Епископ стобиски Давид: Добро утро, делумно слободни граѓани!

2018 Мар 01Во нашето општество, при пречкањата на разни рамништа, честопати, на адресата на соговорниците се прицврстуваат токму следниве етикети: вие сте фашисти, или, вие сте комунисти. Без задлабочено согледување на значењето на овие изрази, постои опасноста тие да се покажат само како излитени фрази, со кои соговорникот ќе ја запечати сопствената површност при поимањето на политичката философија. Во продолжение ќе бидат поставени неколку сцени, кои од различни агли ќе се осврнат на предоченото.

Сцена прва: еден граѓанин, во матно време, се запознава со програмата на политичката партија, која сака да ја освои неговата доверба, поточно неговиот глас на претстојните избори. Граѓанинот започнува внимателно и гласно да ги чита точките од програмата, кои звучат, отприлика вака: Граѓани на Р. Македонија! Еве ја програмата на едно навистина македонско движење – револуционерно, антидогматско и антидемагошко, изразито иноваторско, та оттука и антипредрасудно. Штом дојдеме на власт ќе ги решиме сите проблеми во општеството. Бараме пропорционална застапеност при гласањето. Се бориме за целосна рамноправност на жените во политиката и за активно учество на младите во нејзиното креирање. Бараме минимална плата и работно време не повеќе од осум часа. Ќе го одземеме имотот од богаташите, особено нивните фабрики, заради општ, заеднички интерес!… Дали можеби некој од читателите би гласал за опцијата, која му го ветува наброеното? Доколку одговорот е афирмативен, нека ја погледне и втората сцена.

Сцена втора: во продолжение се наведени неколку точки од фашистичкиот манифест на Бенито Мусолини, прилично авангардни за времето кога е објавен, 6 јуни 1919 г., во „Il Popolo d’Italia“. Цитирам: „Италијанци! Еве ја националната програма на едно навистина италијанско движење – револуционерно, та оттука антидогматско и антидемагошко, изразито иноваторско, та антипредрасудно. Што се однесува до останатите проблеми: бирократијата, административните прашања, судските, образовните и т.н., со нив ќе се справиме откако ние ќе ја креираме управувачката класа. Помеѓу другото, ние бараме: а) Универзално право на глас на избори според регионални листи со пропорционална застапеност. Жените да добијат право на глас и право да бидат бирани. б) Да се спушти минималната возраст за гласање на 18 години, а возраста за кандидирање за пратеник да се намали на 25 години. в) Донесување на државен закон, кој за сите работници ќе го определи легалното работно време на осум часа дневно. г) Минимална плата. д) Нужна модификација на нацрт законот за инвалидско и пензиско осигурување. ѓ) Силно и вонредно оданочување од прогресивен карактер на капиталот, кое ќе стекне облик на парцијална експропријација на сето богатство“… Покрај полезните одредби, како на пример оние за правата на жените и младите, фашистичкиот манифест предвидува и: „запленување на имотот на верските заедници и укинување на епископските домови“. Звучи познато? Оваа точка е одлика на сите наши Влади при селективното применување на верските слободи, првенствено преку прогонот и нерегистрирањето на одредени верски заедници, како и запленувањето на имотот (на пример на Православната Охридска Архиепископија)!

Сцена трета: од предочените ставови, не се разликуваат многу ниту оние на нацистичката програма во 25 точки за градење на социјализмот. Во програмата, која ја објавува Хитлер на 24 февруари 1920 г., очигледно нацистите водат сметка: и за аграрни реформи (17), и за социјална и пензиска заштита (15), и за промовирање на здрав живот, спорт и рекреација (21). Несомнено, кон идентични идеали се стреми и комунизмот! Во колумната „Бојата е иста, во прашање се нијанси“, предочив дека антипод на социјализмот не е национализмот, туку монархизмот. Следствено, левичарската провиниенција на сите партии упатува на современо општествено уредување, кое стреми кон социјална правда, според кое државата треба да превзема широк спектар на социјални функции. Очигледно не мал број точки од програмите и манифестите на фашистите и комунистите се препишани во програмите на денешните политички партии со едноставна замена на одредени зборови.

Некои современи политички философи истакнуваат дека ретко која партија може да го избегне искушението наречено: колективен нарцизам, бидејќи, очигледно, повеќето од нив си припишуваат месијански својства! Ерик Фегелин вели дека огромен проблем на демократијата е владеачката класа, т.е. демократијата не е имуна на искушението – власта молскавично да се зголеми во рацете на една владеачка група. Оттука, демократијата се наоѓа во опасност тогаш кога граѓаните не се добро информирани, тогаш кога се фингираат дебати, а суштинските расправи се ретки, тогаш кога проблемите се вон контролата на човековата моќ да се организира. Таков проблем е незнаењето! Сѐ додека демократијата кај нас не почне да подразбира можност секој граѓанин да формира мнение и да го направи политички ефективно, оваа земја ќе биде препознавана како делумно слободна земја. Колку е државата слободна, тогаш кога е делумно слободна? Ова прашање е сѐ уште актуелно!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 01 Март 2018 год.