Епископ стобиски Давид: Нема црква без единство со другите цркви!

2017 Дек 28Искуството покажало дека, кога се црпи вода од живописниот планински извор, сосема е возможно, во лончето, покрај бистрата вода, да влезе и жаба. Сега, во затишјето, пред веројатните идни дебати, творечки е да се согледа што е постигнато на полето на религискиот плурализам, и што допрва треба да се стори. И, да! Бездруго, да се лоцира жабата!

Собитија поврзани со МПЦ, се покажаа повеќе од добредојдени за домашната јавност, а така ќе биде и во иднина. Зошто? Полека и срамежливо, случувањата почнуваат да ги изоструваат критериумите на општеството при расудувањето – што е, а што не е црква! Следствено, дали МПЦ е црква, или, не? Од јуридички аспект е црква, бидејќи е запишана како таква во судскиот регистар на верски заедници. Истовремено, општопознато е дека МПЦ бара да стане дел од православната црква, факт, кој, сам по себе, сведочи дека од теолошки аспект МПЦ, сѐ уште, во суштина, не е православна црква. Доколку, пак, МПЦ ја подразбира автокефалноста како саможивничка самостојност, тогаш таа е најавтокефална од сите! Затоа, зачудува зошто МПЦ бара автокефалност, кога тоа значи проникнување со другите, бидејќи признатата автокефалност подразбира меѓузависност на православните цркви. Позната е максимата дека заедништвото не е институционален, туку егзистенцијален императив. Реченово го отвора прашањето: како се станува православна црква?

Претставниците на МПЦ честопати посочуваат дека имаат храмови, свештеници и организиран живот. И други непризнати или иноверни цркви имаат храмови и многу пообразовани свештеници. Но, тоа не е критериумот за православната црква да ги прими во литургиско и доктринарно единство, што, пак, е единствената јасна потврда дека некоја црква е православна. Претставниците на МПЦ честопати се потонати и во минатото, но претставува неартикулиран нагон, потребата: на 19 век да му се направи копи-пејст во 21 век.

Следствено, на упатените им е јасно дека е неиздржано барањето за литургиско сослужување и автокефалија пред, воопшто, МПЦ да стане православна црква. Ултимативното барање на МПЦ предизвика некои бугарски интелектуалци да ја споредат со параполитичка организација. Тоа е идентично, како некоја протестантска црква да ѝ се обрати на само една православна црква со ултиматумот: служете литургија со нас и доделете ни автокефалија, а потоа ние ќе ве признаеме за мајка! Сепак, треба да се биде на бродот за да се добие кабина, оти во неа не може да влезе оној, кој се наоѓа на копното! Устројството на православната црква е такво што најпрвин е неопходно да се пребива во литургиско и канонско единство, па потоа сѐ друго доаѓа природно и без ултиматуми. МПЦ, за жал, сѐ уште го нема тоа единство и затворена е за разговор со оние, кои единствено можат вистински да ѝ помогнат. Во овој контекст, рускиот писател Захар Прилепин, би рекол: „играта не им оди, постојано во џбунот го бараат топчето, мачката од комшискиот влез гадливо гледа, а јас си заминувам да не би гледал“. Поаѓајќи од тој факт, политичарите треба да бидат внимателни по кого се поведуваат за совет во однос на црквата, со цел да не си го извалкаат угледот и државата да не ги урниса критериумите на непристрасност при востановувањето на религискиот плурализам, кој е суштински за функционирање на една демократија. Власта може до бесвест да ја поддржува МПЦ и да се идентификува со нејзината непризнатост, но повеќе не смее, како до сега, тоа да го прави на сметка на другите цркви во земјава. Познато е дека секоја агресивност е знак на немоќ. Затоа државата не треба лесно да си дозволува да се поведе по, со чесни исклучоци, варваризираниот јавен дискурс во однос на теолошките теми.

Мнозина митрополити на БПЦ, помеѓу кои и претседателот на т.н. комисија за посредување за МПЦ, старозагорскиот митрополит Кипријан, јавно истакнаа дека проблемот на МПЦ, без сомнеж е „чисто канонско прашање“ (БТВ „Тази сутрин“, 29.11.2017). На овој став му се спротивставија домашните т.н. експерти, кои непризнавањето на МПЦ го претставуваат како политичко прашање. Професорот од теолошкиот факултет во Велико Трново, Свилен Тутеков, имајќи го предвид изразот на апологетите на МПЦ, посочува дека таквиот говор за црквата содржи сѐ, освен црковно сознание, критериум и мисла. При таков дискурс, самата реалност на црквата веќе не присуствува. Наместо реалноста на црквата, според Тутеков, гледаме ограниченост само на нејзините епифеномени: социјални, морални, политички. А, вистинскиот дијалог е можен само доколку извира од суштинската одлика на црквата, а тоа е единството, и само доколку се води на црковен, а не на политички јазик. Значи, само доколку е битна црквата, а не идолите на националромантизмот, геополитиката и автокефалијата.

Доколку БПЦ, воопшто, се најде во прилика да посредува за МПЦ, неизбежно ќе мора да се сретне со ПОА, бидејќи БПЦ и ПОА се нераскинлив дел од една и иста црква. Таа црква ќе му помогне и на еклисиолошки неписмениот приватен декан од Скопје, да не мантра помеѓу соломонските решенија и нему непознатите патишта.

Никој да не ја потценува способноста на мислечките луѓе да ја лоцираат жабата. Време е конечно да се исполнат зборовите на поетот, дека луѓето треба да научат критички да размислуваат за црквата, а не да бидат учени од т.н. експерти, што да размислуваат!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 28 Декември 2017 год.