Епископ стобиски Давид: Книгата или трејлерот, прашање е сега?

2018 Апр 26Го предупредил ли некој премиерот дека се изложува себе си на опасност! Имено, Конфуциј вели: „да мислиш, без да читаш, е опасно. Да читаш, без да мислиш, е бесполезно“! Денес постојат мислечки луѓе, кои, не обопштувајќи, ценат дека живееме во предвидлив свет, свет без изненадувања. Лесно е предвидливо – сѐ помалку ќе се чита! Годинешнава збирка „Млади поети“ на Агенцијата за млади и спорт, покрај дневнополитичкиот размер, предупреди и на сеопшта опасност, со алармот во вид на совет од висока државна позиција, кој гласи – не е неопходно да се чита! Во една прилика, премиерот, тогаш како градоначалник, дури демонстративно ми ја врати книгата, која како божикен подарок, му ја бев испратил во општината! Воопшто не носам суд за неговиот морален лик! Само, поборник сум на читањето. Во напредните средини, подарена книга не се враќа! Но, кај нас, луѓето, кои не читаат, настапуваат со убеденост дека се за сѐ во право. Токму таа убеденост ги затвора за изненадувањето и од него произлегувачкиот восхит.

Заради непријателскиот однос кон сеопфатноста на читањето, мнозина денес како да размислуваат во трејлери. Не зборувам со убеденост, оставам простор за изненадување, но епизодното размислување се согледува во распространетиот дискурс, чија главна одлика е отсуството на логичко следство и замена на разумот со кратки, квази порции на емоција. На мноштво разумни луѓе веќе им е јасно дека и оваа власт, спротивно на уставниот принцип на секуларизам, емотивно и неуко се вмеша во црковните сфери. Еве илустрација во однос на темава за сеопфатното читање: власта, можеби, мисли во трејлери, но оние, кои целосно ја прочитале актуелната препорака на Европската комисија, виделе дека токму „власта ја прекршува слободата на здружување и слободата на мислата, на совеста и верата, со одбивањето да ја регистрира Православната Охридска Архиепископија“ (стр. 28). Кој не ги исчитува грешките на претходните, се сопнува на истите! Се чини, власта го нема прочитано ниту ставот на Гилберт Честертон, дека: „еретик е човекот, кој ја сака својата вистина повеќе од самата вистина“. Поточно, тој повеќе ја сака полувистината за еднократна употреба, отколку целата вистина, која ја познава човештвото. Кога сме веќе кај Честертон и неговиот познат есеј за читањето, заслужува внимание ставот дека читањето е полезно бидејќи спречува да бидеме „вистински современи луѓе“. Да се биде „вистински современ“, тоа значи човекот да се осуди себе си на последната предрасуда. Патиштата низ вековите се посеани со мршите на „вистински современите луѓе“, а класичната литература и читањето нѐ потсетуваат на непомодарските вистини, кои ги ворамнотежуваат новите погледи, со кои моментално сме преокупирани. Оттука, светиот Ефрем Сирин е недвосмислен: „книгите нека ти бидат трпеза и тие ќе те исполнат со сладост. Книгите нека ти бидат постела и ќе спиеш со мирен сон“.

Затвореноста во трејлерското размислување не ја поттикнува и не ја негува критичката гносеологија кај човекот. Од друга страна, читањето претставува обид да се излезе од затвореноста во себе си и да се влезе во друг простор. Затоа, согласно на умните луѓе на современоста, читањето претставува ризик, ризично опасен настан. Не помнам точно каде, но се сеќавам дека бев сретнал отприлика ваков опис на ризикот, во кој се впушта читателот: да се осмелиш да читаш, подразбира да најдеш сила да се соочиш со непознатото. Читајќи, доаѓаме до претпоставки. Со нејзиниот тек, содржината, еднаш ни ги потврдува, другпат ни ги руши претпоставките. Ништо не е совршено сигурно. Во читањето секогаш постои ризик, кој треба да се прифати. Следствено, не може да чита оној, кој е самобендисано убеден дека е во право, оној кој е апсолутно заробен во својот трејлер. Очигледно, во прашање се доведува и слободата на човекот. Не ретко, „слободните“ државни институции и „демократските слободи“, искористувајќи го човекот, му ги стеснуваат границите на слободата. Уште Херберт Маркузе истакнува дека индустриското општество е стигнато до стадиум во кој не може да се определи – што е слободно општество! На пример, под духовна слобода, Маркузе подразбира востановување на лично мислење, кое денес, честопати е удавено во мислењето на партијата, жртва е на погрешното образование и исчезнато е заради сѐ поголемото отсуство на книги од животот на човекот. Понекогаш и јавното мнение функционира како диктаторот кон човековата слобода (пример за тоа е и домашното мнение, кое анахроните структури го образуваат за Православната Охридска Архиепископија, а кое е спротивно на европското).

Неспорен е ставот дека, капка по капка, читањето придонесува за зреењето на човекот. Читањето отвора изненадувања! Оттаму се раѓа свет, кој може да одведе, од едноличноста и површноста на постоењето, во она што некои теолози го нарекуваат: „димензионална онтологија“. На мојов киндл уред, ги гледам испишани стиховите на грчкиот поет Никос Карузос, кој воскликнува: „не ме читајте кога сте во право“! Бидејќи не држам убеденост, ќе продолжам да читам. Но, секој што е зацементиран за своето, нека не ги чита овие редови. Кога е убеден во своето, зошто би се среќавал со инаквото!

– – –

објавено во дневниот весник „Слободен печат“, 26 Април 2018 год.