелектуалци, умни глави, а покриени со апла демоде партиски префикс, застанати покрај сопартијци со деветнаестовековен менталитет, кои ги споиле палецот и показалецот во буквата О, а ги подигнале другите три прста, излачувајќи иредентизам.

Се чини, природно е да му се даде шанса на демократскиот патриотизам, кој подразбира дека еден народ се собира, не врз основа на биолошките карактеристики, како собирањето во фашизмот и агресивниот национализам, туку се собира врз основа на културното наследство, заедничката историја, но и врз основа на демократското општество, кое ги гарантира сите облици на човекови права и слободи, за сите. Сега или којзнае кога!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 14 Декември 2017 год.