Празникот е продор на возвишеното во секојдневниот живот!

%d0%b2%d0%be%d0%b2%d0%b5%d0%b4%d0%b5%d0%bd%d0%b8%d0%b5-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%b5%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b0-%d0%b1%d0%be%d0%b3%d0%be%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%b8%d1%86%d0%b0

Празникот претставува продирање на нешто возвишено и светло во нашиот секојдневен живот, празникот укажува на она што е таинствено во овој свет, а коешто ние луѓето го забораваме, прекривајќи го со сивилото на секојдневието.

Многу умно еден од современите теолози истакнува дека денешниот свет постанал здодевен и безпразничен, така што ниту вештачките, бирократски, општествени празници не успеваат да го спасат човекот од пепелта на жалоста и разочараноста.

Во Црквата празникот секогаш бил копнеж по изгубената убавина без којашто не може да се живее, копнеж по можност за поинаков живот.

Continue reading “Празникот е продор на возвишеното во секојдневниот живот!”

Епископ стобиски Давид: Реално, секогаш победува животот!

Layout 1

Постои една впечатлива самурајска изрека: вистинскиот борец, прво победува, па дури потоа влегува во битката! Со исцрпеност од издолжената борба, граѓаните се приближуваат кон гласачките кутии. Во една таква состојба, кога откажуваат последните сили, надежта дека ќе се достигне посакуваното, за луѓето претставува еден вид аналгетик, поточно противотров за угризот од безизлезот. Колективната меморија памети дека овој народ живееше во една држава со Хрватска, а ѝ се потсмеваше на Бугарија, продавајќи ѝ фармерки и „Стела“ мастики за џвакање. Сега народот е издресиран да се радува, кога на ударните вести ќе најават дека од анонимни извори се дознава како утре некоја африканска земја ќе ја признае нашата држава. Се разбира, следниот ден ништо од најавата. Сепак, тетеравејќи се, борецот, речиси во бесвест, се приближува кон кутиите!

Следствено, логични се прашањата: ако, некогаш, се појават новите знаци во нашето општество, коренито различно од ова денес, кои ќе бидат нивните основни одлики? По што ќе го познаеме новото општество, без притоа да станува збор само за шминкање на мртовецот? По што ќе познаеме дека не станува збор само за ремонт на дотраеното, со ограничен рок на траење, туку за ново вино во нови мешини?

Новото, за да може дејствително да биде ново, не може да биде персона. Не може да биде воплотено во една индивидуа, па макар таа индивидуа да биде и некој харизматичен владетел. Ќе ве потсетам на онаа позната анегдота, кога некој човек се обидуваше да го натера Хипократ да оди во Персија за да го види Ксеркс, оти, како што му зборуваше, бил: „добар владетел“! Хипократ одби, велејќи: „Не ми е потребен добар човек, којшто ќе владее со мене“. Времето на „добри“ владетели е поминато! Новото може да биде само јака екипа (како на пр., најдобриот фудбалски тим), заедница со извршен капацитет, која ќе предводи во обликување на нов функционален систем и за најзафрленото село, според принципот – прво дело, потоа фалба, прво скокни, потоа речи: „оп“!

Continue reading “Епископ стобиски Давид: Реално, секогаш победува животот!”

Епископ стобиски Давид: Носталгија за иднината!

%d1%81%d0%bf-24-11-2016

Времето на постоењето низ волшепството на детските мечти за мнозина денес провејува со молскавична брзина, и, еве, човекот се судира со суровоста на здодевниот живот според навиките. Човекот почнува да постои по навика, а не творечки! Но, не секој човек! Ми се мешаат времињата кога мислам на поетот Игор Исаковски (1970 – 2014; во пресрет на двегодишнината од неговото упокојување ги пишувам овие редови)! Тој човек имаше очи, во своето опкружување да ја согледа голотијата на секојдневието, та истовремено да се бунтува и да сведочи дека уметноста е неспоива со животинскиот нагон за преживување преку паразитската прикаченост за институцијата. Беше кадарен да го види другиот, потонат во несигурноста за иднината и во една нагласена изгубеност. Погледот му се вдлабочуваше до човештвото, кое заборава зошто живее! До сржта на човештвото соголено од вродениот поетски јазик, за кој не е свесно дека го носи во себе, за себе си да се изрази!

Вистина е, поезијата денес бива прогонета од животот! Херкуловски подвиг сега прави Игор Исаковски да го облече човекот во облеката на несекојдневното, да го врати отуѓениот кон творечкиот порив. Еве го, и сега сведочи дека сето движење во и околу него, природата и љубените од опкружувањето, кои продолжително се восхитуваат и борат, дека секоја вистинска икона на животот зборува со длабокиот јазик на поезијата. Оние кои ќе го чујат и разберат, ќаруваат стара и нова трогнатост. Еве си, Исаковски! Ти, всушност, го поедноставуваш комплицираното и даваш поетска основа на сѐ што со својата прозаичност не го задоволува изострениот критериум на мислечките битија.

Continue reading “Епископ стобиски Давид: Носталгија за иднината!”

Епископ стобиски Давид: Аријадна!

%d0%b0%d1%80%d0%b8%d1%98%d0%b0%d0%b4%d0%bd%d0%b0

Без сомнеж, доаѓа време на преобразба за нашето општество! Но, преобразбата нема да биде целосна, доколку општеството не се ослободи и од оковите на тоталитаристичката идеолошка матрица, кои притискаат врз сржта дури и на партиите, кои го сочинуваат демократскиот амбиент, што претставува своевиден парадокс. Тоа значи дека новото општество, помеѓу останатото, конечно ќе треба да се ослободи и од бесмислениот товар да го штити монополот на тромавите научни, религиозни и сл., институции, кои ексклузивно се самопромовираат во уставни категории и столбови на нашата државност! Во продолжение, накусо ќе го образложам реченово.

На сите ви е познато дека мнозина што влегоа во лавиринтот за да го совладаат Минотаурот, умираа во него, неможејќи да го најдат патот назад, до излезот. Митот вели дека, кога дојде јунакот Тесеј, во него се вљуби Аријадна и таа му даде клопче со конец, та тој го врза на влезот, го совлада Минотаурот и благодарение на клопчето на Аријадна, лесно го најде излезот од лавиринтот.

Се најдовме изгубени во лавиринтот на животот. Живееме измачувачка криза, ни пресудуваат настаните, кои ни се случуваат. Сега ни суди сѐ што сме правеле со години! Ни пресудува сето тоа што сме го направиле од државата, од образованието, и, воопшто, од тоа какви цели сме си поставиле во личниот и заедничкиот живот. Подолг период наназад, како првенствена цел и содржина на животот, се чини, го имаме поставено потрошувачкиот менталитет. Радоста на творештвото, на студирањето, на знаењето, на читањето книги, вреднувањето на квалитетите, правата и слободите на човекот, сѐ се потчини на единствената цел на животот – владеење само на оскудниот брокерски менталитет! Купи олку, продај толку, ова е скапо, она е евтино, колку чини автокефалија, колку е бадијала судството… едноставно, сѐ се потчини на обоготворување на тргувањето. Денес мнозина веќе не студираат за знаење, туку за титула! Се фалиме, не со пријателства, туку со „врски“! Се гласа за ситен ќар, и така стигнуваме до една држава, непочитувана, озлогласена, вандализирана. И, сето ова, бидејќи на мнозина, заради официјалната владина идеологија, им недостасуваше смисла за постоење и сопостоење.

Continue reading “Епископ стобиски Давид: Аријадна!”