Епископ стобиски Давид: Црно-белите и ние останатите!

Денес, веројатно повеќе од било кога, Северна Македонија се наоѓа пред едно судбоносно распаќе! Затоа, никому веќе не му е потребно излишно празнословие, туку неопходни се храбри, пророчки гласишта, и, пред сѐ, динамични дела. Државичкава во обид, исправена е пред две насоки. Првата е интровертност, останување сама со себе ваква каква што е, и, следствено, добивање отказ! Втората насока е побудата да се стане автентичен израз на отворено вреднување на луѓе и идеи, пресоздавање, обнова, која подразбира конечно рушење на сценографијата за безбројте генерални проби; значи, подразбира целосен пресврт, не на возраста на општествените чинители, туку на менталитетот. Со други зборови, ракот не се лечи со аспирин и ветувања, туку со хируршка интервенција! Доколку, воопшто, е излечив!

За реченово да не звучи апстрактно, бездруго потребна е поткрепа од илустрација. Секако, не би илустрирал со пискарало како Тричковски, бидејќи во миговите кога ретко наидувам на презимето на оваа индивидуа, неминовно ми навира парафразата од еден демитологизатор, согласно која, сличноста на појавата на Тричковски со некои од скулптурите низ Скопје е толку воочливо голема, тој толку се има претопено со тоталитаристичкиот дискурс и со анимозитетот кон различното мислење, така што птиците, кои летаат низ градов, се чини понекогаш го заменуваат со спомениците. Затоа, пак, претходно посоченото може да биде поткрепено со примерот на Ненад Јовановиќ. Без задна намера, очебијна е трансформацијата на овој неодамнешен колумнист, во еден провинциски партиски бот. Не е толку страшно што испопромаши, трубејќи дека земјава ќе добие преговори, кога на упатените им беше јасно сосема спротивното, колку што е res dubia тврдењето дека политиката на премиеров во заминување: „нема алтернатива“! Затоа и нему, вујко му Бас му возгласува од покривите, та се надевам добронамерно и ќе го чуе: Ненад, ако веќе морате да се дружите, да бидете заедно, таа заедница нека ви биде за колку што е возможно поневажни, побудалести нешта, само нека не ви биде за нешто што е важно, како на пр., верата, љубовта или слободата. Фашизмот почнува таму, кадешто колективно се мисли за она што е приватно и кадешто заеднички се одлучува за тоа колкави се и какви се правата на личноста, сама да си одлучува за своето срце и глава.

Не претпочитам груби изрази, затоа учтиво истакнувам: партиските ботови од црно-белата слика треба да знаат дека приватната слобода на нас, граѓаните припадници на верата во која сонуваме во боја, продолжително бива силно удирана со фашистичкиот чекан на колективизмот, чекан кој во рацете го држеле изминатите, но го држи и моменталниов, за жал, не баш елоквентен премиер! 

Некаде во 8-от век пред Христа, пророкот Исаиј не можеше да премолчи, та вонвременски пророкуваше за народот кој ќе слуша, но нема да разбере, ќе гледа, но нема да познае; срцето на тој народ ќе закорави; нема да гледаат со очите свои, со ушите нема да слушаат, со срцето нема да разбираат; така слепи, глуви и безумни нема да се обратат за да најдат исцеление (Ис. 6.10). Оттука, доколку повторувајќи многупати дека некој човек е куче, дали со самото повторување, тој човек дејствително ќе го смени обликот и ќе стане куче? Следствено, доколку оваа држава ја наречеме демократска држава, доколку вергламе дека е систем, кој подразбира владеење на правото, правна и економска сигурност за секој граѓанин подеднакво, дали само затоа што така сме го именувале системот, ќе значи дека на еден волшебен начин, државата навистина станала напредна и демократска? Секој нека си одговори, според сопствениот капацитет за расудување.

Во една прилика Славој Жижек ќе го постави следново прашање: – Каде мудриот човек го крие листот? И, продолжувајќи, одговара приближновака: – Во шумата! Но, што прави доколку не постои шума? Тогаш тој ќе засади и ќе порасне една шума, за таму да го крие листот. А, доколку некој човек сака да сокрие едно мртво тело, тогаш тој ќе направи цело бојно поле со мртви телаи таму ќе го сокрие едното мртво тело! Северна Македонија стана поле на мртви души, за да се дотепаат преживеаните! Поле во кое, за жал, сѐ уште се крие смрдеата на тоталитаризмот, кој ги гони и преследува слободномислечките, кој не дозволува развој на мислата, кој не го дозволува начинот на постоење што подразбира добронамерно расудување, а никако и никогаш, разделување. Конечно, се исполни времето дури и ботовите да научат што е тоа – расудувачко единство!

Денес, за човекот да гледа што сѐ му се случува, потребно е да ја чуе познатата изрека на експресионистите: – За да гледаме, треба да ги затвориме очите! Овие зборови упатуваат на оние, за сите големи деца, познати две реченици: – Само со срцето може точно да се гледа. Најважното е невидливо за очите!А, видливое дека разни офарбани револуции можат да одведат во уште посуптилно ропство. Затоа, за да не се повтори црно-белата слика, потребна ни е уметност на постоењето, која, според Адорно, ќе предизвикува хаос! Хаос, кој во суштина е критика на грдото во стварноста. На истото повикува и Вирилио со промовирање на нерамнотежата, која е кадарна да го измести, т.е. да го придвижи вкочанетиот човек. Хаос и нерамнотежа во однос на црно-белата слика! Од такво востание најголема потреба имаат денес, првин самите црно-бели, а, бездруго, и ние останатите! 

https://plusinfo.mk/црно-белите-и-ние-останатите/