Бранко Ставрев: Феноменот Славко Нинов како потврда дека вистинскиот актер мора да има лице

Мојот колега и пријател Славко Нинов беше главен лик во речиси сите мои претстави, остварени во Македонскиот народен театар.

Блесна како Лем Костадиновски во „Sидот, водата“, на Живко Чинго; одушеви како Ангеле во „Отепвачка“, на Ристо Крле; брилираше како Поетот во „Студенти“ и „Потоп“ на Бранко Пендовски; се вивна до актерскиот врв во „Големиот брилијантен валцер“, на Драго Јанчар; се потврдуваше низ „Играта на наредникот Мазгрејв“, од Џон Арден; „Животот на Галилеј“, од Бертолд Брехт; „Зајдисонце“, од Исак Бабељ; „Макавејските празници“, од Живко Чинго; „Мартолозот“, од Григор Прличев… набројувам само некои од нив.

Славко Нинов лично, или во придружба на Владимир Светиев, Снежана Конеска и Томе Витанов, со невиден ентузијазам и радост ја презедоа светата должност да му ја вратат Поезијата на животот, која забревтаниот прагматизам му ја одзеде, на недоличен, суров и жесток начин.

Така се роди претставата „Кандила и Родан“, со која беше промовирана Малата сцена на Драмата на Македонскиот народен театар. Репертоарот на таа Поетска сцена ќе бидат стиховите на генијалниот Григор Прличев, Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов…

Ганевиот „Македонски монолог“, Мисирковите „За македонцките работи“, Прличевите „Беседи“, Цепенковиот „Пафтен појас“, Блажевата „Везилка“, Антевата „Света песна“, ќе станат базичниот уметнички интерес на Славко Нинов. Со нив ќе ја крстосува Македонија, како своевиден самопатувачки театар. Тие ќе создаваат публика, која нетрпеливо ги очекува идните средби со актерот-поет.

На Струшките вечери на поезијата, на Охридското лето, на Чингоските велгошки августи… на сите свети места на напатената република на која ѝ било пишано вечно да биде во пламен.

Сѐ има свое време, вели Еклисијастот, време кога се плаче и време кога се смее, време кога се тагува и време кога се игра (Книга Проповедник/Еклисијаст 3. 4)! И, има време кога личностите од рангот на Славко Нинов посакуваат да се одвојат од тимот, и сами да ги откриваат вселенските значења на поезијата, за да го стават на паланза индивидуалниот дострел на својата уметност.

Мислам дека не постои поет, кој Славко Нинов не го направи чуен!

Со песните се однесуваше на еден само нему својствен начин!

Ги подредуваше целосно на себе си, преземајќи ја на себе одговорноста да одговори наместо авторот на прашањето: што сакале да кажат, тие кревки парчиња од соништата?

Поседуваше ретка дарба да не ги чита стиховите, туку да ги „фотографира“, да ги има во паметта своја, за да може да ѝ гледа во очи на публиката, додека актерски ги пресоздава на самото место на настанот.

Затоа, не е за чудење што сите стихотворци се отимаа тој да им биде хор и гласник.

Сега нема да навлегуваме во подлабоки толкувања на тој феномен наречен Славко Нинов, но неговото заминување од сцената на која сме дојдени за шутраци, нѐ обврзува да го истражиме тој неповторлив актерски стил, како ука и поука за подмладокот актери, кои ќе мораат на Поезијата да ѝ го вратат подзагубениот сјај, по урнек на неговиот систем.

Славко Нинов еден мандат беше и раководител на Драмата во која го помина сиот живот, и придонесе навистина многу, да се отвори простор за младите актери, кои денес веќе се првенци во тој, негов театар.

Ќе останат за вечно паметење и неговите куси и ударни коментари за времето, негово и наше, во весникот „Време“, со кои Славко ја потврдуваше вистината дека за да има илјада лица, вистинскиот актер мора да има лице.