Епископ стобиски Давид: Празникот, кој повикува на игра!

2018 Јан 04Очигледно, човекот е украсен со мноштво одлики, кои не си противречат една на друга, туку го обликуваат живописниот мозаик на неговото постоење. Следствено, ги среќаваме изразите: homo faber (произведувач), sapiens (мислител), religiosus (религиозен), а помеѓу сите нив, и изразот, кој објавува една од најубавите и суштински одлики човекови: homo ludens – човек играч. Овој израз го опишува човекот како неуморлив дух, битие кое ја зграпчува шансата, личност која живее од слободата, уметник кој бара и дава љубов, битие на заедницата. Што, всушност, прави еден човек, кога се игра? Го победува времето, се става над логиката. Празниците се тука да нѐ потсетат дека е време за игра.

Впечатливиот философ Мартин Бубер, преку својот јунак Барух, се обидува да објасни дека Бог е сопатник при прогонството, непризнат странец помеѓу луѓето. Еден ден, внукот на Барух играл криенка-миженка со другарите. Се сокрил. Другарите не сакале да го бараат. Си заминале. Внукот, плачејќи, му се пожалил на својот дедо за отсуството на свест за игра, кај неговите другари. Дедото, исто така, со очи полни солзи, воскликнал: „Господ го вели истото: Јас се кријам, но никој не сака да ме побара“. Во духот на реченово, познат е исказот и на еден православен светител, кој, на детето, кое дошло да го посети, му го предочил следново: „Кога би можел да се играш со Господа, тоа би било најубавото нешто, што некогаш се збиднало. Повеќемина, со предрасуди го гледаат Бога како намуртен тиранин, та оттука, тој им изгледа убиствено здодевен… Детуле, ти играј со Бога. Тој е најдобар другар во играта“.

Имајќи предвид дека мнозина философи, уште од најстарите времиња, па, еве, сѐ до денес, љубомудруваат исправени пред различните прашања за земното и небесното, поканата за игра се однесува на внатрешната философија, на одржувањето на будноста на човековото внимание, за да не дојде до затапување и губење на чувството, во случајов, за трансцедентната стварност. Повикот се однесува на оние, кои размислуваат за оваа игра на проникнување со суштинското значење на празникот, но истовремено подразбира и почит за изборот на оние, кои играат други игри. Значи, со празникот на рождеството Христово, дејствително, и секогаш одново, се актуелизира заборавениот потенцијал на човековите играчки способности, и тој потенцијал го враќа човекот од резервната клупа, директно на централниот литургиски терен, а не во малограѓанштината на расколот. На тој начин, човекот повеќе не е микрокозмос во макрокозмосот, како што учи античкиот философ Демокрит. Со рождеството Христово, човекот станува големиот свет во малиот, макрокозмос во микрокозмосот, бидејќи, да го парафразирам светиот Григориј Богослов: ниту сонцето, ниту ѕвездите, ниту било кое друго создание, нема моќ да го обожува своето постоење; таа моќ ја има само човекот и тоа токму заради рождеството Христово. Освен човекот, никој нема моќ да говори, да умува, да ја протега својата мисла подалеку од бескрајот на вселената.

Од својата висина, Логосот Божји ѝ снисходи на човековата природа, нераскинливо соединувајќи ја со себе, и земното го прави небесно во едно проникнувачко единство, покажувајќи го, не гневот, туку смирението, како пат кон вистинското достоинство човеково. Оттука, оној кој сака да се обиде во внатрешната философија, може срцето (т.е. сржта на битието), да го направи пештера, како видлив знак за ставање нов почеток во животот, та таму, суштински, а не заради фолклор, да се испреплети со тајната на допирот на овдестраното со одандестраното, преобразувајќи го своето битие во благобитие.

Жално е кога луѓето му се доближуваат на рождеството Христово без грам теологија, поточно, кога го прославуваат рождеството Христово, без Христа! Се разбира, човекот сака сѐ да прилагоди на логиката од неговиот рационалистички калап, и притоа, честопати целосно ја исклучува онаа димензија на неговото постоење, која ја подразбира ирационалноста и екстатичноста на љубовта. Овој, пак, празник, ја потврдува таа вистина. Господ не доаѓа во светот, како што мнозина би очекувале, веројатно како моќен владетел, туку неговото доаѓање е поврзано со многу неповолни околности и различни безизлези. За него немаше место во гостилницата. Многупати нема место ниту за нас. Но, за разлика од политичките христијани, за автентичните христијани гостилницата не е центарот на постоењето, туку тоа е Христос. Прашањето кое беше поставено тогаш, актуелно е и денес: каде се наоѓа Христос? Мнозина трагаат, за да го најдат Христа, но не си играат, туку го бараат во стихиите на овој свет, кои продаваат надеж со рекламното мото: еве, надежта е наша сопственост, вие треба само да ја платите. И, луѓето плаќаат. Денес ја продаваат оние, кои речиси сѐ имаат запечатено со суровост, со презир и фанатизам.

Надежта не е на распродажба. Христос е новата надеж, новото разумно сонце, а низ играта на животот, кој сака, станува место за сместување на Несместивиот. Христос се роди!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 04 Јануари 2018 год.