Предговор кон книгата „Времетворење“ на Епископот стобиски Давид (Нинов)

Во своите раце, читателот го држи севкупниот збир колумни, напишани од перото на епископот стобиски г. Давид (Нинов), за „Слободен печат“, најтиражниот дневен весник во земјава. На чело со главниот и одговорен уредник Бранко Героски, весникот ги печатеше колумните еднаш седмично, секој четврток во рубриките „Агол“ и „Трибина“, низ текот на 2016 г., 2017 г., и 2018 година. Испитувањата покажаа дека посочените колумни, како самобитен авторски запис низ едно одлучувачко време, наидоа на одзив, на читаност, а напати предизвикаа преписка, полемика. Само дел од нив, заедно со текстовите, кои епископот Давид ги имаше објавено во неделникот „Сега“ и на неговиот блог: david-ninov.net, излегоа во неговата претходна книга „Секој крај, нов почеток“. Оттаму, убава е заложбата на книгоиздателството „Макавеј“, овојпат сите колумни да бидат собрани на едно место и да бидат отпечатени во една книга со наслов „Времетворење“, токму како документ на посоченото време.

На читањето на колумните, се чини, полезно е да му се пристапи така што најпрвин ќе се согледаат низ призмата на конкретното место и време, кога се пишувани. Битно е да се предочи дека местото кадешто се пишувани е осакатеното Скопје (со проектот: Скопје 2014), во време кога домашната политика го спушти нашето општество до тоа рамниште, од страна на напредните демократии да биде стигматизирано како – делумно слободно општество!

Следствено, поаѓајќи од неговите меѓусебно испреплетени теолошки, философски и поетски интереси, колумните на Давид Нинов опфаќаат широк спектар на теми: од проблемот на слободата на човекот (колку е слободен кога е делумно слободен?), потем на името, на јазикот, на азбуката, до проблемот на националшовинизмот; потем, аспектот на запознавања на културите, осврнувањето на црковните прашања во секојдневниот живот, прогоните врз верска основа, политичките судови, железните крстови, патарината, фалсификувањата на историјата и мноштво други теми, карактеристични и актуелни за местото и времето на испишувањето на колумните.

Согласно на погоререченото, впечатлив е фактот дека колумните се пишувани во време на политички и историски пресврт, значи во периодот на последната година од долгогодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ (период честопати определен како назадувачки за демократијата во нашата земја), и првата година од владеењето на СДСМ (исто така, период проследен со низа недоследности, особено во однос на почитувањето на човековите права и слободи).

Бидејќи авторот никогаш не бил припадник на ниту една политичка партија, колумните се пишувани самовластно, од објективна дистанца, добронамерно и со конструктивен критички пристап кон власта, без разлика на нијансите во политичката боја. Впечатлив е и податокот дека оваа книга го црпи својот наслов од една од колумните со индикативен наслов: „Времетворци“, која беше отпечатена и се појави во весникарниците токму утрото на денот кога се случија познатите настани во републичкото Собрание, на 27 Април 2017 година.

Имајќи предвид дека колумните ги пишува православен епископ, тие претставуваат и подадена рака за јавен дијалог помеѓу теологијата и философијата на животот, претставуваат подадена рака за дијалог, соработка и соживот помеѓу сите луѓе, без разлика на етничката и верската припадност. Тој дијалог претставува одлика на сите цивилизирани средини! Се разбира, исклучоци се оние личности, кои сметаат дека општествените и политичките проблеми треба да се наоѓаат вон интересот на црквата. Следствено, на сметка на сопствениот слободен настап, тие личности го оспоруваат правото на слободен и јавен израз на црквата! Но, таквата поделба е последица на еден очаен расцеп во размислите на оној дел од општеството, кој ја расцепува и метафизиката од физиката. Токму таквото присвојување, автономизирање на проблемите во една заедница, во суштина претставува врв на самообожувањето, т.е. класично идолопоклонство.

Колумните од книгата „Времетворење“, се видлив знак дека луѓето од црквата не се пасивни набљудувачи, туку активни учесници во општествениот живот. Според зборовите на епископот Давид Нинов, изречени како одговор на прашање при едно негово гостување на телевизија со национална концесија: колумните го претставуваат неговиот граѓански активизам.

Конечно, одлика на текстот на колумните бездруго е синтагмата: критичка гносеологија, која повеќепати ја истакнува, ја нагласува и самиот епископ Давид Нинов, како синтагма водилка при пишувањето на содржината на овој збир на колумни со наслов „Времетворење“.

Епископ брегалнички Марко