Епископ стобиски Давид (Нинов): Љубовта ја победува смртта. Славко Нинов (1945 – 2019)

(обраќање на Епископот стобиски Давид (Нинов), на опелото на неговиот родител, актерот Славко Нинов[i], на 26 Јануари 2019 г., Скопје)

Возљубени од семејството, почитувани пријатели,

за Славко Нинов можам да зборувам многу, долго и единствено со радост; но, говорот или пишувањето за него ќе ги продолжам понатаму, низ иднината, а, денес, ќе го испратам со неколку едноставни, простосрдечни реченици.

Времето е минлива категорија! Со неговата смрт, Славко Нинов, со, за него карактеристичната и секогаш препознатлива дикција, сега го зборува следново, и вели: патуваме заедно низ прекрасните пространства на времето; се отвора врата, и, ако времето сака да помине, јас му велам: повели помини!

Дејствително, Славко Нинов го пушти времето да помине и сега ја живее вечноста!

Оттука, согласно на зборовите и на Хајдегер, историјата на Славковата личност веќе не значи исклучително само минато, туку е едно дејствие, кое проаѓа низ сегашноста, та некому ќе му ја определува и иднината.

Смртта во случајов нема сила, бидејќи сега и овде, очигледно нас не нѐ собра смртта. Смртта нема моќ да собира. Тука нѐ собра љубовта кон Славко, и, денес гледаме како љубовта ја победува смртта. Љубовта секогаш ја победува смртта!

Лично сум му благодарен за тоа што денес сум, бидејќи од најраното детство ми рушеше различни митови, на пример, ми го рушеше митот за карикатуралното православие од нашето опкружување, учејќи ме секогаш мене, но и, воопшто, нас неговите деца, на самобитната слобода, на автентичната уметност на живеењето.

Примерите и анегдотите од нашиот однос, од растењето покрај него, и тоа во цветот на неговата креативност – навистина се безброј; штом помислам на некои од нив, веднаш ме обзема неискажлива радост, неминлива убавина!

Токму затоа, за негов епитаф би ги изговорил зборовите, коишто Тукидид ги кажа за славниот Перикле: Ἀνδρῶν γὰρ ἐπιφανῶν πᾶσα γῆ τάφος, односно, описно пренесено од древниот и полнозначен елински јазик: на славните луѓе секоја земја им е татковина, поточно, славните мажи, секоја земја ги посакува, ги смета, и, конечно ги прима за свои.

Стара е вистината: човекот не стравува толку од смртта, колку што стравува од животот без смисла, еднаков на небитие. Оттука, сосем е јасно дека: смртта и не е најлошото нешто што може да му се случи на човекот. Бесмислата, пак, е! Зар, воопшто, има потреба да нагласувам дека животот на Славко Нинов беше и секогаш останува преполн со смисла!

Го завршувам овој збиен исказ, овој поздрав, со следниве реченици. Можеби малкумина знаат, но неговата покојна мајка, нашата баба, во староста стана православна монахиња, монахиња Теодосија! Таа нека го пречека сега својот син во нејзината радост, оваа смрт нека биде смрт во воскресението, за совоскреснување со Воскреснатиот Христос, овоплотениот Логос Божји, втората ипостас на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух!

Христос Воскресна и на Славко нека му дарува Царство Небесно, таа, и нему толку љубена прекрасна поетска метафора за проникнувачката, неотстапувачка и постојано напредувачка заедница со Апсолутната Љубов, со Распнатата и Саможртвена Љубов!

(снимил и префрлил на хартија: Филип Нинов)


[i]Од соопштението на МНТ (25.01.2019):

Славко Нинов, сиот свој работен век од 1965 г,. до пензионирањето, го помина во Македонскиот народен театар, а во периодот од 1988 г., до 1993 г,. ја извршуваше функцијата директор на Драмата при МНТ.

Покрај улогите во 50-тина претстави на репертоарот на МНТ, Славко Нинов ќе остане запаметен по извонредните интерпретации на стихови од македонските поети Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Кочо Рацин, Блаже Конески, како и на делото „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков. Неговиот глас ја пренесуваше возбудата од стиховите на бројни странски поети, кои учествуваа на Струшките вечери на поезијата, а често беше присутен и на промоциите на делата од македонските автори. Тој беше и еден од основоположниците на културната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Првите улоги на сцената на Македонски народен театар, Славко Нинов ги остварува во 1965 г,. во претставите: „Дон Цезар од Базан“, „Македонска крвава свадба“, а потоа настапува и во: „Ревизор“ (1966), „Случајот во Виши“, „Време од вашиот живот“, „Антигона“, „Сенка“ (1967). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите: „Мајка“ (1968), „Печалбари“, „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Венецијанскиот трговец“ (1970), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Животот на Галилеј“ (1972), „Ѕидот водата“, „Деца на сонцето“ (1973), „Потоп“ (1974), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Отепвачка“ (1976), „Студенти“ (1977), „Суд“ (1978), „Кенгурски скок“, „Лов на диви пајки“ (1979), „Автобиографија“, „Реферат“, „Беседа“, „Круг“, „Кандид“ (1980), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Макавејските празници“ (1983), „Големиот брилијантен валцер“ (1986).

Покрај актерските улоги, Нинов направил адаптација на претставата „Македонски монолог“ (1979), а ги преведувал текстовите за претставите „Зора на истокот“ (1991) и „Мартолозот“ (1992).

Учествувал во снимањето на филмовите „Ветар во кутиче кибрит“ (1970) и „Вител“ (1972). Учествувал и во снимањето на познатата телевизиска серија „Волшебното самарче“ (1975). До крајот на својот живот остана посветен на правилната и вознесена интерпретација на стиховите од македонските поети.

Посмртните останки на Славко Нинов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 26 Јануари, во 12 часот, а погребот ќе биде во 13 часот.

Македонскиот народен театар сочувствува со болката и ја почитува желбата на семејството последното патување на актерот да не се одбележи со комеморација, што впрочем беше желба на секогаш скромниот Славко Нинов.