Епископ стобиски Давид: Владата не сака во ЕУ!

Расчленувајќи ја, со хируршка прецизност, интелигенцијата на злото, Бодријар ќе го постави полнозначното прашање: „За кого бијат посмртните камбани на политиката“? Во потрага по одговорот, тој ќе предочи дека, денес, политиката претставува простор, во кој дејствува злото! Поточно, за жал, политиката се управува од злото, кое е распрснато во поединци политичари, но и во колективни манифестации, преку сите нејзини, извесни облици: повластиците, порокот и корупцијата.

Имајќи го предвид завчерашното, траурно обраќање на премиерот во заминување, во однос на прочистувањето на судството од нечесните судии, станува очебијно дека политичарите, како луѓе со земна моќ, се соочуваат со двоен проблем: првиот, на политичко рамниште: – како да ја остварат моќта; и вториот, на симболично рамниште: – како, демек, да се отарасат од моќта, како, демек, да ја префрлат кај другиот! Затоа, согласно на Бодријар, при секое такво, јавно повикување за преиспитување на одредена власт, во случајов судската власт, секогаш избива едно изопачено барање за нов хилијазам, за ново илјадагодишно владеење, кое потекнува од моќта, која е подготвена да се изјасни и против самата себе, која дури и самата себе јавно би се разобличила, отстапувајќи ѝ место на некоја радикална околност (прочистување, нели!), под услов таа околност да го одмрси замрсениот јазол на менталната корупција.

Следствено, од обраќањето на премиерот во заминување, видливо е дека на власта ѝ преостанува едната и единствена цел: обнова на нивната каста и повластици, и тоа со наше најголемо одобрување, кое ќе го оправда фактот дека токму тие остануваат перверзниот инструмент на нашата сувереност. Значи, деновиве политиката станува маска, та следствено, доколку се демаскираат, политичарите ќе ризикуваат болна средба со одговорноста.

И, пред да се осврнеме на еден можен агол на читање на спомнатото обраќање на премиерот во заминување, неопходно е да се истакне дека корупцијата на судската елита, сосема јасно станува колективна психодрама, та бидејќи имаме политичари и судии какви што заслужуваме, ако ги презираме, тие ќе сакаат тоа да го претстават како презир на граѓаните кон самите себе! „Токму како што прават вистинските политички животни“, истакнува Бодријар. Тоа е таа лукавост, поради која политичарите, штом се заплеткаат во моќта, веднаш и без гајле се подготвени да застанат пред судот на јавното мнение, па дури и да се осудат за своите злосторства, само за возврат да си уживаат во својот вештачки имунитет.

Затоа, да направиме еден ораторски експеримент и апстрактната беседа на премиерот, да ја изговориме со конкретен пример, видена низ диоптерот на претходно реченото. Вели вака: „Изминативе две ипол години од нашето владеење, се покажа дека судството остана последната тврдина на заробената држава! Да, после толку години наше практикување на моќта, ние сме сѐ уште заробена држава, но не сме ние виновни! Токму последните упоришта на заробената правда, продолжија да ни ги контролираат судските процеси. Еве, на пр., судијата Сузана Дончевска, упорно одбива да ја спроведе пресудата од Стразбур, со која сме осудени како држава, бидејќи не ја регистрираме Православната Охридска Архиепископија. Додуша, и ние како Влада се жалевме на стразбуршката пресуда, но Големиот совет веднаш ни ја отфрли жалбата, та затоа сега, без гајле застануваме пред судот на јавното мнение и уживајќи го имунитетот, мораме да кажеме дека таа колективна психодрама на недобивање преговори со Брисел ни ја приредија сваровските судски центри на моќ, кои го попречија патот на правдата. Инаку, ние ич не се мешаме во судството. Затоа, го повикувам Судскиот совет да ја оцени одговорноста на судијата Сузана Дончевска и целосно да ја провери нејзината професионалност и ажурност во работењето. Замислете, таа, цели две години, не спроведува пресуда од Стразбур, а ние, како држава, имаме императив да ја спроведеме! Мораме да обезбедиме правосудство, кое одлучува. Мораме да го прочистиме судството од неажурните, непрофесионалните, корумпираните. Владата ја повикува и Европската комисија, веднаш, ама баш веднаш, да го стартува и инструментот за мониторинг на судските случаи и да види дали скопскиот суд ги спроведува пресудите против Северна Македонија, донесени од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, или ги забошотува, со знаење на власта! На тој начин, правда ќе носат само праведни судии, а не кочничари на правдата“!

Кога ќе ја чујат беседава, Латините ќе речат: Confesio est regina probationum (Признанието е кралица на доказите)! Затоа, доколку Владата навистина сака во ЕУ, нема да гризе луѓе, туку експерименталниов говор одамна ќе беше стварност.

Едно куче имало навика да апе! Господарот му врзал на шијата ѕвонче, за сите да го насетат. Песот самодоволно се шетал, ѕвонејќи наоколу. Старата, пак, кучка, му се обрнала со зборовите: „Што се перчиш? Ти не го носиш тоа ѕвонче заради достоинство, туку како укор за скриеното зло“! Разголувајќи се, интелигенцијата на злото почнува да ги бие посмртните политички камбани за политичките животни (Аристотел: πολιτικόν ζώον), кои биле, кои се и кои ќе бидат! 

https://plusinfo.mk/владата-не-сака-во-еу/