Архимандрит Захариј (Захару): Љубовта кон непријателите како критериум на вистината

тајната вечераКако што ќе беше невозможно за човекот да ја измисли верата во Света Троица, доколку не беше откриена од самиот Бог, така и љубовта кон непријателите ќе беше незамислива, доколку на светот не му ја објавеше Христос со Неговата смрт на крстот. Христос, на начин безусловен, конечен и вечен, се молеше и го даде Неговиот живот за Неговите непријатели.[1]Тоа што Господ го направи еднаш засекогаш со силата на Духот Негов, тоа останува совршениот пат, којшто го соединува човекот со Бога.

Учењето и заповедта за љубов кон непријателите, не само што го претставуваат како повозвишен духот на Новиот Завет од оној на Стариот Завет,[2]но, исто така, ја покажуваат единственоста на објавената вистина на Бога, Кој стана човек. Крстната смрт Христова е судбината на љубовта Божја кон Неговите непријатели. Таа љубов, од самиот почеток, ги поставува границите, кои го одделуваат вистинското и вечното од човечките нешта и заблудата.[3]Оваа љубов за непријателите се содржи во заповедта за љубов кон ближните и претставува нејзин највозвишен израз.

Во делата, и на светиот Силуан, и на старецот Софрониј, богатото учење за љубовта кон непријателите се изразува како еден сеопфатен антрополошки систем, кој ја покрива целата лествица на духовните состојби на човекот. Со неговиот однос кон непријателите, аналогно се проценуваат и одредуваат сите состојби на човекот, од најниските според природата, до највозвишените и најсветите. Сеопфатноста и вредноста на учењето на светиот Силуан во однос на темата за љубовта кон непријателите, прават тој да има истакнато и предводничко место помеѓу Отците на Црквата.[4]

Во учењето на светиот Силуан, како што ни е оприсутнето од старецот Софрониј, не постои поделба помеѓу непријатели и пријатели. Светителот ги разликувал луѓето на: „оние, кои го познаваат и оние, кои не го познаваат Бога“.[5]Поимот „непријатели“ првенствено произлегува од паднатата состојба човекова, а не од Бога, Кој ја излева полнотата на Неговата љубов кон сите луѓе! Оној, пак, којшто се води според поделбата на луѓето на пријатели и непријатели, значи дека, всушност, отфрла дел од телото на човештвото и не претставува севселенско, сеопфатно битие. Не ја живее љубовта, и, следствено, ја промашува полнотата на единството на постоењето.

Бог е љубов! Оној, којшто ги нема љубовта Божја и братската љубов, пребива во непознание на Бога и постоењето не му е целосно.[6]Живее без да ја има откриено благодатта на Светиот Дух и надвор од светлината на животот. Отпаѓањето од љубовта Божја го опустошува човекот, та го прави роб на стравот од смртта и роб на најниските потреби на природата. Го прави горд и немилосрден, неспособен, некадарен да има заедница со Бога и со ближниот. Отсуството на љубовта ја отвора портата на омразата, а тоа го заробува човекот во затворот на страстите, и во теснотијата на егоцентризмот. Меѓутоа, таквата состојба претставува прекор и бесчестие за создателот Бог, Кој го створи човекот според Неговите образ и подобие, и го украси со сите Негови дарови.

Заповедите Божји кон човекот немаат за цел, не стремат кон ништо друго, туку само кон неговото, кон човековото исцеление. И Христос, како што нагласува преподобниот Исаак Сирин, „изискува не само делање на заповедите, туку и исправање на душата преку истите заповеди, кои ги востанови“.[7]Затоа и Апостолот Павел истакнува дека законот не постои за праведните, туку за беззакониците.[8]

Господ, како единствен и нелажен пат за познанието на Неговата Личност, го покажа токму спроведувањето, отелотворувањето на Неговото учење во нашите животи.[9]Согласно на Неговото Евангелие, автентичното познание на Бога и заедницата со Него, се постигнуваат со запазување на заповедите и на Неговото слово.[10]Полнотата на богопознанието бива постигната со исполнување на двете возвишени заповеди за љубовта. Заповедта за љубов кон непријателите претставува врв на двете заповеди. Запазувањето на оваа заповед е љубов кон Бога, како сообразување на оној Дух, кој ги испружи рацете горе на крстот за да ги привлече сите луѓе. Исто така, тоа претставува совршена љубов и кон ближниот, бидејќи ги опфаќа сите луѓе, без исклучок. Затоа, исполнувањето на оваа заповед води кон врвот на богопознанието.

Познанието, според библиското и отечкото поимање, значи заедничарење во постоењето! Богопознанието е соединување на Бога и човекот, кое го совршува Светиот Дух. Љубовта кон непријателите како врв на богопознанието, е врв и на заедничарењето со Бога, и, се остварува со присуството на Светиот Дух. На овој начин, љубовта кон непријателите го обликува непогрешниот критериум за присуството на Светиот Дух и на вистинското богозаедничарење на две рамништа: а) на лично рамниште и б) на еклисиолошко и догматско рамниште.

На лично рамниште, љубовта кон непријателите сведочи дека совршената љубов стана содржина на создадената ипостас на човекот. Оваа љубов, која е целосна и ги прегрнува сите луѓе, се протега како милосрдност и „кон секое создание лишено од Божјата светлина“.[11]Носителот на таа совршена љубов „ги жали и демоните, бидејќи отпаднаа од Бога“.[12]Така, човекот ја има можноста да го испитува својот живот и да се увери до каде е стигнат на патот Божји во Христа, кој води во целосно познание на сето создадено постоење. Ова познание, по правило соодветствува на личноста, која се обликува според подобие на Христовата ипостас и учествува во неговата сеопфатност.

Во православното предание како критериум за вистината се смета Црквата. Таа е „столб и тврдина на вистината“.[13]Ова признавање на Црквата како критериум за вистината не се потпира на надворешни причини, туку на онтолошкото единство, коешто постои помеѓу Црквата и Христа, Кој е нејзина глава! И, иако на теолошко рамниште оваа вистина сама по себе се докажува, во историскиот тек на животот на Црквата постојат и многу лажни цркви, кои се самонарекуваат цркви, та, едни од нив си земаат право да тврдат дека ја имаат полнотата и соборноста, а други поддржуваат дека вистината им се наоѓа на располагање на сите.

Со право, значи, се поставува прашањето: Постои некој критериум, кој ја потврдува соборноста? И, ако постои, тогаш, кој е тој? Во контекст на реченото, според светиот Силуан, единствениот сигурен критериум е љубовта кон непријателите. Со овој критериум можеме да го разграничиме учењето на вистинската Црква „од сите туѓинци и незаконити, коишто се уфрлуваат во неа“.[14]

Догмите на Црквата не претставуваат апстрактни идеи, туку органски и нераскинливо се поврзани со нејзиното постоење и нејзиниот живот. Црквата како Дом на живиот Бог првенствено се зафаќа со прашањето на животот. Нејзината цел не е некоја апстрактна онтологија, туку самото спасение и вечниот живот на човекот, кој се остварува преку запазувањето на заповедите Христови, кои, пак, се сведуваат на љубовта кон Бога и кон ближниот.

Вистинската Црква неизменето го чува и го живее учењето Христово. Тоа значи дека било кое менување или фалсификување на предаденото учење, претставува елемент, кој го потврдува оттуѓувањето од Телото Христово. Но, од друга страна, вистинската Црква останува отворена кон сите луѓе, кои исповедаат дека веруваат во неа, независно од нивниот духовен напредок. Сепак, на овој начин во праксата се оприсутнува едно мешање на вистината на Црквата со невистината на нејзините членови, што го продлабочува проблемот на разликувањето на вистинската Црква од лажните цркви.

Следствено, вистинската Црква е таа која ја чува жива љубовта кон непријателите. Постоењето на оваа љубов во животот на Црквата, ја чува жива и заедницата со Бога на љубовта. Чувањето, запазувањето на овој дух се сведочи и со присуството на личностите на Црквата, кои го отелотворуваат тој дух во својот живот.[15]Значи, токму ова, на историско рамниште, ја потврдува вистината на Црквата. Присуството и заедничарењето на личностите во прегратките на соборната евхаристиска заедница, ја потврдува можноста за остварување на ова личносно начело.

– – –

текстот е објавен во периодика „Соборност“, број 49 – 51, 2017 год.

Превод од грчки јазик:

Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид

Од: Αρχιμανδρίτου Ζαχαρία (Ζάχαρου)

ΑΝΑΦΟΡΑ ΣΤΗ ΘΕΟΛΟΓΙΑ ΤΟΥ ΓΕΡΟΝΤΟΣ ΣΩΦΡΟΝΙΟΥ

Ιερά Σταυροπηγιακή Μονή Τιμίου Προδρόμου

Έσσεξ, Αγγλίας, 2000

– – –

[1]види: Лука 23. 34 и Рим. 5. 10.

[2]види: Матеј. 5. 43 – 44.

[3]види: 1Кор. 1. 18 – 31.

[4]види поаналитички во трудот на францускиот патролог Jean-Claude Larchet, “L’ amour des ennemis selon Saint Silouane l’ Athonite et dans la tradition patristique”,Buisson Ardent-Cahiers Saint Silouane l’ Athonite 2, стр. 66 – 95.

[5]„Свети Силуан Атонски“, стр. 154 (грчкиот превод)

[6]исто, стр. 155

[7]„Слово 37“, стр. 160 (Издание: Ι. Σπετσιέρη)

[8]види: 1Тим. 1. 9.

[9]види: Јован7. 17.

[10]види: Јован14. 21 – 23.

[11]види: Архимандрит Софрониј, „Да го созерцуваме Бога каков што Е“, стр. 72 (грчкиот превод)

[12]види: Архимандрит Софрониј, „Свети Силуан Атонски“, стр. 582 и 475 (грчкиот превод)

[13]1Тим. 3. 15.; и, Архимандрит Софрониј, „Свети Силуан Атонски“, стр. 304 (грчкиот превод)

[14]исто, стр. 305

[15]Возвишен пример на една таква личност претставува и случајот со светиот Силуан. Овојсветител, продолжително и на пророчки начин учеше дека љубовта кон непријателите, не само дека е најточниот критериум за вистинското присуство на СветиотДух, туку и највозвишеното постигнување на христијанскиот дух. Во неговиот живот го посакуваше и напредуваше само во едниот дар на Духот Свети: „во (според Христа) смирението и љубовта кон непријателите. На тоа се основа сѐ“; види: Архимандрит Софрониј, „Свети Силуан Атонски“, стр. 302 (грчкиот превод)