Епископ стобиски Давид: Фотељокентаури!

Со спласнувањето на занесот и префрлање на вниманието на претстојните избори, можеме да бидеме на чисто: причината за целосниот дебакл на РСМ од недобивањето преговори со ЕУ, вистинољубивите новинарски пера со хируршка прецизност ја лоцираа во целосното отсуство на суштинските реформи! Ако реформите се збиднат, од нашава, со тапија делумно слободна земја, некогаш треба да направат целосно слободна демократија. Безбели, веќе на сите им станува јасно дека едно нешто се политичките договори со соседите; сосема, пак, друго нешто е континуираното владино минирање на реформскиот процес, особено таму кадешто е најпотребен, во фингираното домашно судство!

Токму затоа, Амбасадорот на ЕУ во РСМ, Самуел Жбогар, пред отприлика еден месец истакна дека: „Наоѓањето решение за функционално судство е поважно, отколку да се добие датум за преговори со ЕУ”; а, деновиве, на прашањето за проширувањето на ЕУ, потврди: „Она што го менува животот на луѓето се реформите. Реформите во правосудството… Процесот на проширување е тука да ги поттикне и помогне реформите. Но, тој не е замена за реформите“. Оттука, следува, не заматена демагошка претстава, туку бистар показател за какви конкретни реформи станува збор!

Пред неколку години имав состанок со еден висок претставник од сегашнава Влада во заминување. Тогаш, на средбата, полетно ми беше речено: „кога ќе дојдеме на власт, ќе ве регистрираме, бидејќи ние се водиме според принципот – единство во различностите; конечно, мораме да го смениме постоечкиов однос кон верските слободи, особено затоа што лично знам на колку проблеми наидуваме како држава во односите со ЕУ, токму поради прогонот, спроведуван врз вашата црква. Во ЕУ со интерес го следат вашиот случај”!

Минатата година, Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја осуди РСМ! Пресуди дека државата е виновна за тоа што ја одбила регистрацијата на ПОА, истакнувајќи дека скопскиот суд е должен (согласно Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП), да ја отстрани повредата и последиците, кои настанале со нерегистрирањето на ПОА! Граѓаните од различни националности и убедувања требаше и сѐ уште треба да ја плаќаат палавоста на политичките елити и да се срамат од фактот дека живеат во држава, осудена за спроведување прогон врз верска основа! Вџашувачко е лицемерието, кое произлезе од мигот кога пристигна осудителната пресуда од Стразбур. Споменатиот функционер овојпат седеше во Владата, која, без да внимава каква штета тоа ќе предизвика за нејзиниот имиџ во ЕУ, реши да се жали на пресудата! За владиниот срам да биде уште поголем, Големиот совет на Стразбур експресно ја отфрли жалбата на Владата на РСМ, и ја потврди осудителната пресуда!

Каква е постапката откако една Влада, во случајов Владата на РСМ, ќе биде осудена во Стразбур? Бирото на Владата за застапување на РСМ пред Европскиот суд е обврзано да го извести судот во Скопје за осудителната пресуда, а скопскиот суд е должен да ја поништи одлуката со која ја одбил регистрацијата на ПОА, и сега, согласно пресудата на Стразбур, веднаш да ја впише како регистрирана црква. Бирото, т.е. Владата не ги презеде тие мерки! Постапката ја покрена ПОА пред една година и два месеци, но Владата, мешајќи се во судството, почна да испраќа емисари, кои ни соопштуваа услови под кои тие би ја регистрирале ПОА; како Стразбур воопшто да не се беше случил! Услови, кои се спротивни на здравиот разум и на пресудата од Стразбур, која, пак, РСМ со закон се има обврзано – беспоговорно да ја почитува! Веројатно, не знаејќи ја или прикривајќи ја вистината, госпоѓата министерка во заминување Рената Десковска, ем тврди дека Владата не врши притисок врз ПОА, ем ја повикува ПОА позитивно да одговори на опскурните услови, овојпат изречени од сервилната судијка Сузана Дончевска.

Кога меѓународната заедница ја нагласува потребата од реформи во судството, помеѓу останатото мисли и на судскиот прогон врз ПОА, бидејќи од почетокот на одбивањето на регистрацијата на ПОА во 2004 г., па низ судската одисеја до оваа 2019 г., го следи развојот на настаните, кој резултираше со стразбуршката осуда на Владата на РСМ! Всушност, одбивањето на судот да ја регистрира ПОА, беше и една од причините за донесување либерален закон за регистрација на верски заедници, кој РСМ, немајќи суштински верски слободи, го користи само како розова амбалажа. После Стразбур, во ЕУ им е јасно дека заради племенскиот пристап и виртуелното судство, страдаат не мал дел од слободномислечките граѓани на РСМ. Да ги кажеме нештата на едноставен јазик, разбирлив дури и за Рената Десковска: стандарди, па статус! Лакмусот е ПОА!

Оттука, целосно е небитно дали на претстојните избори на власт ќе дојдат Социјалдемократски капиталисти, некоја Internal Revolutionary Organization или, пак, трета опција. Кој и да дојде, добредошол, но нека го сопре антидемократскиот порив, нека не ја инфантилизира јавната свест и нека започне со реформите веднаш! Секое понатамошно одлагање на регистрацијата на ПОА, само одново и сѐ повеќе ќе го прави секој следен премиер, министер за правда, министер за надворешни работи, или, пак, сеедно, судија, значи, сите нив заедно, ќе ги прави фотељокентаури, вечно заглавени во чекалната на политичкото беснило и самопорекнување, и, уште ќе ги прави варвари во очите на цивилизираниот свет!

Колумната е објавена на 24. 10. 2019 г., во Плусинфо: https://plusinfo.mk/фотељокентаури/