Епископ стобиски Давид: Да им нацртам за мајката и ќерката!

2018 Фев 01Пред сѐ, нужно е да се знае дека православната црква како conditio sine qua non ја смета благодатта, која непрекинливо се предава преку чинот на ракополагање епископи, од апостолско време до денес. Без сочувување на тој континуитет, не би можела да биде црква! Затоа, сега, нема детално да се осврнувам на разговорот, кој на 10 Мај 1947 г., го водеа патријархот српски Гаврил, генералот Љубодраг Ѓуриќ и Лазар Колишевски. Сум имал можност да ги прегледам записниците од средбата. Но, од суштинско значење е да нагласам дека и пред седумдесет години, на насилничкото барање на Колишевски да му ракоположи епископи за МПЦ, одговорот на патријархот бил смирен и недвосмислен: црквата нема физички средства да го спречи насилието, кое на црковен план се случува во НРМ со МПЦ. Истовремено патријархот му предочил на Колишевски, дека ниту една православна црква не може и никогаш нема да признае одметничка авантура, каква што е оваа на МПЦ!

После тој разговор, Иницијативниот одбор за обнова на МПЦ, поимајќи ја реалноста, го спушта тонот, но притисоците продолжуваат на друго рамниште. Во една следна сцена, на 04 Јуни 1958 г., претседателот на Сојузната верска комисија, Добривој Радосављевиќ, ги повикува епископите од синодот на СПЦ и ги убедува да ракоположат епископи за МПЦ, бидејќи, претставете си – МПЦ епископи нема! Каква била таа црква без епископи, кога се знае дека православната црква е епископална, јасно му било само на тогашниот еднопартиски систем. Сепак, за да не отиде сѐ в неврат и за да се спаси тоа што може да се спаси, СПЦ грижливо избира и ракополага епископи за МПЦ. Подолу во текстот ќе видиме кои се тие и кој е нивниот континуитет на ракополагање!

Изминатиов период, во контекст на барањето на ќерката МПЦ, Бугарската црква да ѝ станела мајка, јавноста, почесто од вообичаеното, ги слушаше именките мајка и ќерка. Впечаток е, дека кога кај нас, во однос на црквата се употребуваат токму зборовите мајка и ќерка, тогаш, заради роднинските односи, тие во себе содржат огромен сентиментален набој. Но, неопходно е да се земе предвид дека во црквата, овие термини попрво имаат строго јуридичко значење, без емоционално вреднување! На пример, кога ќе се рече дека некоја црковна јурисдикција А, е мајка црква на друга црковна јурисдикција Б, тоа просто значи дека постојниот состав на епископи на црковната јурисдикција Б, својот ланец на ракополагање го води од црковната јурисдикција А! И, толку! Во случајов не постојат други значења на поимите мајка и ќерка. Ајде, тогаш, накратко да се потсетиме, кои се господата епископи на сегашната МПЦ. Помладите од нив, г. Иларион, г. Методиј и сите од новата генерација, се ракоположени од постарите на чело со архиепископот на непризнатата МПЦ, г. Стефан, кој, патем, теолошкиот факултет го завршил во Белград. Архиепископот на МПЦ, г. Стефан, е ракоположен за епископ 1986 г., кога архиепископ бил Ангелариј. Ангелариј, пак, е ракоположен за епископ 1975 г., кога архиепископ на МПЦ бил нејзиниот прв поглавар Доситеј.

Ајде да се потсетиме од кого е ракоположен првиот архиепископ на МПЦ, Доситеј Стојковиќ, роден 1906 г., во Смедерево, денешна Србија. Доситеј е ракоположен 1951 г., за помошен епископ на српскиот патријарх Викентиј (кој се упокојува 1958 година). На предлог на следниот српски патријарх Герман, соборот на СПЦ во 1959 г., го избира својот епископ Доситеј за митрополит скопски. Моите научни референци велат дека согласно на одлуката на соборот на СПЦ (АСБр.35/зап.63), патријархот српски Герман, на 19 Јули 1959 г., за потребите на црквата во НР Македонија, доаѓа во Скопје и го ракополага епископот битолски Климент. Набргу бил ракоположен и епископот злетовски Наум, за да може да се оформи синод на МПЦ.

Да заклучам, било кое свештено лице на МПЦ, од наjниската до највисоката позиција, нишката на својот црковно-правен статус ја црпи од овие епископи Доситеј, Климент и Наум, кои биле именувани/ракоположени од СПЦ, специјално за црквата во НР Македонија. Ете, оттука, за сиот православен свет МПЦ денес е отпаднатата ќерка на СПЦ и токму затоа сите ја упатуваат да не бега од доаѓањето до посакуваниот статус, преку решение со СПЦ! Ако МПЦ може за себе да најде потекло што ќе ги заобиколи ракополагањата од СПЦ, тогаш – бујрум! Но, бидејќи не може, сите обиди да се заобиколи СПЦ како мајка црква, претставуваат јуридички апсурд и манифестација на елементарно непознавање на животот на црквата.

За појасно разбирање на реченото еве ја и следнава илустрација. Човекот, кој има добиено одредено академско звање, си го нарекува универзитетот што му го доделил звањето – alma mater, мајка хранителка. На пример, ако човекот дипломирал на Скопскиот универзитет и одеднаш почнува да тврди дека alma mater не му е Скопскиот, туку Софискиот универзитет, тогаш секој нормален човек ќе му рече: покажи ни ја дипломата да видиме што пишува на неа. Буквите се неумоливи! Следствено, нека ги покаже и МПЦ граматите од кого се ракоположени нејзините први епископи, кои, како што милуваат да велат, ја обновија Охридската архиепископија! Без сомнеж, тогаш јавноста сама ќе знае да прочита и да види, која црква е alma mater на МПЦ и каде најлесно се доаѓа до решението. На решливото!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 01 Февруари 2018 год.