Епископ стобиски Давид: Ъ!

2017 Дек 21Пишувајќи неколку зборови за јужнословенскиот македонски јазик, авторитетот на домашната лингвистичка мисла, К.П. Мисирков, ќе предочи дека јазикот има одделни гласовни знаци или зборови за сите мисли, чувства и сакања на еден човек. Оттука, јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство. Уште ќе нагласи и дека ако еден народ го менува својот јазик под силно туѓо влијание, однесувајќи се без сознание кон таа измена, тогаш тој народ се откажува од самиот себе.

Навистина е така! Не постои помизерен пристап кон јазикот од оној, кој ги претпочита хендикепираните политички сплеткарења и влијанија, наспроти неприкосновената слобода на човекот, преку гласот да го изрази тоа што го мисли, сака и чувствува. На јавноста сигурно ѝ е познато дека во 1944 г., е донесено решението на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во републиката. Но, можеби, на малкумина им е познато дека отпосле донесувањето на таа одлука, формирана е Првата јазична комисија за нормирање на македонскиот јазик, која била укината, за, потоа, работата да ѝ биде доверена на Втората јазична комисија. Првата комисија била составена од видните членови: Ѓорѓи Киселинов, д-р Михаил Петрушевски, Даре Џамбаз, Венко Марковски и Ристо Проданов. Претседателот на комисијата, Ѓорѓи Киселинов, дипломирал на историско-филолошкиот факултет во Одеса и за време на студиите другарувал со К.П. Мисирков. Киселинов бил најистакнатиот филолог, граматичар и литературен историчар после ослободувањето.

Во списанието за литература, култура и уметност „Современост“ (бр. 1, 2017 г.), застапен е впечатлив осврт на Васил Дрвошанов, кој се однесува на текстот „Ракописите не горат“, на д-р Стојан Ристески. За што, всушност, станува збор? Првата јазична комисија работела од 24 Ноември до 4 Декември 1944 г., и во 18 часот ја заокружила својата работа. Претходно изработила елаборат за граматиката на македонскиот јазик. Иако уредно бил испратен до надлежните, елаборатот исчезнал и при потрагата по него, примерок од него не се нашол. Во својот осврт, Дрвошанов вели дека е долг патот до вистината, нагласувајќи дека за домашната научна и поширока јавност, тој пат траел седумдесет години. Имено, д-р Стојан Ристески дошол до единствениот преостанат примерок на елаборатот, кој бил сопственост на Ѓорѓи Киселинов, и истиот го отпечатил во издание на ИРИС, Струга, 2015 година. Бездруго, стручната јавност допрва ќе го истражува елаборатот, со сите негови аспекти. Првичните сознанија упатуваат на мноштво совпаѓања на македонската граматика со излагањата на Киселинов во работата на Првата јазична комисија.

Денес, вниманието го привлекува следниов аспект: согласно на Првата јазична комисија, бројот на буквите во македонската азбука изнесувал 32! Во тогашната азбука била застапена и буквата ъ. Заради постоечките предрасуди, неопходно е да се нагласи дека буквата ъ, не е само бугарска, поточно речено, не е ексклузивна сопственост на бугарската азбука. Буквата ъ, е буква од старословенската азбука и денес е присутна во најголемиот број азбуки на словенските јазици. Штитејќи се од сродните јазици, го ојаловуваме македонскиот јазик! Следствено, бегајќи од оваа буква, нашата сегашна азбука се откажува од сопственото духовно и културно наследство! Поаѓајќи од мојот тридецениски интерес за филологијата, претходната реченица, за своја појдовна точка го има исклучиво лингвистичкиот аспект. Во однос на ова прашање, туѓо ми е секое друго гледиште, освен лингвистичкото. Затоа, колку што дозволува просторот, накусо да го разгледаме реченото.

Некои наши учени, велат дека нема потреба од буквата ъ, оти кај нас буквата р се смета за слоготворна. Во ред! Но, во нашиот јазик, особено во богатите ни дијалекти, постојат зборови со три консонанти еден по друг, а ниту еден од нив не е буквата р. Ми се чини, за филолозите е невозможно тие зборови да бидат точно напишани и изговорени, доколку помеѓу консонантите не стои вокал, во случајов вокалот ъ, кој секој од нас го изговара, а не го пишува! Еве неколку од мноштвото примери: фстак, ксмет, акл (фъстак, късмет, акъл)… Доказ е и презимето В’чков, кое се пишува со запирка! Но, зошто да се пишува со запирка, кога постои буква! Немоќта да се напише овој вокал, го ограничува творечкиот израз! Оној кој пишува на дијалект, како ли ќе ги напише и изговори, со три консонанти еден по друг, на пример, глаголите: мкнам вреќа (мъкнам), ксни си лепче (късни си)! Примери безброј!

Не е возможно да се вели дека јазикот е жива материја, а никогаш и ништо да не се промени. Затоа и К.П. Мисирков предочува дека јазикот е физиолошко-психолошка способност, која прави човекот да се менува, та следствено, да го менува и развива сопствениот јазик. Сега е време Министерството за култура да формира група од стручни личности, кои ќе ни одговорат на прашањето: која е причината, луѓето од Првата комисија, кои ги имале највисоките научни квалификации, да бидат заменети со луѓе, со видливо послаби квалификации?! И, ако се утврди дека причините се политички, а не лингвистички, тогаш, се чини, ќе се исполни времето и за формирање на Трета јазична комисија!

– – –

објавено во Слободен Печат, 21 Декември 2017 г.,

и: http://plusinfo.mk/mislenje/3743/temniot-vokal