Епископ стобиски Давид: Унијатството како аномалија!

2018 Мар 29Редовите, кои следуваат, се однесуваат на една, непопуларна, но не и небитна тема. Причината, поради која се нафатив да ја срочам содржинава, е разбивањето на целосната неинформираност на нашето општество за аспектот, кој следува. Без разлика на предочената непопуларност, полезно е, општеството, од елементарна култура, да стекне основни познанија за одредени сегменти, кои се однесуваат на неговото секојдневие.

На читателите им е познато дека во првите десет века, најголемиот број христијани во светот имале иста теолошка доктрина, таква каква што денес имаат православните. За датум на одделување на Западот од Истокот се смета 16 јули 1054 г., а причина за поделбата се промените во теолошката доктрина, кои ги прави Западот. Се разбира, оттогаш постоеле обиди за доближување на православната и римокатоличката црква, а некои од нив се случуваат токму во нашата современост. Имено, на 29 мај 1980 г., мешовити теолошки комисии на двете цркви, започнуваат официјален дијалог, кој за своја перспектива го има повторното воспоставување на догматското единство, како предуслов за литургиско единство. Дијалогот треба да се потпира на оние места, кои ги обединуваат двете цркви. Впечатливо е дека една од првите тензии се случува 1986 г., во Бари, Италија, кога во првата фаза од дијалогот (29 мај – 7 јуни), Ватикан организира изложба на икони од СР Македонија, со единствена цел, на паузите од разговорите, да им ја претстави на православните, непризнатата МПЦ. Следува бојкотот на православните, та дијалогот непречено продолжува дури со втората фаза, 9 – 16 јуни 1986 година. Сепак, несомнено, оваа тензија е незначителна во однос на проблемот, наречен – унијатство!

Што точно претставува унијатството? Накратко и исклучиво од теолошки аспект речено, унијатството е подла измама на римокатоличката црква, според која, единството на црквата повеќе не се согледува во посакуваното единство на верата и литургијата, туку во лукавото наметнување на папската власт и догма врз православните христијани. Од надвор, унијатите се облекуваат како православни, од внатре имаат папска вера. Ова го велам, бидејќи во нашата татковина во последниве децении, вклучително и денес, не ретко и од различни повисоки и пониски нивоа, допираат гласови дека решението за црковниот проблем на МПЦ е унијатството. Тоталитаристичката парола со која најчесто настапуваат поединци, гласи: во унијатството е спасот. Изгледа симптоматично, кога од никого овластени индивидуи, си земаат обврска на евтин месијански начин да наметнуваат колективен спас во искривената теологија на папизмот, зачинета со инфантилизмот дека така се станува дел од Западот.

Во стварноста не е сѐ така евтино! После заседанијата на Патмос, Крит, Бари, Нов Валаам (Финска), шестото заседание во Минхен, 1990 г., претставува пресврт во историјата на дијалогот. На инсистирање на православните, се менува однапред определената тема и започнува расправа за проблемот на унијатството и прозелитизмот, после падот на социјализмот во Источна Европа. Неопходно е да се знае дека, и мешовитата комисија, која заседаваше во Виена (26 – 30 јануари 1990 г.), и заседанието во Минхен, со соопштенија го осудија унијатството како погрешен метод за единство, заради фактот дека православната црква е црква во полнота и без догматски недостатоци. Следствено, унијатството претставува неуспех да се оствари целта на црквите, а целта е единството! Унијатството е неприменливо за црковните сфаќања од првите десет века на неподелената црква, та затоа претставува проблем во односите помеѓу православните и римокатолиците. Сепак, и покрај дијалогот, римокатоличката црква отпрвин не ги објави спомнатите соопштенија во L’ Osservatore Romano, та продолжи со праксата на унијатење. Таквата постапка сериозно ги испроблематизира околностите, така што православните цркви, на собор во Константинопол (11 – 12 декември 1990 г.), зазедоа став дека темата на унијатството (и тоа врз основа на заедничкото отфрлање на унијата во соопштенијата од Виена и Минхен), треба да биде единствената тема за дијалог, пред да се пристапи кон другите теми. Мешовитата комисија во Баламанд, Либан, 1993 г., суштински не ја промени атмосферата, та заради ова прашање дијалогот беше одложен на повеќе години! Истата тема се дискутираше и на собранијата во Балтимор 1998 г., и Белград 2000 година. Нештата добиваат подобра насока со папската енциклика Ut unum sit (1995), во која се отфрла унијатството и со текстот од Балтимор, според кој: „унијатската црква се наоѓа во состојба на аномалија“. Тоа е теолошкиот аспект!

Р. Македонија, барем на хартија, ги почитува верските слободи (член 19 од Уставот). Од правен аспект, секој има загарантирано и неприкосновено право, индивидуално да си одлучува на која вера ќе припаѓа, или, нема да припаѓа. Но, за да престанат потценувањата на слободата на другите и занесувањата со предлозите за колективното унијатење, беше неопходно да се предочи дека, очигледно, во светлината на постоечкиот дијалог меѓу православните и католиците, унијатството е прозрена и потрошена амбалажа, а непризнатата МПЦ останува внатрешно прашање на локалната православна црква.

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 29 Март 2018 год.