Епископ стобиски Давид: Дупката како референца!

2018 Апр 12Ако се појде кон Преспа преку стариот пат за Велес, што денес го нарекуваат и ни го наплаќаат како автопат, после исклучувањето кај Градско, брутализмот станува полесно видлив. На друмот се нанижани дупки и нерамнини, како зјапнати закани кон човекот, кој сака да се движи напред. Доколку, пак, патникот продолжи кон Гевгелија, или, уште полошо, ако оттаму се враќа, шансите да биде голтнат, двојно повеќе се зголемуваат. Тотални акциденти демнат буквално насекаде! Оставам ли празен простор, секој читател би можел да ја допише дупката, која живот чини! Но, реченово е доволно индикативно.

Веќе е јасно дека накусо предочениов патепис, станува метафора за уште едно постоечко патешествие во непознатото. Всушност, станува збор за дупката, во која, заради неспособноста на домашната политика, се случува заробувањето на државата, еве во континуитет, речиси триесет години. Една дупка се заменува со друга, уште посуптилно камуфлирана. Дупка е политичкиот провинцијализам. Дупка е и идентитетското разногласие. Хронографот би запишал дека овие нешта кај нас, денес, не се минато. Дупка е и кога на мојот пријател од Англија му се расипува возот со кој патува од Скопје за Солун (а, го предупредив дека железничката линија не е баш иста со онаа која поминува под Ламанш). Дупка е кога едно министерство изречно им наредува на своите вработени да ја пополнат салата, бидејќи МПЦ не може да собере луѓе за светиклиментовата академија. Некои, пак, на натемаго му ја знаат дупката. Дупка во ѕидот, дупка на облеката, дупки во очите. Живеат во дупка. Тоталитаризам на дупката. Дупковен спектакл! Се разбира, дупката секогаш има свое околу-околу место, но за мнозина тоа се наоѓа вон границите на оваа земја. Дупката голема, лепенката мала, вели поговорката.

Низ изминативе десетлетија, не е мал бројот на онеправданите, кои ценат дека државниот систем бил и уште е заморче во дупка. Се испитува прагот на издржливост кај луѓето! Овој социолошки експеримент, за своја основа како да ја има парадигмата на Мишел Сифр. Познато е дека Мишел Сифр има направено спелеолошки експеримент за начин на живеење, на кој му го дава следниов наслов: вон времето! Цели два месеци, Сифр живеел во пештера, т.е. во подземје, во дупка, на длабочина од околу 140 метри. При експериментот, со надворешниот свет бил поврзан единствено преку радио. Согласно на анализите на Пол Вирилио, очигледно е дека Сифр сакал да покаже дека, кога човекот ќе се најде во апсолутно затворен простор, без да знае кога е ден, а кога ноќ, кога нема светлина и топлина, тогаш тој целосно ги губи сите темпорални референци. Оттука, времето го доживува на начин, кој не е човечки. Станува збор за инфраметеоролошкото и инфрапсихолошкото време на дупката, која влијае на сите пори од животот. Дупката е место во кое обичниот човек е постојано уплашен. Ако извлечам парафраза од познатиот дијалог помеѓу Вирилио и Лотрингер, дупката е место на депортација, во неа да се умре во мизеријата на духот! Следствено, од аспект на политичката архитектура, независно дали ќе го реши проблемот со името, или, не, системов останува пословичната дупка на Европа.

Чаре?! Постои еден модерен збор, кој е потценет, изруган и неправедно притиснат од пиетистичко-религиозниот товар. Покајание! Превод е на грчката именка μετάνοια (метанија), која буквално ја пренесуваме со зборот „преумување“, т.е. да се остави стариот, неточен начин на умување и да се прифати новиот, поквалитетен. Етимологијата, пак, на словенскиот израз покајание, доаѓа од глаголот „каяти“. Иако има и други значења, Петар Скок смета дека во крајна инстанца, можно е да го изразува индоевропскиот корен *quei, кој го опфаќа семантичкото поле на „забележува“, „набљудува“, „пази“, со изведена психолошка семантика: „да се забележуваш себеси и другите“.

Дупката е знак на непреумувањето, кое во континуитет му се заканува на ова општество, та пука во сонцето, за и од него да направи црна дупка, а од доброто, роб што му служи на злото. На тој начин власта му ја врзува устата на знаењето. Оттука, Тенгиз Абуладзе во антологискиот грузиски филм „Покајание“, го поставува актуелното прашање: уште колку долго ќе се живее во лаги? Според него, за човештвото да преживее, неопходно е, тогаш кога согледува дека греши, секогаш одново да се стекнува со нов ум. Што ќе ни е општество, кое не води во преумување! Значи, за сѐ што се случува во животот на човекот, неопходно е, самата личност, конечно да ја земе одговорноста во свои раце. Само тогаш нема да подлегне на минливите паролџии, кои, од длабочината на дупката, извикуваат „живот за сите“ и слични лицемерни гесла. Дупките ќе постојат сѐ додека отсуствува покајанието. Иманентна одлика на човекот е да набљудува, и согледувајќи да го менува умот, давајќи му онтолошки поквалитетни рамништа. За дејствителна промена на домашната стварност, очигледно не е од полза некритичката податливост на ветвите пароли, туку прегрнувањето на покајанието како модерно и авангардно движење. Останува, значи, да видиме дали дупката ќе биде само привремена референца за нашето општество или ќе ни се претвори во трајно име!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 12 Април 2018 год.