Бранко Цветкоски: Преку прагот е вселената на човекот

(нотации за расказите од книгата „Преку прагот” од Владиката Григориј; Скопје, 11 Април, НУБ „Св. Климент Охридски”)

Почитувани пријатели на литературата, дами и господа,

вечерва, во овој македонски храм на книгата, ние од издавачката куќа „Макавеј“, и нам секогаш драгиот актер, Томе Витанов, и, чудесните македонски кавалџии, продолжуваме, заедно со вас, почитувани, со мисијата на зближување на творците од регионот, со проникнувањето на литературите, на културите, на народите, на начин скромен, но уверлив и искрен, онаков како што го можат само посветените за градење трајни споеви на духот, со премавнување на границите и на историските јазови, со ведрина и со кренати чела…

Ете, во таков контекст мене ми е отстапена честа да се искажам за расказите од еден редок, современ српски духовник и писател, колумнист и мислител, една појава од првите децении на нашиот век, кога литературата се враќа на културната сцена исцелена од драстичниот и крвав налет на неразумноста, безочноста и политичкиот илузионизам на балканските простори. Овој преподобен, Божји посветеник, остава катадневно неизбришлив печат во современата српска култура и продолжува со својата искушеничка мисија на висока верба во моќта на творечкиот глас и во децениите на новиот милениум во кои и српската, и другите литератури во регионот излегуваат на нов духовен и цивилизациски мегдан и се восфалува трајната Божја верба во љубовта меѓу луѓето.

Вечерва, почитувани, со нас е, донеодамна Епископот захумско-херцеговски и приморски, или, сегашен диселдорфски и на Германија Григориј (Дуриќ). Освен со архипастирската работа, нашиот гостин се занимава и со голем жар му се посветува и на книжевното творештво и на публицистичко-беседничките жанрови со кои уверливо придонесува во хуманистичкиот дијалог на нашето време. Автор е на книгите „Иде часот и дошол веќе“ (беседи и разговори, 2004 г.), „Лазар“ (новела, 2008 г.), „Приказна за вистинскиот крал“ (новела, 2009 г.), и „Радост на живеењето“ (колумни, 2010 г.).

Драги пријатели, експресивноста, философската и сакралната димензија во прозниот ракопис на Владиката Григориј, проследени со ракав на метафизичка замаеност и заумност се одлика, која вообичаено не се однесува на раскажувачкиот дискурс, туку повеќе на лирскиот, но во оваа пригода таа одлика недвосмилено кореспондира со прикажувачкиот стил на Григориј во речиси сите 23 раскази од книгата „Преку прагот”.

Во воведниот опис на расказот за манастирот Тврдош, нашиот духовник ќе потенцира: „Светот е чудесен и неопислив. Допрени од неговата убавина, понекогаш успеваме да опишеме едно негово делче, со поголем или помал успех. Сепак, постојат места во овој свет кои не е едноставно да се опишат’’, но зад ваквиот тип автооградување, кое Григориј го практикува во повеќе секвенци од расказите на оваа книга, обично се распостила плавниот душевен изблик, хармонизиран во уверливото прикажување на житејските, сакралните и световните собитија, кои нашиот автор ги искрева во една возбудлива и вознемирувачка вистина. Така дејствуваат неговите ликови во расказите „Праг”, „Камена солза”, „Деца“, „Сакиб” и други. Во својата прозна разгатка на злото во луѓето, на дивите пориви и страсти, на неразбирливите омрази и пизми, на просторите од неговото детство и во пределите на неговото архипастирство, овој суптилен следбеник на Божјата грижа за љубовта и братството меѓу луѓето, наоѓа уверлив начин да ја извлече моќта на простувањето, невидливата дејственост на премолчувањето и во расплетите на прозните собитија да остави место за драматика, која му прилега на антејскиот и на орфејскиот порив во човекот. Григориј, ја видел, ја преживеал и сака да ја овековечи драмата на човековиот раскол во самото човеково битие и потоа да посведочи (како во расказите „Жива вода”, „Грижа”, „Филип”, „Ања” и други), дека само слевањето, само крштевањето со вистината е неразрушливиот подвиг, кој му останува на човекот при неговиот земен престој.

На тој начин Григориј ни распостила една мудра раскажувачка висорамнина од каде на апокалипсата, која секојдневно ги потопува сетилата, тој гледа како на одложена божја закана/поука, која останува покрај човекот за да ги угаси неговите зли пориви. Во неговиот поглед кон најпресната балканска стварност, која е најнегативно дозирана како стварност, тој смогнува да извлече индивидуална моќ да погледнува со блага иронија, со самоиронија, со искосен дури и шегобиен поглед да ги осмислува магистралите на една нова духовна комуникација во која централната вредност ќе биде човекот, а не неговите илузии.

Така, овој книжевен и духовен испосник среде бурниот српски и балкански премин во новото столетие ја создава својата книжевна градба, започната со пречекорувањето на домашниот судбински праг и преминува во светот отаде прагот, каде е неразбраната вселена на човековите постапки.

Откако ќе ги прочита овие раскази, читателот спознава дека се сретнал со книга која има литерарна амбиција со повеќе пластови: да се протегне од обичните, ежедневни проблеми, радости и преокупации на човекот, па преку неговите трауми предизвикани од судирите на социјален, духовен, душевен, емоционален, па и на национален план, сѐ до темелната и неразрешлива запрашаност: што, всушност, претставува човечкото битие, кои се неговите вистински својства, на какви сѐ доблести и ѕверства е подготвено? Оттука и впечатокот дека читаме моќна и суверена книга, која наликува на химна на отпорот и копнежот по светлината на божественото лице на човекот, озрачено од сушноста на Богочовекот, но и по светлината на писмото, на книгата, на таа восхитувачка еманација на таинствената човекова содржина. 

Станува збор за високо достигнување од областа на прозното творештво на современата српска книжевност. Овој современ духовник во својата проза е номад на душата, растреперен зналец, кој ита по тајните на постоењето и по возвишенијата на љубовта, на тагата и на трајната човечка повтеж по темелните цивилизациски категории: милоста, прошката, вербата во другиот како во себеси и безграничната љубов.

Имајќи го денес и во македонската духовна ризница прозното искуство на Владиката Григориј, ние треба да бидеме благодарни затоа што во неговата поезија со широк замав се опфаќа многустраниот и загадочен лик на нашето време, затоа што мудроста на вековите ја преточува во модерен прозен екстракт, затоа што неговата мисла целосно го задржува нашето внимание и во македонската преводна ризница приопштуваме име, биографија и дарови со кои ќе бидеме побогати и погорди пред себеси, пред другите, и со другите.

Затоа почитувани вечерва ние заедно го поздравуваме меѓу нас присуството на овој редок гостин и му посакуваме нови книжевни и духовни дела и доблести, а на Владиката Давид му благодариме за првоподадената идеја и рака за да се збидне оваа книга, која умешно и полетно ја преведе госпоѓата Лавинија Шувака.