Епископ стобиски Давид: Загубени во сенката!

2018 Јан 25Сета ноќ ја минав во исчекување. Како човек, кој денот го престојува на порти да би ги пресретнал најмилите свои, да би се ослободил од сите потајни стравови. Тие не доаѓаат! Времето почнува да се растегнува и полека да паѓа, како тенката нишка на стопениот шеќер, со кој ќе бидат обвиени зашеќерените јаболка.

Сонцето, милиот пријател, кој на дар носи насмев, се открива оддалеку. Смирено, без нагли движења ја оприсутнува природата во сета нејзина заборавена убавина. Заедно, со трепет, трчаме низ прозрачната светлина. Стигнувам в последен миг. Неизвесноста исчезнува. Го фаќам добичето за глава. Со внимание го извлекувам во живот. Му го чистам лицето од постелката. Сончевата светлина станува блесок и од радост пред новата рожба, наоколу веќе ништо не се гледа.

Летото, на крајот од Јули, низ ноздрите исфрла оган, а кога ќе го источи низ очи и низ здивот, тогаш човекот го успорува своето постоење. Секогаш ми годи горештинава. Добичето веќе е застанато на нозе. Горе е на ливадата. Се враќам со засукани ракави и измачкани раце. Кон мене чекори непознат човек.

„Имаме мртовец, многу е топло, ќе дојдеш да го закопаш“? Ми го поставува прашањето потонат во занес, а погледот му е втренчен кон моите дланки. „Ни се роди добиче, да ги измијам рацеве, на пладне ќе бидам кај вас“, одговарам.

Со мене доаѓаат отец Мојсеј и честиот соговорник Илија. Стигнуваме на закопот. Од жештината, сѐ се гледа како низ испарување. Луѓето со бавни движења го внесуваат мртовецот во црквата. Ги облекуваме богослужбените одежди, ги отвараме книгите и почнуваме. Заради горештината, луѓето го напуштаат храмот. Во еден миг го кревам погледот и гледам дека внатре остануваме сами. Јас и мртовецот. Отец Мојсеј е надвор, се грижи за ужалените. Спокојно го спуштам погледот на книгата. Громко ги изговарам стиховите: ја гледам в гробовите како лежи, создадена според образот Божји, нашата убавина, без образ, без слава, без вид. О, чудо! Како се сврзавме со смртта? Каде се очите?

Повикувам неколкумина да влезат во храмот и да го пренесат мртовецот на блиските гробишта. Врелината прави атмосфера на безвременост. Поворката се движи одважно и многу, многу бавно. За миг ме потсетува на свадбената поворка на лисицата во соништата на Куросава. Добро, си велам, и ова е своевидна свадба.

Го положивме ковчегот на купот земја, покрај дупката. Гробот се наоѓа во подножјето на ридот, кој сиот е жолт и сув. Малку подолу се извишува дрво, чија широка крошна прави сенка. Роднините и блиските почнуваат да палат свеќи. Се наведнувам да го поднаместам чаршафот од сандакот, да не се извалка од земјата. Се исправам. Наоколу, сѐ е в пламен!

Со очите гледам несекојдневна слика. Стојам пред празниот гроб, покрај кој е положен мртовец во убав, едноставен сандак. На сите страни од сандакот висат шарено ќебе и бел чаршаф. Гробиштата се простираат кон ридот. Сега гробиштата горат, пламенот скока и огнени островчиња се шират насекаде. Напред, мажите се растрчуваат на сите страни. Одеднаш во рацете цврсто држат лопати и со нив удираат по огнот. Го гаснат. Распрснати се меѓу гробовите кон ридот како налутени пчели. Се вртам назад, на другата страна. Ги гледам женичките со шамии, сите собрани под сенката на дрвото, како рамнодушно ги набљудуваат гробот и пожарот. Помеѓу нив, со прекрстени раце застанал и нашиот собеседник Илија. По високиот раст се одвојува од собирот под дрвото. Со отец Мојсеј, ту го гаснеме пожарот, ту го чуваме гробот. Мртовецот воопшто не брза да биде положен во дупката. Женичките со шамии, собрани под сенката, не се заинтересирани за исходот. Оставаат впечаток на отсутност. Чекаат овој погреб да заврши за да отидат на друг!

Мнозина не можат назад. Но, ние сме веќе пред гробот. Ги кажуваме последните молитви и го спуштаме мртовецот в земја. Нечујно в себе глаголам псалм: дните на човекот се како трева, како полски цвет прецутува тој, ќе дувне ли врел ветар и веќе го нема, и местото негово не се познава. Од срце си додавам: Христос нека му дарува божествена светлина.

Одненадеж, до мене се доближува Илија и низ шепот ми вели: „под дрвото, претопени во сенката, помеѓу женичките ги видов Александар Чомовски, Цане Мојановски и уште една тајфа од пет-шест луѓе како нив. Тие подло ги озборуваат мажите што го гаснат огнот. Дури постојано им дофрлаа грубости и на женичките. Но, овие не им обрнаа внимание“!

Под око го погледнав Илија. Толку е убав животот, ах, толку е прекрасен животот, што стигнав само да му изустам: „смртта не е најлошото нешто што може да му се случи на човекот! Пострашен е животот без смисла, еднаков на небитие“!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 25 Јануари 2018 год.