Епископ стобиски Давид: Средба во Вистината!

delikari.jpgВаша Еминенцијо господине министер, почитувани професори, возљубен претставнику на Митрополитот солунски, возљубени отци, дами и господа,

ми претставува особена чест што можам да учествувам во промовирањето на оваа значајна книга, со наслов „Охридската Архиепископија во средниот век“ на почитуваната професорка (од Одделот за историја и археологија при Аристотеловиот универзитет во Солун), и автор на книгата, г-ѓа Ангелики Деликари.

Веќе на самиот почеток нагласувам: значајна книга! Следствено, за секој слушател станува логично прашањето: во што се состои нејзината значајност? Во оваа прилика би издвоил само неколку точки:

– содржината на книгата претставува навистина возбудливо четиво, и сметам оти тоа се должи на фактот што во ова дело целосно отсуствува схоластичкиот пристап, којшто се чини дека е главна одлика на неплодниот интелектуализам, кој произлегува од големиот проблем на современото општество, а тоа бездруго е индивидуализмот. Ми се чини дека еден од критериумите што секој читател би требало да си го постави кога му пристапува на едно вакво дело и кога вреднува едно вакво научно дело е токму оној критериум, којшто го нагласуваат мнозина умни луѓе, а тоа е следново: интелектуалното познание не е отсечено од неговата практична димензија, ниту праксата е отсечена од теоријата. Теоријата и праксата за нас се наоѓаат во едно литургиско единство. Оттука, авторот на оваа книга развива една карактеристична гносеологија, која очигледно произлегува од начинот на живот, т.е. од споменатото единство на теоријата и праксата. Научникот, се чини и дека е должен да појде во истражување првенствено од сопствениот начин на живот како и од спомениците на една конкретна реалност. Затоа, ја предочуваме импресивната библиографија на конкретната реалност, којашто авторот ја користи и со којашто во оваа книга влегува во творечка расправа. На пр., г-ѓа Деликари го цитира изворот и вели: истражувачите кои гледаат на Архиепископијата како на „орган за елинизирање на словенскиот елемент“ забораваат на фактот дека станува збор за византиска Архиепископија и дека нејзините припадници никогаш не биле исклучиво чисто словенско население (стр. 69, 70), како што впрочем е и денес.

Постои една изрека: колку јазици знаеш, толку луѓе вредиш! Покрај останатите јазици, авторот на книгата се користи и со одличното познавање на повеќе словенски јазици. Тоа овозможува задлабочен увид во словенските извори и еден критички пристап, за кој рековме дека влегува во развивање на дијалог со тие извори. На некои од нив г-ѓа Деликари им ја потврдува точноста, но на други со јасни научни аргументи им го посочува погрешниот, тесен етнофилетистички идеолошки пристап, и покрај тоа што во нашата Црква, едноставно нема простор за етнофилетизам. Со таквиот професионален научен пристап на авторот, оваа книга претставува една сериозна и неодминлива основа за сите, кои понатаму сериозно ќе се занимаваат со Охридската Архиепископија. Во предговорот на книгата веќе е посочено дека постојат некои текстови на оваа тема, но дека повеќето од нив воопшто немаат увид во истражувањата објавени на словенските јазици. Затоа, книгата на г-ѓа Деликари има еден поинаков научен пристап со кој, како што во предговорот на книгата предочува почитуваниот професор Тахиаос, се покрива една научна празнина, којашто досега постоеше во однос на периодот, којшто е опфатен со книгата.

– Почитувани, и самиот доаѓам од денешната автономна Охридска Архиепископија, којашто е во литургиско и канонско единство со сите помесни православни цркви и затоа со посебен интерес ги читав и ги препрочитувам овие многуцени редови. Искрено се надевам дека оваа книга, заради своето научно ниво, многу скоро ќе го доживее својот превод на повеќе словенски, па и на другите јазици. Затоа, би сакал да се осврнам на оние битни моменти од книгата, кои зборуваат за карактерот на Охридската Архиепископија, а кои ми оставија особено силен впечаток, токму заради паралелата којашто од книгата може да се повлече во однос на современата состојба на прогон, којшто се спроведува врз денешната автономна Охридска Архиепископија.

На повеќе места во книгата, кога се зборува за Архиепископијата, се посочува дека научниот интерес, во случајов за периодот на средниот век, но не само и на средниот век, произлегува од моментот дека станува збор за една Архиепископија, којашто собира припадници од различни етнички происходи и како што посочува авторот, г-ѓа Деликари, станува збор за една Архиепископија којашто дејствува како: „основна составна алка во црковното и политичкото предание и живот на православните балкански држави кои беа поврзани со неа“ (стр. 8). Од историјата на Архиепископијата познато е дека најголемиот дел од нејзините Архиепископи биле Елини, какви што се славните Охридски Архиепископи: Лав, Теофилакт, Јован IVКомнин, Димитриј Хоматијан, Константин II Кавасила, Порфириј Палеолог и други. Бездруго факт е дека помеѓу Архиепископите имало и Словени, за каков што, помеѓу останатите, се смета првиот охридски Архиепископ Јован. Историски, научен факт е дека до укинувањето на Архиепископијата службен јазик секогаш бил грчкиот, а повремено во паралелна употреба бил и словенскиот. Од сето ова кристално јасно произлегува непобитниот факт дека Архиепископијата охридска немала проблем со етнофилетизмот, никогаш не боледувала од национализам. Космополитизмот на Византија и денес е пример за многу напредни општества, од него црпеле и Словените низ вековите сопостоење со нивните едноверни браќа и кумови Елините, на коишто Словените многу им должат за тоа што денес се.

Секако, постојат различни гледишта за јурисдикцијата на Охридската Архиепископија на коишто г-ѓа Деликари се осврнува во истоименото поглавје, но би сакал и да нагласам дека иако се разбира постоеле обиди за промена на јурисдикцијата, сепак во помала или поголема мера таа била почитувана без разлика која држава се наоѓала на просторите кои биле под црковна јурисдикција на Архиепископијата. Во периодот опфатен во книгата Охридската Архиепископија не била укината, а православната еклисиологија учи дека границите на Црквата не се поистоветуваат со политичките граници.

Верувам дека на повеќето од вас ви е позната состојбата со денешната автономна Охридска Архиепископија. Денешниот Архиепископ охридски Јован VIсе наоѓа во затвор, по осми пат во последниве дванаесет години. Овој нечовечки државен прогон на Архиепископијата, во напредните демократии на современа Европа никого не остава рамнодушен. Сосема накратко за епархиите на денешната автономна Охридска Архиепископија: после Првата светска војна, Константинополската Патријаршија ги отстапува тие епархии на Пеќската Патријаршија. После Втората светска војна под политички притисок на тогашната Комунистичка партија тие епархии беа отцепени од канонската Пеќска Патријаршија и така беше самопрогласена расколничката т.н. „Македонска православна црква“, која никогаш немала литургиско и канонско единство, ниту со Константинополската Патријаршија, ниту со останатите православни цркви. Во 2002 год., сегашниот Архиепископ охридски Јован стапува во литургиско и канонско единство со Пеќската Патријаршија, формиран е Синод на Црквата и во 2005 год., Патријаршијата издава Томос за автономија на Охридската Архиепископија. Значи, само заради припадноста на Соборната Црква, во овој момент, во 21-от век, Охридската Архиепископија бива гонета од страна на расколниците и државните власти, сосема спротивно на современите европски стандарди за почитување на слободниот избор на човекот, спротивно на почитувањето на основните човекови права и верски слободи. Битно е да се каже дека некои географски области понекогаш се наоѓале во различни црковни јурисдикции, но во суштина тие секогаш биле истата Една, Света, Соборна и Апостолска Црква. Денешниот Архиепископ охридски Јован, Епископите, свештенството и монаштвото на автономната Охридска Архиепископија се трудат верно да го исповедаат духот на единството и соборноста на Црквата, да ја сведочат ширината на оваа, како што посочивме дека г-ѓа Деликари ја нарекува: „византиска архиепископија“. Ние, по ниту една цена и притисок од овој свет, не можеме да отстапиме од канонското црковно Предание што е запишано во оваа книга и во тоа се состои нашата врска со оваа книга. Црквата е откровение на есхатонот велат отците, таа е заедница на сите битија во Христа. Црквата е единствената вистина за постоењето на светот поистоветена со Воскреснатиот Христос. Затоа, како што посочив погоре, оваа книга за мене не е стерилен интелектуализам. Оваа книга не му припаѓа само на минатото, таа го истражува минатото, но ѝ припаѓа и на иднината. Таа го актуелизира не протолошкиот пристап кон животот, туку есхатолошкиот. Оваа книга не ни покажува само какви сме биле, туку и какви треба да бидеме во иднина.

– Значи, за крај! Оваа книга ни покажува дека Црквата не е, и не треба да биде антинационална, но е, и треба да биде наднационална. Оваа книга ни покажува дека Црквата не се ставала и не може да се стави во служба на една идеологија, бидејќи таа ги надминува времето и историјата.

Дозволете ми да ве потсетам на нешто што сигурно ви е добро познато од Преданието на Црквата. Великиот Макариј во пустината наишол на череп. Кога го прашал: „кој си ти?“, черепот одговорил: „јас сум череп на идолопоклонички жрец, а ти си великиот Макариј, кога ти ќе се помолиш за нас во пеколот, ние добиваме утеха.“ „Во што се состои вашата утеха?“, прашал авва Макариј. Черепот одговорил: „пеколот е во тоа што ние сме постојано свртени со грб еден на друг, а утехата е во тоа еден на друг да си ги видиме лицата. Кога ти се молиш за нас, тогаш ние можеме барем малку да го видиме лицето на другиот. Ете, тоа е утехата.“

Следствено, рај е да се среќаваме со другите личности. Не велам дека досега не сме се среќавале. Но сакам да проговорам не за изолираните средби, туку за среќавања во Вистината. Пеколот значи несреќавање на лицето на другиот. После оваа книга, од научен, од црковен, од човечки аспект, ние можеме да си ги покажеме лицата еден на друг. Наспроти индивидуализмот, најважното нешто за Христијаните е да се среќаваат, да бидат заедница, Црква. Оваа книга ни нуди научни познавања за Охридската Архиепископија. Уште од Византија се учиме дека знаењето е учество во Вистината. Очигледно, оваа книга изградува мостови помеѓу луѓето и народите. Оваа книга прави да се среќаваме и запознаваме врз основа на Вистината (со големо В), и врз основа на луѓето на Вистината, каков што човек на Вистината е и авторот на оваа книга, г-ѓата Ангелики Деликари.

Благодарам на вниманието!

19 Ноември 2014, Солун

 

превод од грчки јазик: Игуманија Кирана