Епископ стобиски Давид: Православието не е религија!

2018 Јан 18Во една впечатлива епизода, стрип јунакот Алан Форд, почнува говор на комеморација за покојник. Но, никако не може да се сети на неговото име! Боб Рок му вели дека, сепак, покојникот мора да има идентитет, на што Алан Форд му одвраќа дека името на умрениот, воопшто и не е битно, па извикува: „тука сме да си спомнеме за еден чесен човек, чие име ќе остане засекогаш вклесано во нашите мисли и срца“. Воопшто, и особено за претстојниот празник Богојавление, низ одредени гласила на домашнава информативна сцена, се појавуваат јунаци подобни на Форд и Рок, кои наводно си спомнуваат за православното христијанство, но без да му го знаат името! Оттука, мнозина мислечки личности, со право го отфрлаат таквото безимено православие, пред дури и да стекнат, од општа култура, основни познавања за автентичната православна теологија. Искрено, ме јаде срамот од варваризираното христијанство и чувствувам потреба да им се извинам на умните луѓе, за тоа што насекаде се соочуваат и го трпат „православниот“ примитивизам.

Постојат мноштво примери, но во оваа прилика, еве ја илустрацијата за предочената информативна деликвенција. Одредени гласила, чии имиња ќе ги спомнам веројатно во првата следна прилика, немилосрдно ја бомбардираат јавноста со, на пример, следниве содржини, кои од обѕир кон стомакот на интелигенцијата, условно речено, помалку се шокантни: „општината обезбеди маици за капачите, а тој што ќе го фати крстот, ќе го следи среќа една година“, „во пресрет на Митровден, секој треба да биде во својата куќа, бидејќи ако не е дома, тој цела година ќе преноќува по туѓи куќи“, и „денес е свети апостол Филип, наутро изговорете молитва за исполнување на желби“! Етнологијата не е теологија! А, разнообразноста на глупоста е неисцрпна, и сето тоа под плаштот на познавањето на православието, како потпала на огнот, кој треба да ги изгори здравомислечките! O sancta simplicitas, рекол Јан Хус, кога стоејќи на кладата, видел некоја женичка како носи дрва, кои ќе ги разгорат пламените јазици, за Хус да изгори.

Живееме во епоха, во која науката доживеа восхитувачки напредок. Станува збор за откритија, кои пред два-три века беа незамисливи и се движеа во сферата на фантазијата. Сега се реалност. Беше логично да се очекува дека со напредокот, човекот ќе се ослободи од евтината религиозна амбалажа. Но, очигледно нештата не се сменети коренито, та луѓето, наместо со слобода, се хранат со трици и отпадоци. Света Троица, живиот Бог на љубовта, во ниту еден случај не е агресор на слободата човекова. Кај Бога нема зорт! Како апсолутна љубов, Бог не е затворен систем на стерилни правила. Како таков систем го оприсутнува само квазитеологијата, која, со право, е предмет на интерес и на модерната психологија. Оваа наука ги поистоветува нашите Алан Фордови со патолошкиот нагон, личностите што си ги прогласуваат за праведни – да уживаат, а неправедните – да бидат фрлени во пеколот, еднаш засекогаш. Оттука, сериозните луѓе ја отфрлаат религијата.

Затоа логично е прашањето, каде завршува фалсификатот, а каде почнува оригиналот? Латинската именка religio навистина има многу значења, а две од основните се: должност и обврска (M. Divković, Latinsko-hrvatski rječnik, Zagreb, 1900). Оттука, eдно од можните значења на религијата е должна врзаност, обврска и кон мртвите облици и хипокризијата. Доколку се земе предвид дека православие не се, или не би требало да бидат само џиповите и идеолошкиот систем за среќен живот, тогаш православието не е религија. Автентичното православие не обврзува, туку го почитува и се основа на слободниот избор на човекот. Малку е неартикулирано, луѓето кои се обврзани со тоа каде да преспијат за Митровден и со сличните примитивизми, да се нарекуваат православни, а на пример, абер да немаат за логосите Божји, за исихазмот, за онтологијата на умот, за обожението…

Следствено, вистинските црковни учители не се интересираат толку за тоа што ќе стане човекот после смртта, што е главна одлика на религијата, колку што се интересираат што ќе направи човекот од себе и својот живот, тука. Според познатиот патролог Романидис, оние христијани, кои ја разбираат верата само како подготовка за оној свет, всушност, ништо и не прават во животот, освен што чекаат да умрат за да одат во рајот. Бездруго, правото на рај (кој како си го сфаќа рајот), им е ексклузивно, само оти биле православни! Други, пак, гледаат на Бога, како на бунар на желби, но таквиот Бог е само потреба, а не метафизичка жед на човекот да се сретне и да заедничари со Причината на сѐ што постои.

Православието не подразбира обврзување и грч. Животот на православниот човек не е пиетистички шаблон на човек, кој постоењето го разбира како изолација од другите, а верата ја сведува на збир забрани. Човекот ништо не мора, како што му сугерира карикатуралното православие, туку може слободно да сака или не. Затоа, завршувам парафразирајќи го Вес Андерсон, кој некаде рече дека: сепак, постојат уште слаби траги на цивилизација, преостанати во оваа варварска кланица, некогаш позната како човештво.

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 18 Јануари 2018 год.