Епископ стобиски Давид: Новинарски поглед низ скршен политички диоптер!

2018 Апр 19Во одредени академски кругови на Европа, особено оние на социјалната теологија со германски бекграунд, веќе циркулираат неколку докторати, кои критички се осврнуваат на сѐ што се случуваше во минативе петнаесетина години, во однос на државниот прогон врз верските слободи на дел од граѓаните на нашава, сѐ уште, делумно слободна држава. Заради историското паметење, некои поглавија со хируршка прецизност ја обработуваат улогата на домашните печатени медиуми при отфрлањето на познатата Нишка спогодба од 2002 година. Пред да стане збор за улогата на весниците во третирањето на теолошките теми, накратко да се потсетиме на Нишката спогодба (2002 г.), во компарација со молбата на МПЦ (2017 г.), Бугарската патријаршија да стане нејзина мајка.

Со Нишката спогодба беше предвидено МПЦ да стапи во единство со целиот православен свет како црква со најширока можна автономија, до моментот кога, во благоразумен период, за нејзиниот конечен статус ќе одлучи сеправославен собор. И малите деца веќе знаат дека ниту една црква не може поединечно да доделува автокефалија и дека постои консензус во однос на следниов факт – автокефалијата е прашање на сеправославна одлука! Моделот на автономија е таков што Пеќската патријаршија, едноставно, не се меша во внатрешните одлуки на црквата во Р. Македонија. Исто така, Белград ја почитува црковната, јазичната и националната посебност на македонскиот народ. Анализите, застапени во спомнатите докторати, покажуваат дека во периодот од 22 мај до 06 јуни 2002 г., само дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“ (без другите весници, или, телевизии), публикувале 22 статии, кои директно се однесуваат на Нишката спогодба. Дискурсот, кој е употребуван во написите е индикативен, и, изобилува со заканувачки и наредбодавен тон! Истовремено, испраќа порака дека се загрозени државноста и националните интереси! Помеѓу теолошки недоволно упатените имиња, кои најчесто пишувале во спомнатиот период, истакнати се: Бранко Ѓорѓевски, Верче Георгиевска, Сашко Димевски и други, а најкористените изрази се: „велепредавство, негирање на државата, кршење на заклетвата“! Зар тоа не е говор на омраза! За сето време, овие весници ја форсираат Комисијата за верски заедници и пренесуваат дека, всушност, Комисијата му наредила на синодот на МПЦ да не ја прифаќа Нишката спогодба. Вџашувачки е каков авторитет новинарите ѝ придаваат на Комисијата, како да не знаат дека таа, пред сѐ, е обично политичко „контакт“ тело на владата со сите верски заедници, во секуларна држава, каква што би требало да биде нашата, а не е! На пример, „Утрински весник“, на 06 јуни 2002 г., излегува со наслов: „Владиците потписници црковно да се казнат и да се покајат“. Фактот дека ѝ се наредува на МПЦ да ги казни потписниците на спогодбата, а тоа не се бара од истражните и правосудните органи, сведочи за неупатеноста на авторите, но и на државниот апарат, кои бивајќи некадарни за цивилизиран дијалог, во весникот папагализираат: „владиците, со потписот направија дрзок велепредавнички чин“! Ќе видиме дали ќе се постават исто така, кога во блиска иднина политичарите ќе потпишуваат спогодби со друго име на државата! Значи, кулминацијата на кампањата резултира со заклучокот на Комисијата дека потписниците направиле велепредавство и со нејзината наредба за повлекување од спогодбата! За жал, тоа придонесе помеѓу православните цркви да се развие впечатокот дека МПЦ е марионетска организација, слепо послушна на своите политички комесари. Тогаш, и сега!

Во 2004 г., како претставник на ПОА, бев поканет да учествувам на симпосионот „Црквата и медиумите“, во Софија, во организација на БПЦ. Во таа прилика го изложив мојот осврт: „Медиумите и нивната (не)одговорност во Р. Македонија“. Симпосионот креираше амбиент дека е невозможно црквата да се поведува според дневнополитичките цели! Спротивно на реченово, МПЦ се поведе според државниот договор помеѓу Р. Македонија и Р. Бугарија, и бара признавање од само една црква, во случајов БПЦ, иако самите епископи на МПЦ, пред шеснаесет години, бранејќи ја Нишката спогодба, изречно нагласуваа дека: „не е возможно автокефалијата да им биде признаена од една црква, туку само со согласност на сите автокефални цркви“ (види: „Утрински весник“, 29 мај 2002 г.).

Овојпат, барањето на МПЦ до БПЦ, да ѝ биде мајка, речиси се премолчи, иако ја засега црковната и националната посебност во Р. Македонија. Власта повторно и грубо се меша во црквата, а државниот прогон врз верските слободи сѐ уште трае. Покрај чесните исклучоци, повеќето новинари, кои пишуваат за црквата, заради нивната неупатеност, направија огромна штета, воопшто, а посебно на МПЦ! Нивното непознавање на теологијата, на канонското право, нивниот политикантски нагон, ќе бидат тема на новите, доаѓачки докторати. Ако го парафразирам Андриќ, јасно е дека долготрајното ропство на некои црковни журналисти, може да доведе и до извитоперување на личноста. Таквата личност, повеќе не ја разликува сопствената полза од очигледната штета. За промена, пристапот би добил на квалитет ако се има отвореност и им се даде шанса на дебатите. Оној, кој не сака да води дијалог, наликува на борач, кој одбива да влезе во рингот!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 19 Април 2018 год.