Епископ стобиски Давид: Зелена држава!

2018 Јан 11Време наназад, кај нас е речиси невозможно да се сретне човек, чии здравје и слобода, макар за миг не биле окупирани од сеопштата загаденост на главниот град, и целосно, на државата! Од друга страна, пак, катастрофата, која произлегува од еколошката негрижа, претставува глобален феномен, кој ќе го принуди и Стивен Хокинг да рече дека единствениот начин да се сочува животот ќе биде преселувањето на други планети. Сепак, да се задржиме на домашниот терен, чиј јавен дискурс го определуваат разни инспекциски надзори за отровен воздух, мноштво високо и ниско загадени градови, еко геноцид, диви сметишта, канцерогени ПМ честички. Во предизборните политички кампањи се врши јавно наддавање на чист воздух, а надлежните внимателно ја следат состојбата и најавуваат итни мерки, само доколку загадувањето е два дена, по ред, над дозволената граница!!! Постојано се изготвуваат нови стратегии. Се најавуваат нови протести.

Иако на сите им е познато, сепак, заради понатамошното изложување, одново ќе го оприсутнам значењето на грчкиот збор: екологија, кој, нели, во превод би го прочитале како: слово, односно смислено говорење за домот, за куќата.

Развојот на оние науки, кои произведуваат само интелигенција, без добрина и копнеж, како да го фрли човекот во битка со еден „непријателски“ настроен свет. Се чини, таа трагична состојба, не мал дел од човештвото ја влече уште од Беконовиот научен идеал за систематско проучување на природата, само заради нејзино искористување, бидејќи знаењето е моќ. Франсис Бекон му се обраќа на човекот, велејќи: ти ја принесувам природата, со сите нејзини деца, за да ја врзеш во твоја служба, да биде твоја робинка!

Оттука, се добива впечаток дека проблемот се состои во човековото отцепување од природата. Веројатно, погодна илустрација за реченото е ставот, кој говори дека и интелигенцијата, како да се има отцепено од човековото тело, толку коренито, што го укинува и го прави бескорисно. За тоа сведочат интернетот и компјутерите. Луѓето денес комуницираат, купуваат, некои велат дека дури и се вљубуваат преку персоналните сметачи, без телото, кое од некои мислители е дефинирано и како орган, кој нѐ поврзува со луѓето, со нашето природно опкружување. Телото, како веќе да не може да ги следи интелигенцијата и информациите. Следствено, се поставуваат прашањата: можеби, проблемот се состои во лошото ползување со интернетот, односно, можеби проблемот, конечно, се состои во лошото и недомаќинско ползување со природата, која е дом, а не робинка?!

Во меѓувреме, сѐ е насочено кон клучни мерки за дотур на производи во градот, од толку до толку часот, кон вработување на нови инспектори, кои ќе ги „ловат“ загадувачите, сѐ се сведува на стерилни правила, казни и закони. Постојано се труби дека надворешните околности треба да се менуваат. Бездруго, тоа трубење е во ред. Но, речиси без исклучок се премолчува првото и суштинско нешто, кое треба да се промени, за проблемот на загадувањето конечно да биде решен, а тоа нешто не се законите и стратегиите. Проблемот на загадувањето никогаш нема да биде решен, доколку првенствено не дојде до радикална, внатрешна и доброволна промена на самиот човек. Без континуирана терапија за човековиот презир кон домот, загадувањето само ќе се влошува. Терапијата треба да подразбира сеопфатна соработка на науката и теологијата, на законите и етиката.

Прашањето што го привлекува вниманието е дали човекот, во својот град се чувствува како во свој дом? Дали би изградил оџак во својата дневна соба? Доколку не, зошто тогаш би го градел во својот град? Доколку затекне оџак во својот дом, дали би му ставал филтри или веднаш, и по секоја цена, би го дислоцирал? Законите се неопходни, но сами по себе не се доволни, бидејќи во дневната соба, семејството не ги решава проблемите само со закон. Законите се хансапласти, фластери, завои, но не се самиот лек. Вистинскиот лек се човештината, елементарното воспитание и љубовта кон домот. Дома не се фрлаат отпадоци, но човекот, кој нема свест дека и градот е дом, го фрла ѓубрето надвор. Внатрешната деградација на човекот, го деградира и градот! Но, при страдањето, кое ѝ го нанесува на природата, главната жртва е самиот човек.

Следствено, произлегува дека кризата на загадувањето не се поврзува само со проблемот на самодоволноста и потрошувачкиот менталитет. Нејзиното решавање не се исцрпува само со политиката и возвишената технологија. Овој проблем не е едностран, политички проблем, туку првенствено претставува онтолошки проблем. Природата не се преобразува сама по себе, туку под влијание на човекот. Од човекот зависи дали ќе одбере светот да го гледа и да се однесува кон него како кон свој дом, или, како кон свој роб. Без аскетски однос, без сестрани, автентични општествени вредности и без вистинска љубов кон светот, нема излез од загаденоста!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 11 Јануари 2018 год.